X
 05.07.2017 Живот

Колку пари има Ким Јонг-ун?


Ким Јонг-ун
(Фото: Reuters)

Северна Кореја е под тешки меѓународни санкции, но, сепак, нејзиниот водач Ким Јонг-ун во јавноста редовно се појавува со најлуксузни „мерцедеси“. Неодамна за свои лични потреби набави и силна и луксузна бела јахта, но и опрема за уредување на едно луксузно скијачко одмаралиште.

Можеби овие работи и не звучат многу необично со оглед на тоа што станува збор за претседател на држава, но во овој случај се работи за претседателот на најзатворената и најизолирана нација, па Си-ен-ен со право го отвора прашањето: од каде ги набавува овие работи и кој му ги продава?

Само во 2012 година Северна Кореја увезла луксузни стоки во вредност од дури 645,8 милиони долари. Заради подобра споредба за колкав дел од БДП станува збор, доволен е податокот дека за 2015 година вкупниот државен увоз на Северна Кореја изнесувал 3,47 милијарди долари. Ако се занемари учеството на Кина во оваа статистика, тогаш е логичен заклучокот дека Северна Кореја увезува повеќе луксузни стоки од цел останат свет заедно, покажуваат податоците на Ем-ај-ти.

Тогаш како е можно водачот кој во март минатата година ги предупреди граѓаните дека постои опасност од „епидемија“ на глад во земјата да си дозволи толку екстравагантен и луксузен живот?

Експертите велат дека ваквата трговија Ким ја финансира преку сопствената банка, каде што се слеваат средства во Пјонгјанг од илегални работи низ светот. Северна Кореја е под обвиненија дека хакира банки, продава оружје и дрога, фалсификува пари, па дури и дека шверцува загрозени видови животни, што сè заедно му носи стотици милиони долари приход. Со тие средства се плаќаат и националните програми за нуклеарно и ракетно вооружување, за кои Пјонгјанг смета дека им се неопходни за да се заштитат од нападите од надворешниот свет, кој се обидува да го сруши режимот на Ким Јонг-ун.

„Северна Кореја отворено го крши меѓународниот закон со своите нуклеарни проби, илегалната продажба и развивањето нуклеарна програма“, вели републиканскиот конгресмен Даг Ламброн. 

Во 2008 година Конгресната служба за истражувања навела дека таа земја на годишно ниво само од илегални активности собира од половина до една милијарда долари. Со тие пари се финансираат и нуклеарната програма и луксузниот живот на елитата во земјата, со што Ким го превенира секој можен обид за негово рушење од власт.

„Тие приходи одат директно на банкарската сметка на севернокорејското раководство. Кога би се пресекол тој пат на приходите, би можел да им се зададе непропорционално силен удар во однос на количината на средства“, вели Шина Грејтенс, професорка на Универзитетот во Мисури која повеќе од една деценија се занимава со овој проблем. Аналитичарите, пак, сметаат дека Трамп, во своите обиди да го притисне Ким на преговарачка маса, треба само да го следи текот на паричните средства. Но, и тоа се покажа како комплициран чекор.

„Се работи за режим кој е многу вешт во пронаоѓањето нови, иновативни начини за илегална заработка. Некогаш едноставно наоѓаат нови работи, а понекогаш едноставно се селат на другиот крај од светот. Ако сакате на тој начин да ја притиснете Северна Кореја, ќе мора истовремено да ја уништите нејзината способност за приспособување“, истакнува Грејтенс.

Американскиот државен секретар Рекс Тајлерсон изјави дека САД ќе се обидат да зададат удар врз Северна Кореја така што ќе ги санкционираат третите земји што соработуваат со неа, а дел од таа стратегија е и наговарањето на поедини земји да го намалат нивото на дипломатски односи со Пјонгјанг.

Ова особено се однесува на земјите од Југоисточна Азија, кои се собрани во заедница позната како ASEAN. Од десет земји членки на оваа организација, на чие чело е филипинскиот претседател Родриго Дутерте, осум имаат севернокорејски дипломатски претставништва на својата територија, како и 39 останати земји од светот.

Аналитичарите сметаат дека не е доволно САД да влијаат само врз овие азиски земји, туку ќе мора да влијаат и врз Кина бидејќи 85 проценти од целокупниот увоз на Северна Кореја доаѓаат токму од најголемата азиска земја. Кина е животната врска за Пјонгјанг, но и за целокупната економија во оваа земја.

„Да се убеди Кина да преземе одлучна акција би значело дека на мета треба да ѝ бидат сопствените компании, но истовремено тоа би значело и нарушување на рамнотежата на силите во целиот регион“, вели Дејвид Коен, поранешен заменик-директор на ЦИА. Кина е загрижена од можната дестабилизација на Корејскиот Полуостров. Зависноста на Пјонгјанг од Кина може да ги открие и нивните најслаби точки. „Од 2013 до 2016 година останаа само 5.233 кинески компании што или извезувале или увезувале стоки од Северна Кореја. За споредба, нивниот број во 2016 се покачил на 67.163 компании“, истакнува тој.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот