X
 28.06.2017 Образование

Полуматурантите поднесуваат документи за упис во средно

Почнаа уписите за нови ученици во средните училишта. Полуматурантите ги доставуваат потребните документи за упис до комисијата во училиштето каде решиле да го продолжат своето образование. За околу 20 000 полуматуранти предвидени со конурсот се 35 909 слободни места во повеќе од 100 училишта. Пријавување на ученици за упис во средно ќе има и утре, додека резулатите дали се примени каде конкурирале ќе ги знаат на 30 Јуни.



Директорот на средното електротехничко училиште на Град Скопје „Михајло Пупин“ , Ефтим Пејовски вели дека во училиштето за ученици во прва година има 714 слободни места, запишаните ќе бидат распоредени во 21 паралелка.Станува збор за струки за кои стопанството има голема побарувачка, па оттука директорот се надева дека учениците ќе го направат вистинскиот избор.

-Во тек се реформски зафати во средното стручно образование,тригодишното е целосно реформирано. Ние нудиме широка лепеза во делот на електротехничката струка. Освен тригодишно и четиригодишно образование училиштето нуди и образовни профили со двегодишно траење на образованието. Досега интересот за упис во тригодишните образовни профили, интересот кај учениците беше многу мал. Со четиригодишно образование се струките за електротехничар и компјутерска техника и автоматика, електротехничар за електроника и телекомуникации и електротехничар – енергетичар. Имајќи ги на увид анализите на пазарот на трудот дека за учениците со средно стручно образование има потреба и има некаде околку 4000 слободни работни места, верувам дека таа информација родителите и децата ја имаат слушнато, ќе размислат добро и ќе донесат правилна одлука. Да се вклучат децата во стручното образование и да си обезбедат професионална перспектива. Училиштето потпиша меморандум за соработка со ЕВН, една паралелка ќе школуваме за нив, преку проектот 20/20/20. Тоа значи дека 20 деца во 2020 година ќе бидат вработени во ЕВН и ќе примаат нето плата од 20 000 денари.

Во средното училиште на Град Скопје „Раде Јовчевски – Корчагин“ предвидено согласно конурсот е да запишат 262 ученици во 8 паралелки гимназиско образование, рече директорот Јордан Лукаревски. Една од паралелките е билигвална, каде дел од предметите се учат на француски јазик, за таму планирано е да бидат запишани 25 ученици.

- Учениците уште во прва година се определуваат за соодветно подрачје. Ги нудиме сите подрачја кои се во рамките на гимназиско образование, природно- математички под А, природно математички под Б, општествено хуманистички по А, општествено хуманистички под Б. Направивме добра кампања во 7 општини во Скопје, со презентација на гимназијата во основните училишта. Очекувам да имаме голем број на пријавени кандидати уште во првиот уписен рок. Досега не се памети „Корчагин” да има втор уписен рок, да се пополнат слободни места. Интерес има за сите насоки, ама најголем е за природно- математичка насока, таму се запишуваат учениците кои се спремаат за техничките факултети.

Според информациите од министерството за образование и наука во гимназиско образование, во природно-математичко подрачје, ќе биде зајакнато изучувањето на математика и природни науки. По двата предвидни дена за пријавување во средно,во училиштата каде има пријавено повеќе кандидати од бројот на слободни места предвидени со конкурсот на 3 Јули ќе се одржи квалификационо тестирање, а резултатите ќе бидат истакнати на 4 Јули.

Второто пријавување за уписи во средните училишта е закажано на 5 Јули, резултатите од запишувањето и слободните места ќе бидат објавени на 6 Јули. Полуматурантите кои нема да успеат да се запишат во средно во првиот уписен рок, можност тоа да го сторат имаат на 24 Август, резултатите ќе бидат објавени на 25 Август.
Подготвил: В.М.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование