X
 28.06.2017 Здравје

Внимавајте, доаѓа уште потопол бран! Препорака за ослободување од работа на бремените и болните над 60 години

Со високи температури од портокалова алертна фаза во следните три дена (од четврток до сабота) ќе биде зафатена целата држава, најавуваат од Управата за хидрометеоролошки работи. За заштита на здравјето на луѓето Министерството за здравство препорачува од работни обврски да бидат ослободени бремените жени и хронично болните лица на возраст над 60 години.



- На работодавците им се препорачува да го реорганизираат работното време во насока на избегнување активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Препорачуваме да не се одржуваат спортски активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Особено се препорачува на установите за згрижување на децата (детски градинки) да не ги изнесуваат на отворено и да не практикуваат физичка активност во овој период – велат од Министерството за здравство.

Оттаму ги потсетуваат граѓаните дека треба да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури. Тоа значи дека треба да се заштитат од директна сончева изложеност, да избегнуваат престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, да носат светла и лесна облека, да јадат лесна храна и пијат доволно течности. Се препорачува да се внимава на хигиената при подготовка на храната, а хронично болните редовно да ја земаат пропишаната терапија.

- Поради повисоките температури кои се најавуваат за следните денови напоменуваме дека е потребен повисок степен на внимание при подготовка и консумирање на храната-потенцираат од Министерство за здравство. Четири екипи на Црвен крст на Град Скопје, во кои се вклучени лекари, од денес почнуваат активности за да им помогнат на граѓаните да се справат со жештините.

- Денес ќе поделиме 1.000 шишенца вода, како и флаери со совети за справување со топлото. Лекарите ги советуваат граѓаните, а доколку е потребно ќе реагираат за помош – велат оттаму.

Д-р Анета Димовска, раководителка на скопската служба за Итна помош-194 вели дека засега граѓаните во главниот град се дисциплинирани.

- Според бројот на повици и интервенции може да заклучиме дека генерално граѓаните ги почитуваат препораките. Се надеваме дека така ќе остане – вели д-р Димовска.
Подготвил: Н.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје