X
 14.07.2017 Наука

Невролозите креирале инструмент на кој се свири со помош на мозочни бранови

Инструмент кој емитира ноти според мозочните сигнали на одредена личност е последниот пример на технологија контролирана од мозокот, помагајќи им на оние со ограничено движење да се вклучат во светот.

фото извор: xpixel/Shutterstock

Уредот може да им помогне на оние што доживеале мозочен удар или се парализирани да се вклучат преку музика, задача за која повеќе пати се докажало дека има терапевтски придобивки. Поврзувањето на електронските тонови со мозочни бранови не е ново, со оглед на тоа дека звукот бил повеќепати користен за да се набљудува мозочната активност. Но, она што е ново во оваа иновација е степенот на прецизност кој волонтерите го произвеле со манипулацијата на специфичните ноти од музичката скала.

Овој нов уред е примерок кој овозможува различни мозочни бранови да контролираат синтисајзер. Мозочните бранови во основа се форми на електрична активност произведена од мали флуктуации во волтажа, низ мембраните од клетките во централниот нервен систем. Различни шеми на менување на волтажата произведуваат различни фреквенции. Промените во активноста низ мозокот, дали преку промени во свесноста или концентрацијата, можат да креираат суптилни варијации во различни шеми на бранови.

За уредот да почне да функционира, 15 возрасни волонтери користеле две методи. Едната била со отворање и затворање на очите во времетраење од 15 секунди за да се промени активноста во нивниот визуелен кортекс. Другата вклучувала визуализирање на отворање и затворање на десната рака. Двете методи биле поврзани со промените во мозочната активност со осум вредности, како во музичката скала.

Научниците ќе продолжат да го употребуваат уредот и со други лица за да видат дали можат да ја подобрат неговата функција, а со тоа и да им помогнат на повеќемина.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука