X
 13.07.2017 Образование

доц. д-р Благица Новковска, Универзитет за туризам и менаџмент - Скопје: Најуспешните компании се најголеми корисници на статистички податоци

Практичниот пристап кон пренесувањето на теоријата за основите на статистиката што го користиме на нашиот универзитет е добро прифатен од студентите, за што потврда се интересните дискусии со нив за статистиката како витален извор на докази за важни аспекти од животот на младите: образованието, вработувањето, животниот стандард, карактеристиките на населението, економските перформанси на земјата, благосостојбата на населението, споредбите помеѓу земјите и сл., вели Новковска.



Во јавноста, особено меѓу младите луѓе, постои општ впечаток дека статистиката е сувопарна, здодевна и многу напорна област, поради што повеќето се обидуваат да ја избегнат за време на нивното школување. Сепак, луѓето кои што ѝ ја посветиле својата професионална кариера токму на статистиката никако не се согласуваат со овој општ став. Напротив, тие постојано се обидуваат да покажат дека таа е интересна и логична област која има широка примена во секојдневието. Една од тие личности е доц. д-р Благица Новковска од Универзитет за туризам и менаџмент - Скопје. Со неа разговаравме за значењето на статистиката, за интересот на студентите за нејзино изучување, како и за нејзината практична примена во Македонија и во развиените земји во светот.

Факултети.мк: Каков е интересот на Вашите студенти за изучување на оваа област и можностите за нејзина примена во различни дејности?

- Главната цел на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје е преку добро организираниот систем за едукација да овозможи квалитетна подготовка на студентите за нивната идна професионална кариера. Статистиката е значаен дел од овие подготовки и моја привилегија е што можам да им ги пренесам на студентите потребните знаења за статистиката, нејзината примена и важностa за нивните идни планирања и професионални постигнувања. Посебен предизвик за мене е да им ги пренесам на студентите моите практични знаења и искуства и да им покажам дека статистиката е интересна, јасна, логична, разбирлива и објективна. Практичниот пристап кон пренесувањето на теоријата за основите на статистиката е добро прифатен од студентите за што потврда се интересните дискусии со нив за статистиката како витален извор на докази за важни аспекти од животот на младите: образованието, вработувањето, животниот стандард, карактеристиките на населението, економските перформанси на земјата, благосостојбата на населението, споредбите помеѓу земјите и др. За студентите, најинтересен дел од изучувањето на статистиката е можноста правилно да ги разберат и интерпретираат статистичките податоци со цел идентификување на клучните состојби за појавите кои се предмет на изучување и правилно утврдување на потребните промени. Она што го спознаваат студентите е дека статистиката е вреден извор на информации за сите области кои се предмет на нивен сегашен и иден интерес. Познавањето на статистиката значи јасно разбирање на вистинските состојби во различни области на живеење и делување што овозможува јасно дефинирање на цели и најсоодвтени стратегии за нивно реализирање.

Факултети.мк: Колку бизнис заедницата во Македонија ги користи статистичките податоци при креирањето стратегии и развивањето на бизнисот, како што тоа го прават конкурентните компании во светот?

- Во високоразвиените земји статистиките се основа на деловното, но и на политичкото одлучување. Добро познато е дека само употребените статистики се корисни. Предностите од употребата на статистички податоци треба добро да се познаваат и затоа статистиките треба да се користат како база на квалитетни бизнис одлучувања. Поаѓајќи од овие сознанија во наставната програма на сите факултети на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје се изучува предметот Статистика во кој се инкорпорирани актуелните научно-егзактни информации и квалитетни бизнис практики. Потребните знаења за успешно користење на методите за статистички анализи се пренесуваат преку планираните предавања, но и на часовите предвидени за вежби и проверка на усвоените знаења. На студентите им се укажува дека при донесувањето на одлуките првата фаза вклучува идентификување и разбирање на состојбите и проблемите. Статистиката може да им помогне на креаторите на бизнис политиките да ги идентификуваат постојните економски, социјални или еколошки состојби и потребите кон кои треба да се насочат. Статистичките податоци се исто така од витално значење за подобро разбирање на состојбите и промените преку анализирање на трендовите со текот на времето и насочувањето кон вистинските потреби. За квалитетно користење на потребните статистички податоци студентите треба да знаат каде и како се органиизрани базите на податоци, пред сѐ на најважните производители на статистички податоци и институциите со добро организирани бази на податоци. На студентите им се покажува пристапот до овие бази, начинот на селектирање на потребните податоци и нивната можна практична употреба за анализа на одредени состојби во економијата, претприемаштвото, туризмот, менаџирањето на човечките ресурси или меѓународниот маркетинг менаџмент. На овој начин им се овозможува на студентите на УТМС стекнување на практично знаење за брзо, лесно и успешно користење на потребните податоци во нивните идни професионални предизвици. Во развиените земји статистиките се аналитичка поддршка при: започнувањето нови бизниси, евалуацијата на бизнис-политиките и идентификацијата на потребните промени на постоечки бизнис-политики.



Сите успешни компании имаат развиени аналитички сектори кои својата активност ја базираат на статистички податоци. Откако ќе биде идентификувана некоја нова потреба, тогаш е неопходно да се анализира и утврди каква е итноста за насочување на економскиот интерес.

Статистиката може да ја нагласи релевантноста и сериозноста на новите состојби во нумеричка смисла и на тој начин да ја демонстрира важноста од развивање на нови бизнис планови. Статистиката се третира како потребна аналитичка база за јасно дефинирање на бизнис политиките и определување на најсоодветните опции. Користењето на официјалните статистички податоци од страна на бизнис заедницата во Македонија постигнува забележителни позитивни промени, но сѐ уште е далеку од добро воспоставените практики во развиените земји и во успешните компании. За промена на оваа состојба треба да придонесе од една страна официјалната статистика, со подобрување на навременоста и квалитетот на бизнис статистиките, а од друга страна бизнис заедницата која треба да ги развива аналитичките капацитети. Истовремено, бизнис заедницата треба да се препознае не само како корисник, туку и како многу важен извор на информации за производството на квалитетни и навремени бизнис статистики. Од суштинско значење за бизнис заедницата треба да биде факот дека статистиката е многу важна за следење и оценување на напредокот и негова споредба со конкурентите на националниот и меѓународниот пазар. Евалуацијата на постигнатото со користење на статистички податоци може да овозможи да се направи проценка дали воспоставената бизнис политика ги исполнува дефинираните цели, како и да обезбеди увид и идентификација на областите кои бараат подобрување. Бизнис заедницата мора да знае дека е важно користењето на статистички информации во секоја од фазите на економското дејствување и донесување на одлуки. Тоа го потврдуваат искуствата на успешните и добро организирани компании.

Факултети.мк: На кое ниво во земјава е користењето на big data собрани од различни извори во бизнис-секторот? Кои сознанија може да ги добијат компаниите со користење на big data?

- За да се оценува нивото на користењето на масивните извори на податоци (big data) треба да се прави јасна разлика што е статистика, а што се тоа big data (големи податоци). Статистиката е наука за собирање, анализирање и разбирање на податоците за разни области. Big data претставуваат множества од податоци кои се огромни или комплексни поради што традиционалните софтвери за обработка не се применливи за нив. Big data е собирање и анализа на множества на податоци кои се сложени во однос на обемот и разновидностa, а во некои случаи и во однос на брзината со која се собираат. Главната предност на големите податоци е дека има доволно податоци за да го минимизираат влијанието на податоците што суштински отстапуваат од очекуваните вредности. Разликата меѓу статистиката и големите податоци е во предизвиците и методите бидејќи Big data содржи податоци кои не се собрани според дефинирани методологии и за нивна обработка не може да се применат јасни статистички техники. Но, примената на статистичките методи при анализата е од фундаментално значење, преку што се осигурува дека од големите податоци може да се извлечат значајни и точни информации. Кога се користат big data од суштинско значење е да се знае какви се: квалитетот на податоците, обемот на податоците кои недостасуваат, набљудувачката природа на податоците како и квантификацијата на неопределеноста на проценките.



Статистиката внесува софистицирани техники и модели за да се справи со овие прашања. Статистичарите внимателно ја опишуваат структурата на податоците, го утврдуваат системот кој генерира податоци (модел), како и она што се обидуваме да го процениме или да гo предвидиме. На студентите на УТМС покрај пренесувањето на знаења за статистиките им се пренесуваат и информации за најновите светски предизвици во однос на користењето на информации од множествата податоци кои се лесно достапни на различни медиуми. Имајќи ги предвид вештините на младите во пристапот и користењето на информациите кои ги нудат пред сѐ социјалните медиуми, најважното е да ги знаат предностите и недостатоците на расположливите бази на податоци. Посебно им се укажува на важноста на квалитетот, веродостојноста и релевантноста на податоците кои ќе ги користат. Статистичарите се вешти во: оценувањето и корегирањето на пристрасноста, оценувањето на квалитетот на податоците, справувањето со прашања како што се податоци кои недостасуваат, развивањето на модели за анализа на комплексни структури на податоци, создавањето на методи за причинско-последнично заклучување и ефикасност во елиминирањето на непотребни и неинформативни варијабли, комбинирање на информации од повеќе извори и во одредување на ефикасни техники за визуализација на податоците. Предностите и недостатоците на big data упатуваат на тоа дека корисниците на овие податоци имаат потреба од користење на приспособени статистички методи. Ова укажува дека нивото на користење на big data од страна на бизнис секторот зависи од нивото на развиеност на аналитичкиот пристап при утврдувањето на бизнис политиките. Познавањето на разликите и сличностите помеѓу big data и официјалните статистики е клучно при селекцијата на потребните информации. Ова упатува на заклучок дека само успешните компании со добро воспоставена пракса на користење на официјални статистики може да користат и сетови на податоци од big data. Промените во односот помеѓу бизнисот и информациите доведуваат до зголемени барања и повисоки очекувања за побрз пристап до поширок спектар на податоци, но и поголема претпазливост при селекцијата на податоците кои ќе бидат користени.

Факултети.мк: На кое ниво е Македонија во споредба со развиените земји во светот во поглед на користење на big data во бизнисот?

- Нивото на користење на big data во бизнисот и неговото планирање и реализација во Македонија може да се очекува дека е пропоционално со нивото на користење на официјалните статистики. За бизнис заедницата треба да е предизвик сознанието дека најуспешните компании се и најголеми корисници на статистички податоци.

Факултети.мк: Повеќе од 27 години работевте во Државниот завод за статистика, а 10 години бевте и нејзин директор. Колку Македонија ги следи и применува современите статистички методи кои се користат во развиените земји?

- Да се биде дел од официјалната статистика е привилегија затоа што значи секојдневно учество во мерењето и следењето на промените во различни сфери од живеењето. Да се биде главен менаџер на македонската статистика е голем предизвик, обврска и одговорност да се има професионален и визионерски пристап кон нејзиниот развој. Досега постигнатиот развој се базира на континуирана примена на меѓународните стандарди, методологии и современи статистички методи со што е обезбедено квалитетно учество во меѓународниот статистички систем. Националните статистички институции играат важна улога во процесот на обезбедување на податоци кои ќе го помагаат, охрабруваат и подржуваат процесот на одлучување во земјата врз основа на објективни, релевантни, квалитетни и навремени статистички производи. За да се постигне тоа потребна е континуирана модернизација на процесот на производство на официјални статистики. Живееме во ерата на информации, зголемена глобализација, зголемено користење на социјалните медиуми и раст на дигиталните информации. Количината на информациите се зголемува експоненцијално, пристапот до нив станува полесен, а очекувањата од националните статистички институции се зголемуваат. Оваа ситуација ги дефинира предизвиците и очекувањата од македонската статистика која треба континуирано да обезбедува квалитетна статистичка продукција на податоци согласно потребите на корисниците.

Моето долгогодишно искуство со националната, но и меѓународната статистика ми овозможува на студентите освен теоретските да им пренесувам и конкретни знаења за начинот на подготовка на статистичките истражувања, соработката со бизнис секторот, најсоодветниот пристап до базите на податоци, начинот на селектирање на податоци од овие бази и идентификување на потребните методи на статистички анализи на конкретни теми. Подготвените анализи од страна на студентите за: невработеноста на младите, регионалниот развој, заработувачката на вработените, родовите разлики, постигнатиот развој на туризмот, индустријата и многу други теми селектирани од самите нив, ме уверуваат дека е избран вистинскиот начин за приближување на статистиката кон оние кои во блиска иднина ќе треба и најчесто да ја користат.
Подготвил: Д.Ф.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование