X
 11.07.2017 Технологија

Дали вие би го издржале најновиот вселенски експеримент на Кина?

Во неделата четири кинески студенти беа затворени во лабораторија од 170 квадратни метри, каде што треба да останат во наредните шест и пол месеци.

кина
Извор: АР

Експериментот е дел од амбициозниот план на Кина да ги одведе астронаутите на Месечината до 2036 година. Во лабораторијата, позната како „Yuegong-1“ или „Месечева палата“, има две области за одгледување растенија и простор за живеење, кој содржи четири кревети, бања, објект за отпад и простор за одгледување животни. Самоодржливиот екосистем треба да ги имитира условите за живот во месечевата вселенска станица.

Волонтерите се студенти на „Беиханг“, водечки универзитет за аеронаука и астронаутика во земјата. Тие ги заменуваат волонтерите кои штотуку го завршиле својот 60-дневен престој во лабораторијата.

Најновите волонтери ќе им овозможат на истражувачите подобро да сфатат низ што поминуваат волонтерите кои живеат половина година во мал простор без сончева светлина.

„Го направивме експериментот со животни, па сега сакаме да видиме какво влијание ќе има врз луѓето“, изјави Лиу Хонг, професор на „Беиханг“ и лидер на истражувањето. „Ако човек помине подолго време во ваков вид животна средина, може да има психолошки проблеми“.

Проектот ќе им овозможи на истражувачите да тестираат колку добро функционира биорегенеративниот систем за поддршка кај волонтерите додека живеат во мал вакуум.

Ова истражување е само едно од најновите напори на агресивната вселенска програма на Кина. Во 2013 година Кина стана трета земја, после Америка и Русија, што испрати вселенско летало на Месечината, а владата има цел да испрати летало кое ќе слета на темната страна на Месечината до наредната година. Земјата лансира два прототипа на вселенски станици и планира да отвори голема станица што ќе ѝ биде конкурент на Меѓународната вселенска станица во наредните неколку години.

Кинеската влада тврди дека амбициите на земјата се мирни, но во 2011 година американскиот Конгрес ѝ забрани на НАСА да соработува со вселенската програма на Кина поради стравување дека односот би можел да ја загрози националната безбедност.

По завршувањето на 200-дневниот експеримент, се очекува друга група волонтери да се преселат во лабораторијата и да живеат во неа 105 дена.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија