X
 28.06.2017 Култура

Нобеловиот говор на Боб Дилан: „Пеј во мене, музо, и така раскажи приказна“

боб

Кога ја добив веста дека ја добив Нобеловата награда за литература, се запрашав која е врската помеѓу моите песни и литературата. Сакав да размислам за тоа и да ја откријам врската. Ќе се обидам да ви ги пренесам моите мисли за тоа. Тие веројатно нема да ви бидат сосема јасни, но се надевам дека ќе бидат достојни за вашето внимание.

Ако се вратам на моите почетоци, тука е Бади Холи. Почина кога имав 18 години, а тој 22. Откако за првпат го слушнав, почувствував блискост со него. Како да ми беше постар брат. Ми се чинеше дека личам на него. Бади свиреше музика која ја сакав јас - со која растев: кантри, рокенрол и ритам и блуз. Три одделни видови на музика кои тој ги претопи во еден жанр. Еден бренд. Бади пишуваше песни кои имаа прекрасни мелоди и имагинативни текстови. Пееше одлично, имаше повеќе гласови. Беше архитепски. Сето она што беше, а што сакав јас да бидам. Го видов само еднаш и тоа неколку дена пред да си замине. Патував 150 километри за да го видам како свири и не се разочарав.

Беше моќен, неговата енергија беше заразна, а неговото присуство впечатливо. Стоев на два метри од него. Бев фасциниран. Го гледав неговото лице, раце, начинот на кој со ногата го удираше тактот, големите црни очила, очите позади очилата, како ја држеше гитарата, како стоеше, неговото беспрекорно одело. Сè во врска со него. Изгледаше постаро од 22 години. Имаше нешто вечно во неговата појава и ме исполни со самодоверба. А потоа, како гром од ведро небо, се случи нешто чудно. Ме погледна право во очи и нешто ми пренесе. Не знаев што. Се наежив.

Мислам дека неговиот авион се сруши еден или два дена после тоа. И некој, кој не сум го видел одамна ми го даде „Cotton Fields“. Плочата која веднаш, на лице место, ми го промени животот. Таа ми даде свет кој не го знаев. Како експлозија. Како да одев низ мрак, а потоа се запали светло. Како некој да ги стави своите раце на мене. Плочата сигурно ја слушнав стотици пати.

Никогаш претходно не сум ја видел етикетата, а внатре имаше брошура со реклами за другите уметници од оваа куќа: Сони Тери и Брауни МекГи, „New York Lost City Ramblers“,  Жан Ричи итн. Никогаш не сум слушнал никој од нив. Но, бидејќи се најдоа на иста етикета со „Leadbelly“ знаев дека мораат да се добри и сакав да ги слушнам. Сакав да знам сè во врска со тоа и да ја свирам истата музика. Уште ми беше драга музиката со која пораснав, но сега веќа ја заборавив. Не мислев на неа. Како одамна да ја оставив позади себе.

Сè уште живеев со моите, но едвај чекав да си одам. Сакав да ја научам оваа музика и да се дружам со луѓе кои свират. Конечно си отидов и научив да ги свирам тие песни. Беа различни од песните на радио. Беа поживи и зборуваа повистинито за животот. Пејачот на радио песните можеше да добие хит благодарение на случајното совпаѓање на околностите, фрлањето на коцките и делењето на картите, но тоа не беше важно во светот на фоклот. Сè беше хит. Мораше да бидеш вешт и способен да отсвириш мелодија. Некои од овие песни беа лесни, други не. Имавм природно чувство за стари балади и кантри блуз, но сè останато морав да го учам од нула. Свирев за мала публика, понекогаш не повеќе од четири до пет луѓе во соба или на агол на улица. Имав широк репертоар и знаев каде и што треба да свирам. Некои песни беа нежни, некои ги пеев на цел глас за да ме слушнат.

Слушајќи ги сите тие рани уметници на фолкот и пеејќи ги тие песни, го собираш говорниот јазик. Го усвојуваш. Го пееш во регтајм блуз, песните за работата, поморските песни, апалачките балади и каубојските песни. Слушаш пофино и посложено.

Знаете ли за што станува збор? За земање револвер и негово враќање во футролата. За пробивање низ сообраќајот, за говор во мракот. Знете ли дека Стагер Ли беше лош човек и дека Френки беше добра девојка. Знаете дека Вашингтон е буржоаски град, сте слушнале ли за длабокиот глас на Јован Откровението и гледате како Титаник исчезна во длабочината. Диви ирски скитници и момчето кое се населило ви се другари. Сте ги слушнале пригушените тапани и тивките кавали. Сте виделе како Лорд Доналд го става ножот во вашата жена и многу ваши пријатели биле завиткани во бела прекривка.

Го усвоив јазикот на улицата. Ја научив оваа реторика. Ништо не пропуштав - средствата, техниките, тајните, мистеријата - и ги запознав сите оддалечени патишта, каде јазикот е патување. Можев сето тоа да го поврзам и да се движам низ струите на времето. Кога започнав да пишувам сопствени песни, секојдневниот јазик беше единствениот со кој располагав и кој го користев.

Но имав и нешто друго. Имав учители и сензибилитет и просветлен поглед кон светот. Го имав веќе некое време. Сето тоа го научив во гимназија. Дон Кихот, Ајванхо, Робинзон Крусо, Гуливеровите патувања, Приказна за два града и останатото - типична гимназиска лектира која ти овозможува поглед кон светот, сфаќање на човечката природа и стандард со чија помош ги мериш работите. Сето тоа го однесов со себеси кога започнав да ги пишувам текстовите на песните. Темите на овие книги ги има во многу мои песни, свесно или ненамерно. Сакав да пишувам песни какви никој никогаш не слушнал, а тие теми беа основата.

Некои книги ме следеа откако ги прочитав во гимназија. Ќе ви кажам за три такви книги: Моби Дик, На запад ништо ново и Одисеја.

***

Моби Дик е прекрасна книга, полна со драматични настани и дијалози. Заплетот е едноставен. Главиот лик е таинствениот капетан Ахаб - капетан на бродот Пеквод - егоманијак со дрвена нога. Тој ја следи неговата судбина отелотворена во белиот кит Моби Дик, кој му ја одзел ногата. Го следи цело време по Атлантикот. Го следи од двете страни на земјата. Тоа е апстрактна цел, без ништо конкретно или одредено. Тој Моби го нарекува цар, го гледа како олицетворение на злото. Ахаб има жена и дете во Нантакет и повремено размислува за нив.

Екипажот на бродот се состои од луѓе од различни раси. Оној кој ќе го види китот ќе добие златник како награда. Многу зодијачки симболи, верски алегории, стереотипи. Ахаб на своето патување ќе сретне други китоловци и ќе го прашува капетаните за Моби. Дали го виделе? На еден од бродовите е лудиот пророк Габриел кој ја претскажува судбината на Ахаб. Тој вели дека секое вознемирување на китот води во пропаст. Китот му ја одзел раката на капетан Бумер, меѓутоа капетанот се помирил и сега живее мирен и среќен. За жал, желбата на Ахаб за одмазда не води кон ништо.

Оваа книга зборува за тоа како луѓето реагираат различно на истото искуство. Во неа има многу алегории од Стариот завет: Гаврил, Рахел, Јеровоам, Вилдад, Илија како и паганските имиња: Таштего, Флеск, Дагу, Флис, Старбак, Стаб.

Моби Дик е приказна за патување по море. Еден од морнарите, нараторот, вели: „Викајте ме Ишмаил“. Некој го прашува од каде е и тој одговара: „Го нема тоа место никаде на една мапа“.

На крајот Ахаб го наоѓа Моби. Моби го напаѓа неговиот чамец и го уништува. Следниот ден Моби повторно е на повидок. Повторно се спуштаат чамците. Моби повторно го напаѓа чамецот на Ахаб. Третиот ден ова се повторува. Уште религиски алегории. Тој станува. Моби уште еднаш напаѓа, го удира Пеквод и го потонува.

Исмаил преживува. Тој плови по морето на ковчег за мртв. И тоа е тоа, цела приказна. Темата и сето она што таа го повлекува е вклучено во моите песни.

***

Како и романот „На запад ништо ново“. Всушност, станува збор за хорор приказна. Од оваа книга го губиш деството, вербата дека светот и грижата за поединецот имаат смисла. Заглавен си во кошмарот. Вовлечен во вртлогот на мистериозната смрт и болка. Браниш гол живот. Избришан си од лицето на земјата. Некогаш си бил невин младич и си сонувал да станеш концертен пијанист. Си го сакал животот и светот, а сега го разнесуваш на парчиња.

Ден по ден, те јадат стршлени и црвите ти ја лижат крвта. Ти си животно заробено во ќош. Никаде не се вклопуваш. Паѓа едноличен дожд. Постојани напади, отровен гас, нервен гас, морфиум, запален бензин, постојана потрага за храна, грип, тифус.

Кој знае колку долго ќе трае овој хаос? Војната нема крај. Погоден си и ногата премногу ти крвари. Вчера уби човек и разговараше со неговото тело. Му рече дека додека живееш, ќе се грижиш за неговото семејство. Кој од ова има корист? Лидерите и генералите стекнуваат слава, а многу други финансиски профитираат. Но ти ја вршиш валканата работа. Еден од твоите другари вели: „Застани, што правиш?“, а ти му велиш: „За ништо не се грижи, веднаш се враќам“. Не ти е јасно како еден цивил има било каква цел во животот.

Чекаш вести. Не сфаќаш зошто војната не е завршена. На војската ѝ требаат нови луѓе, да регрутира млади момчиња кои се бескорисни како војници, но сепак ги регрутира. Маката и понижувањето ти го скршија срцето. Те изневерија родителите, наставниците, свештениците, па дури и владата.

Те издаде и генералот кој бавно ја пуши цигарата - те претвори во разбојник и убиец. Да можеш, ќе му пукаш во лице.

Поминуваат месци. Одиш дома. Не можеш да разговараш со татко ти. Културата од пред илјада години, филозофијата, мудроста - Платон, Аристотел, Сократ - што се случи со неа? Мораше ова да го спречи. Мислите ти одат кон твојот дом. Повторно си дете помеѓу високите тополи. Пријатни спомени. Уште бомби паѓаат врз тебе. Сега сите одите заедно. Не смееш никој да погледнеш бидејќи се плашиш дека може да се случи нешто непредвидливо. Заеднички гроб. Нема други можности.

Тогаш ја забележуваш црепата и гледаш дека на природата не ѝ е важно. Тополи, црвени пеперутки, кревка убавина на цвеќето, сонце - гледаш дека природата е рамнодушна кон сите тие работи. Кон насилството и патењето на човекот. Природата дури и тоа не го забележува.

Толку си сам. Те погодува шрапнел во главата и ти си мртов. Ликвидиран. Ја спуштив книгата и ја затворив. Никогаш повеќе не сакав да прочитам ниту еден воен роман.

Чарли Пул од Северна Каролина имаше песна за сето тоа. Се вика „Не ми велиш мене“:

Додека шетав еден ден, здогледав реклама на прозорецот.
Дојди во војска, види го светот, пишуваше на неа.
Ќе видиш неверојатни места во многу весело друштво.
Ќе сретнеш интересни луѓе и ќе научиш да ги убиваш.
Не, ти не ми велиш мене, ти не ми велиш мене.
Можеби сум луд, но не сум будала.
Ти не ми велиш мене, ти не ми велиш мене.
За мене убивањето луѓе не звучи забавно.
Не ми велиш мене.

***

Одисеја е голема книга чии теми се најдоа во многу балади: „Homeward Bound“, „Green, Green Grass of Home“, „Home on the Range“ како и во моите песни.

Одисеја е чудна, авантуристичка приказна за возрасен маж кој се обидува да се врати дома после завршувањето на војната во која се борел. Неговото долго патување до дома е полно со замки и опасности. Тој е осуден да лута. Тој секогаш успева да исплови бидејќи за влакно ѝ бега на опасноста. Огромни карпи му пречат на неговиот брод. Тој успева да ги налути луѓето кои не треба да ги налути. Некои членови од екипажот прават проблеми. Предавство. Неговите луѓе се претворени во свињи, а потоа во помлади, позгодни мажи. Тој секогаш се обидува некој да спаси.

Многу од овие работи ви се случиле и вас, на еден или на друг начин. И вам во виното ви ставиле опојно средство. И вие сте делеле кревет со погрешна личност. И вас магичните, слатки гласови ве освоиле со чудни мелодии. И вам ви се случило да поминете долг пат и да бидете вратени назад, како и за влакно да избегнете опасност. И да налутите луѓе кои не треба да ги налутите.

Кога на крај се вратил дома, ни таму не било подобро. Нечесните луѓе се населиле и го злоупотребило гостопримството на неговата сопруга.

Сите несакани гости ќе мораат да платат за тоа што го обесчестиле неговиот дом.

И песни се тоа. Нашите песни се живи во земјата на живите. Но песните се разликуваат од литературата. Тие се создадени за пеење, а не за читање. Зборовите од делата на Шекспир се создадени да бидат изговорени на сцена. Како што зборовите од песната треба да се пеат, а не да се читаат на хартија. Се надевам дека некој од вас ќе има можност да ги слушне тие зборови онака како што треба да ги слушне: на концерт или на плоча или на бил што на кое луѓето денес слушаат песни. Повторно му се враќам на Хомер кој вели: „Пеј во мене, музо, и така раскажи приказна“.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура