X
 30.06.2017 Издвојуваме

Кога бев студент... со министерот Роберт Алаѓозовски: „Ги наоѓав книгите од каде што некои професори ги сублимирале предавањата и уживав да им наоѓам маани“

Младешкиот полет, бунтовноста, книжевната страст, но и убавиот културен и ноќен живот ги обележаа деведесеттите. Немавме пари, но имавме жива меѓусебна комуникација и пријателство, ноќниот живот не беше така стриктно регулиран како сега, бевме љубопитни и мирољубиви, Скопје беше Казабланка на немирниот Балкан.



Министерот за култура Роберт Алаѓозовски дипломирал на Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, во 1997 година. Побрзал да го фати рокот за постдипломски студии чии уписи биле еднаш на две години. Уште во средно училиште професори го советувале дека токму Катедрата за општа и компаративна книжевност е единственото место што може да ја впие неговата страст по книгите.

-На работ на моето сеќавање (како кај Стефан Дедалус во „Портретот на уметникот во младоста“ од Џојс) е првото одење во „читалиштето“ во Валандово и позајмувањето на првата сликовница. Потоа се редеа детските лектири, од „Црната стрела“ до „Децата од нашата улица“ и „Зоки Поки“. Секако дека посветеноста се градеше со школувањето и развојот на имагинацијата. На млада возраст знаев и да прескокнувам страници за побрзо да излезам на улица и на играње. Но, мислам дека присутноста на книгите во семејството, а потоа и одличноста на наставниците по книжевност од основно, па и од средно училиште, ми помогна да се всади љубовта во литературата. Во таа смисла, уште од 14 години бев одлучен да станам писател и ги голтав сите школски и воншколски книги. Отидов уште како средношколец на неколку предавања, особено на прославата на десетгодишнината од Катедрата во 1991 година, ја видов „приредбата“ од постарите колеги и знаев дека тоа е тоа – се потсеќа првиот човек на Министерството за култура.

На прашањето каков студент бил, тој вели дека инсистирал да ги наоѓа сите референци од предавањата и наместо професорските преџвакувања, сам трагал по книгите и учебниците.

-Бев многу екстензивен во студирањето. Ги наоѓав книгите од каде што некои професори ги сублимирале предавањата и уживав да им наоѓам маани во истражувачкиот тек. Поради тоа, секогаш обврските ги завршував со благо доцнење. Не бев практичен како книжевник. Практичноста ми дојде многу подоцна кога почнав да се занимавам со културен менаџмент и реализација на проекти во културата.


На промоција заедно со поетот Никола Маџиров и актерот Ален Нанов

Алаѓозовски нема доволно пофални зборови за своите професори и асистенти.

-Целата катедра вриеше со одлични професори и асистенти. Во тоа време најомилен беше Влада Урошевиќ, кој и мене ме плени со неговите предавања за книжевностите на стариот век и големите книги што ги обработувавме на вежбите. Милан Ѓурчинов, кој веќе беше во пензија, го чекавме да одржи неколку предавања за различните методологии на проучување на книжевноста. Литературата што тој ни ја посочи нè воведе во светот на книжевната теорија и критика. Најмногу бев импресиониран од критичките осврти на Елизабета Шелева, која ме воведе во постмодерната поетика и постструктуралистичката теорија и која ми беше ментор на магистерската од истото поле.

На прашањето дали му значело оценките да бидат повисоки, признава дека би било клише доколку би одговорил негативно.

-Навистина не ми беа важни како некаква математичка валоризација на знаењето, бидејќи мене ми е страшно привлечен самиот процес на дознавање нови работи, на она што се крие зад следниот ред, зад следниот пасус, поглавје...

Новиот министер за култура го прашавме и за неговиот студентски живот. Вели дека многу се дружеле и поради тоа што се запишувале малкумина студенти.

-Сите добро се запознавме и поминувавме долго време заедно во студентските аули, а становите во кои живеевме често се претвораа во дебатни клубови за одредени книги или сознанија. Организиравме и поетски читања од затворен тип. Уживавме во нашата посебност. Секако, ги следевме и културниот и ноќниот живот. Но пишувавме и самите и гостувавме на книжевните манифестации, „Струшките вечери“, „Млада Струга“, „Поткозјачките средби“. Пишувавме критики за „Студентски збор“, таму го создадовме артистичкиот подлисток „Крик“, бевме дел од култната емисија во „Фокусот на филмот“ на МТВ.



Се сеќава дека на првиот час по стари книжевности, Урошевиќ рекол дека нема да им предава како се прави магија, туку дека научно ќе ги анализира магиските текстови како први книжевни жанрови.

-Ми беше симпатично кога Саво Цветановски со „маак-овски“ акцент ќе кажеше Петре Петровски-Његош. Или кога Атанас Вангелов ќе го започнеше својот „иследнички стриптиз“: дури навлегуваше во теоријата на структурализмот, прво го соблекуваше сакото, па ја разлабавуваше вратоврската, па остануваше само по кошула, па на крај и ракавите на кошулата ги превиткуваше од возбудата на предавањето – се потсетува министерот за култура.



Како и за многумина, и за Алаѓозовски, студентските денови важат за едни од најубавите во животот.

-Младешкиот полет, бунтовноста, книжевната страст, но и убавиот културен и ноќен живот ги обележаа деведесеттите. Не затоа што тогаш бев во најубавите години, мислам дека тоа беше најслободарската, најкреативната, највозбудливата деценија од нашата самостојност. Немавме пари, но имавме жива меѓусебна комуникација и пријателство, ноќниот живот не беше така стриктно регулиран како сега, бевме љубопитни и мирољубиви, Скопје беше Казабланка на немирниот Балкан.



Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Издвојуваме