X
 07.07.2017 Образование

Македонски средношколци се враќаат со еден сребрен и два бронзени медали од Балканската олимпијада по информатика

Еден сребрен и два бронзени медали освоија македонски средношколци на 25-тата Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2017), што се одржува во Кишињев, Молдавија. Овој резултат е еден од најголемите успеси за Македонија на сите досега одржани Балкански олимпијади. Македонскиот тим на овој натпревар во програмирање е составен од учениците Владимир Максимовски, Мартин Динев, Филип Михов и Марко Ќаласан, предводени од д-р Марија Михова и м-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).


Фото: МИА

На оваа олимпијада учествуваат четириесеттина најдобри средношколци од областа на информатиката, избрани преку годишните национални натпревари во програмирање на Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија, Словенија и Турција. Дополнително, како претставници на земја-гостин на БОИ, во неофицијална конкуренција учествувал и тим од Италија. Во оваа конкуренција, сребрениот медал за Македонија го освоил Владимир Максимовски, ученик во ПСУ „Јахја Кемал“ – Бутел, Скопје, додека бронзените медали ги освоија Мартин Динев, ученик во гимназијата „Никола Карев“ од Струмица и Филип Михов ученик во скопската гимназија „Орце Николов“.

Поддржувачи на македонските средношколци на оваа олимпијада се Агенцијата за млади и спорт, Фондацијата Телеком за Македонија и ФИНКИ. Следната година натпреварот ќе се одржи во Романија. Македонските средношколци веќе неколу години по ред покажуваат извонредни резултати на меѓународните натпревари по информатика.

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование