X
 30.06.2017 Култура

Градот во Полска со шарени пешачки премини


Шарен пешачки премин
(Фото: Shutterstock)

Градот Лович во централна Полска одлучи својата фолклорна традиција, која стана дел од нематеријалното светско наследство на УНЕСКО, да ја пренесе и на своите улици и пешачки премини, додавајќи им ги веселите бои од  своите локални носии.

Засега, на три пешачки премини во градот, меѓу белите пруги од „зебрата“, се појавија и типичните зелени, сини, црвени и жолти пруги од носиите како потсетување на прочуената верска процесија на жителите на Лович во народни носии, кои се на листата на УНЕСКО.

„Сакавме на тој начин да ја нагласиме нашата традиција во Лович. На позитивен начин да го истакнеме своето потекло“, изјави градоначалникот на градот со околу 28.800 жители, Кшиштоф Калињски.

Иако мнозинството граѓани се воодушевени од оваа идеја, особено децата на кои „зебрите“ им наликуваат на виножито, некои сметаат дека тоа е виножитото-симбол на ЛГБТ заедницата, непопуларен во традиционалните католички кругови во Полска, па во полицијата стигнаа поплаки дека со вакви „зебри“ се кршат прописите затоа што не се во црно-бела боја.

И полицијата бирократски го протолкува законот дека пругите на премините треба да се означуваат исклучиво со бела боја, и нареди да се отстрани шаренилото од пешачките премини.

Но, градските власти не отстапуваат. Градоначалникот Калињски одбива да ги врати зебрите во првобитна состојба, затоа што анализата на прописите покажа дека пругите навистина мораат да бидат видливи и во бела боја, но законот не зборува ништо за просторот меѓу нив и не инсистира на тоа дека истиот мора да биде празен.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура