X
 17.07.2017 Образование

Интервју со Давор Тодоровски, дипломиран електроинженер: Истражувачката дејност и силни препорaки од професори го носат на магистерски во Швајцарија

Електроинженерот Давор Тодоровски, Факултетот за електротехника и информациски технологии го завршил со просек 9,80 на насоката телекомуникации и информациски технологии. Иднината ја гледа токму во областа на телекомуникациите поради брзиот развој и огромниот потенцијал за подобрување. Своето образование ќе го продолжи во Лозана, Швајцарија.



-Принципите на кои се базираат денешните телекомуникациски мрежи постојано се менуваат, што овозможува појава и реализација на нови идеи без потреба од огромни инвестиции. Токму поради ова, би сакал да ја посветам мојата кариера на проучување и развој на иновативни концепти од областа на телекомуникациските мрежи, како дел од водечки светски институт или компанија. Најголем предизвик би било креирање “start-up” компанија базирана на иновативно решение, која би имала важна улога на пазарот и во идниот развој на оваа област. Иако ова изгледа речиси невозможно, јас цврсто верувам во идејата дека единствен начин да го реализирате вашиот целосен потенцијал е да си поставите високи животни цели – вели Тодоровски во интервјуто за Факултети.мк.

*Факултети мк: Продолжувате магистерски во Лозана, Швајцарија. Како го одбравте овој факултет и како успеавте да се запишете на светски реномирана високообразовна институција?


-Студиите на Факултетот за електротехника и информациски технологии ми овозможија да стекнам фундаментално познавање од областа на телекомуникациите, но и дополнителен мотив и решителност да продолжам со проучување на оваа област. Имајќи ги предвид моите цели, одлучив дека најдобар начин да се проучуваат нови концепти е да се биде студент на еден од универзитетите што ја имаат главната улога во нивниот развој. По долго истражување, одлучив да аплицирам на магистерски студии на Универзитетот “École polytechnique fédérale de Lausanne (EPFL)”, кој е рангиран како 12. универзитет во светот според "QS World University Rankings”. Една од главните причини поради кои го одбрав EPFL е флексибилната и иновативна програма за студирање, која им дозволува на студентите да прават избор од огромен број предмети и на тој начин да го градат својот профил во зависност од сопствените интереси и афинитети. Дополнително, EPFL има соработка со најголемите ИТ-компании во светот каде што студентите може да ја реализираат задолжителната повеќемесечна пракса како дел од магистерските студии. Поради бројот на студенти што аплицираат од целиот свет, конкуренцијата за запишување на магистерски студии на EPFL е огромна. Во мојот случај, комбинацијата на висок просек, искуство во истражувачка работа и силни препораки од влијателни професори беше клучна при запишување на двегодишни магистерски студии.

*Факултети мк: Знаеме дека студирањето во странство не е евтино, како ќе се снајдете околу финансискиот дел, дали можеби добивте стипендија?

- Високиот стандард на Швајцарија го прави сопственото финансирање на студентите од држави во развој речиси невозможно. Поради ова, слично како и на другите престижни универзитети, EPFL има програми за стипендирање на најдобрите студенти примени на магистерски студии. Една од тие програми е “Research Scholars MSc Program”, според која избраниот студент има можност да работи на истражувачки проект за време на магистерските студии, при што за возврат добива стипендија од страна на универзитетот. Неколку дена по примањето на потврдата за успешната апликација на EPFL бев контактиран од истакнатиот професор на EPFL – Жан-Ив Ле Будек, кој по направеното интервју ми понуди да бидам дел од истражувачки проект под негово менторство. Прифаќањето на оваа понуда значи дека како член на Лабораторијата за компјутерски комуникации и апликации ќе бидам стипендиран за време на моите магистерски студии согласно програмата “Research Scholars MSc Program”.

*Факултети мк: И во Македонија бевте дел од истражувачки тимови на факултетот, а веќе имате и коавторство на научни трудови.

На крајот на третата година од студиите добив можност да станам дел од истражувачката група при Институтот за телекомуникации, позната како “Wireless Networks (WiN) Group”. Главната цел на оваа група предводена од неколку професори на ФЕИТ претставува истражување на нови и ветувачки концепти од областа на безжичните и мобилни комуникации. Како потврда за успешната работа се истакнуваат многубројните научни трудови и успешни истражувачки проекти во соработка со реномирани светски универзитети и компании. Мојата работа како дел од WiN Group се фокусира на развивање клауд-платформа за виртуализација на радио-пристапните технологии:GSM, UMTS и LTE. Оваа платформа претставуваше сегмент од целосно функционално решение, кое беше претставено во научниот труд со наслов: “Dynamic virtual resource allocation in virtualizedmulti-RAT cellular networks”. Овој труд беше објавен во списанието “Wireless Personal Communications”, издадено од страна на издавачката куќа “Springer”. Работењето во WiN Group ми овозможи да се стекнам со значајно практично знаење и искуство и ми помогна да го совладам процесот на преточување на надежна идеја во реално и функционално решение, што претставува важен дел од работата на еден успешен инженер.



Факултети мк: Какви искуства носите од практичната настава во „Македонски телеком“ и во КИБС. Што им препорачувате на Вашите колеги во однос на реализацијата пракса во македонски компании?

Практичната настава е исклучително важен сегмент од образовниот процес на идниoт инженер бидејќи неговата работа се базира на имплементирање на стекнатото теоретско знаење за јасно дефинирање и анализа на конкретен проблем и пронаоѓање соодветно решение. Јас имав можност да ги увидам задолженијата и обврските во работата на денешните инженери преку реализација на практична настава во две македонски компании. За време на двомесечната пракса во Клириншката куќа КИБС бев член на Дирекцијата за информатичка инфраструктура и телекомуникации. Преземајќи ги одговорностите на мрежен администратор, имав можност да се запознаам со функционирањето и управувањето на интерната мрежа на компанијата. Слична улога имав и за време на едномесечната пракса во Дирекцијата за транспортни мрежи во „Македонски телеком“ каде што се запознав со процесот на планирање и димензионирање на оптичките мрежи. Овие искуства ме доведоа до заклучок дека освен тоа што е најдобар начин за развивање инженерски вештини, практичната настава овозможува студентите да ги дефинираат своите интереси и области на понатамошно проучување. Тргнувајќи од личното искуство, би препорачал студентите да покажат иницијатива за реализација на пракса уште во раната фаза на своите студии. Дополнително, сметам дека главен критериум при изборот на практична настава не треба да бидат големината и реномето на компанијата, туку понудените услови и добро развиената програма за практиканти.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование