X
 10.07.2017 Технологија

Најбезбедните земји според сајбер-безбедноста - на кое место се наоѓа Македонија?

Македонија се најде на 55-тото место.

сајбер

Сингапур е најбезбедна земја кога станува збор за заштита од сајбер-нападите, додека голем број земји низ светот се соочуваат со недостатоци во сајбер-безбедноста, вели најновиот извештај на ОН.

Глобалниот индекс за сајбер-безбедност (GCI), спроведен од Меѓународната унија за телекомуникации на OН (ITU), ја процени севкупната сајбер-безбедносна ситуација на 193 земји членки на Унијата.

Индексот ја одредува состојбата на сајбер-безбедноста на секоја земја, користејќи пет столба - правен, технички, организациски, капацитет на градење и соработка.

Сингапур се најде меѓу првите 10 земји кога станува збор за нивото на посветеност кон сајбер-безбедноста, а извештајот истакнува дека оваа земја има „долга историја на сајбер-безбедносни иницијативи“.

Америка се најде на второ место, додека Малезија на трето. Меѓу топ-10 земји се и Оман, Естонија, Маврициус, Австралија, Грузија, Франција и Канада. Русија се најде на 11. место.

Од вкупно 193 земји членки на Унијата, Македонија се најде на 55-тото место со вкупно 0,517 поени.

Екваторска Гвинеја се најде на последното место, а најдолу на листата се најдоа и Јемен и Централноафриканската република.

Во извештајот се забележува дека сајбер-безбедноста е важен дел од животот денес, а степенот на меѓусебна поврзаност на мрежите подразбира дека може да биде изложено сè.

„Сè може да биде компромитирано - од националната критична инфраструктура до нашите основни човекови права“, пишува во извештајот.

Забележувајќи ја важноста на сајбер-безбедноста, во извештајот се наведува дека малициозните напади на е-поштата се на највисока стапка во последниве години, издвојувајќи ја 2016 година, што претставува речиси 1 процент од сите испратени електронски пораки.

„Напаѓачите бараат сè повеќе и повеќе жртви, при што просечната побарувачка за откуп се искачи над 1.000 долари во 2016 година“, изјави директорот на Бирото за развој на телекомуникациите на Унијата во предговорот на извештајот.

Извештајот забележува дека иако зголемениот пристап до интернет и позрелиот технолошки развој се поврзани со подобрувањето на сајбер-безбедноста на глобално ниво, ова не е нужно точно за земјите со развојни економии и пониски нивоа на технолошки развој.

„Постои потреба развиениот свет да помогне во обучувањето на локалните експерти во сајбер-безбедноста. Треба да се започне со поголема соработка меѓу развиените земји и земјите во развој за да им се помогне во развојот на сајбер-безбедноста“, се вели во извештајот.

Како заклучок, извештајот ги повикува владите да ги разгледаат политиките што го поддржуваат континуираниот раст на софистицираноста на технологијата, пристапот и безбедноста, а како клучен прв чекор да се усвои национална стратегија за безбедност.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија