X
 27.06.2017 Образование

Учениците ги зедоа оценките, наставничките – подароците! Реприза на 8 Март на доделувањето на свидетелствата!

Учебната година традиционално завршува со свечениот чин на доделување на свидетелствата на учениците. Доаѓа моментот на олеснување за повеќето од родителите, барем за оние чии деца успешно ја завршиле годината и што ќе се пофалат пред блиските и роднините со оценките од свидетелството. Самото доделување е момент на радост за децата. Радоста во гласот на родителите, да се избере убава облека за да се појде в училиште, се префрла на децата и го чекаат денот кога учителката ќе им каже „браво“ и ќе ги пофали.



Како што за многу работи во последните години измислуваме некакви нови „вредности“, ритуали, така и во ова можеме да се пофалиме. Имено, се чини како осмомартовската еуфорија да ни се повтори и во јуни, па мајки итаат по продавници за да изберат чанти (во името на целото одделение по еднаков доброволен прилог), парфеми, накит од „Сваровски“... Дури осамнуваа коментари од типот – „дајте, предложете што да ѝ купам на наставничката, да не ја разочарам како за 8 Март!“

Чиј ден е денот на доделувањето на оценките? За кого треба да е убав, радосен, за последен пат да се сретне со другарчињата во училишната клупа, да ја гушне наставничката и да добие „браво“? На учениците и на никој друг! Зарем ја немаме целата година за да ѝ подариме нешто на наставничката од срце, кога ќе посакаме, а не затоа што цела средина наоколу притиска дека е правилно?
Просветната работа е една од најблагородните дејности во секое општество. Секој што искрено избрал да го работи тоа е човек со големо срце. За наставниците, најдобриот подарок е знаењето на ученикот и кога еден ден ќе се пофалат дека му биле наставник, а не чантата, која прашање е дали ќе ѝ ја погодите.

Цвеќето се чини демоде во нашето општество. Затоа што сме желни за трајни вредности, цвеќето не ни е избор, оти „ќе се исуши за три дена“.

Подарувањето е убав чин на кој треба да ги учиме децата, меѓу другото, тоа да го прават спонтано, кога ќе се инспирираат или кога одреден подарок ќе ги потсети на драгата личност. Подарете ѝ книга на наставничката во текот на годината, подарете ѝ честитка што самите ќе ја направите за нејзиниот роденден или за некој празник, научете кое ѝ е омилено цвеќе... Има многу моменти во целата година.

Има и такви родители кои се обидуваат да ги подучат децата дека тој ден е нивни и на никој друг.
-Ми се јави една мајка со која претходно се согласивме дека не се носи ништо за доделувањето на оценките, но неколку минути пред да почне часот и таа купила оти сите носеле. Така, на моето дете му дадов пари за цвеќе. Се покосив себеси, а и објаснувањето што му го дадов на моето дете претходниот ден - дека тој ден е за учениците, а не за учителките. Не сакав да ја двојам ќерка ми од другите деца, иако знам дека тоа е погрешно. Отиде во цвеќарница и таму ѝ рекле дека не продаваат по еден цвет, ами мора букет, па за две учителки чинеше 400 денари – вели револтирана мајка чие дете учи во основно училиште во Карпош. 

Срамота е да се двои – тоа е најважната мисла водилка штом детето ќе тргне во училиште, така и за ова.

   

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование