X
 27.06.2017 Образование

Младите и во писмените работи пишуваат како на Фејсбук

На социјалните мрежи тие најмногу користат кратенки од англискиот јазик, како што се LY (те сакам), PLS (те молам), OMG (Боже), LOL (многу смешно), BFF (најдобри пријатели засекогаш) и сл., но многу користат и кратенки од македонскиот јазик, при што најчесто пишуваат на латиница.


Фото: Pixabay 

Ljubof4e moe LY najmn na svet, kis4 i pozz. Читајќи ја оваа реченица многумина ќе си помислат дека станува збор за еден од оние онлајн тестови за брзина на читање или за текст со правописни грешки, но всушност тоа е стандардниот начин на кој се изразуваат младите во земјава на социјалните мрежи. Жаргон, сленг, кратенки, нови кованици, бројки наместо конкретни букви, се дел од изразувањето на младите на Фејсбук, Твитер, Инстаграм и другите популарни мрежи кое постарите генерации речиси воопшто не можат да го дешифрираат. Голем дел од овој правопис и говор тие го користат и во секојдневната комуникација, па дури и во писмените и домашните работи во училиште.

Од она што може да се забележи, младите во земјава најмногу користат кратенки од англискиот јазик, како што се LY (те сакам), PLS (те молам), OMG (Боже), LOL (многу смешно), BFF (најдобри пријатели засекогаш) и сл. Но, многу користат и кратенки од македонскиот јазик, при што најчесто пишуваат на латиница. Така, на социјалните мрежи може да се прочита најмн наместо најмногу, љубоф наместо љубов, позз за поздрав, кис4е наместо бакнеж.

Лингвистите посочуваат дека овој начин на изразување на младите е дел од таканаречената интернет писменост која што е карактеристична за дигиталната ера. Се одликува со користење кратки изрази и фрази кои се разбирливи за широката популација. Според нив, овој вид писменост треба да се прифати како нормална сѐ додека станува збор за неформална комуникација. Сепак, тие посочуваат дека проблемот настанува кога овој вид на изразување и пишување се користи и во формалната комуникација, особено во училиште.

Професорката по македонски јазик Марика Иванова вели дека секојдневно се соочува со овој проблем кај учениците.

- Не ми пречи толку што ги слушам дека меѓусебе зборуваат со кратенки од англискиот јазик и со некои нелогично скратени литературни зборови од македонскиот јазик, но не можам да прифатам дека така и пишуваат. На табла и во писмените работи честопати читам љубоф, пофтори, Горги. Честичката ќе ја пишуваат ке, а кај некои ученици забележав дека не користат љ туку лј. Сето ова најмногу е под влијание на англискиот јазик што денешните деца го учат уште од градинка, но и на модерното изразување кое го копираат од социјалните мрежи сакајќи да се во тренд со своите врсници од другите земји – вели Иванова.

Дополнителен проблем, сметаат професорите, е што младите денеска сѐ помалку читаат книги, со што не го збогатуваат својот речник. Речиси никој не чита весници и магазини, а дури и дел од тестовите што ги полагаат во училиштата се преку компјутер. Најголем дел од нив редовно читаат различни статии на интернет од неофицијални извори како што се блогови и сл., каде авторите и не внимаваат многу на литературно изразување и точниот правопис.

- На прстите од едната рака може да се избројат децата во еден клас кои самоиницијативно сакаат да научат правилно да пишуваат и да говорат. Верувајте, тие служат за потсмев во класот зашто не се „ин“. Сите просветни работници, но и родителите треба интензивно да се вклучат во решавање на овој проблем бидејќи во иднина ќе се соочиме со генерално неписмена нација која нема да знае ниту да пишува, ниту правилно да се изразува – смета Иванова.

Светската банка неодамна објави економски извештај за Западен Балкан според кој дури две третини од младата популација во Македонија е функционално неписмена. Тоа подразбира дека толкава популација во земјава умее да чита, пишува и зборува со ограничени и основни вештини, и дека нема основно познавање на работење на компјутер, како и разговорно познавање на некој од светските јазици.
Подготвил: Д.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование