X
 17.07.2017 Образование

Професор Мишел Павловски: Во актуелната листа со лектири не најдов посебен принцип според кој е направена

Лектирите не се само оддавање почит на творештвото на овој или оној писател, тие се сензитивна материја преку која се промовира одредена идеологија, преку која децата се насочуваат како да се спознае историјата, светот, животот, а пред сѐ и над сѐ, како да се спознае сегашноста – категоричен е професорот од Институтот за македонска литература од Скопје



Длабоко сум убеден дека екипа на стручњаци од различни профили, пред воопшто да почне да го прави списокот со лектири, треба да дефинира принципи според кои тој список ќе се прави. За жал, во актуелната листа со лектири не успеав да детерминирам некој посебен принцип. Ниту успеав тие принципи да ги најдам публикувани во класичните или во новите медиуми – категоричен е Мишел Павловски, професорот на Институтот за македонска литература од Скопје, кој ги анализирал лектирите во основното и во средното образование кај нас. Неодамна Друштвото на писателите на Македонија побара да се ревидира листата со лектири за основно и средно образование. Писателската асоцијација се изјасни дека содржината на лектирата во голем дел е застоена и не соодветствува со вистинските потреби на образовниот процес и на интересите, нивото и сензибилитетот на новите генерации ученици.

-Треба да се има на ум дека креирањето на лектирите во основното и во средното образование е тесно поврзано со наставниот план и програма. Значи, тоа не е работа само на литературниот критичар или на литературниот историчар, туку комплексна мултидисциплинарна дејност во која се вклучени различни профили на стручњаци. Уште повеќе, не станува збор за создавање едноставна антологија на светската или на македонската книжевност, туку за четиво кое ќе влијае врз воспитувањето на генерации деца и младинци, односно на носителите на иднината на државата – вели Павловски.
Лектирите, додава професорот, „на тој начин, не се само оддавање почит на творештвото на овој или оној писател, тие се сензитивна материја преку која се промовира одредена идеологија, преку која децата се насочуваат како да се спознае историјата, светот, животот, а пред сѐ и над сѐ, како да се спознае сегашноста“.

Според професорот Владимир Мартиновски од Филолошкиот факултет, мора да постојат критериуми при изборот на лектирите.

А) Естетски критериуми

1) При изборот и измените на лектирите стожерен критериум треба да биде естетската, т.е. книжевната вредност на делата. Во таа насока, литературните творби треба да бидат со засведочени естетски вредности, верифицирани од страна на книжевната критика и книжевната историја. Делата треба да ги краси стилски рафинман и јазичен израз разбирлив и приемчив за учениците од соодветното одделение.
2) Преку естетските дострели, предложените книжевни дела треба да ја стимулираат читателската љубопитност кај учениците и да ја развиваат читателската култура.
3) Неопходно е да се почитува принципот на репрезентативност на книжевните творби во сферата на книжевноста за деца и млади. Особено е битно да се имаат предвид наградени дела на реномирани специјализирани конкурси од оваа област (наградите „Христијан Андерсен“, „Астрид Лингдгрен“...)
4) Притоа, од особено значење е да се инсистира и на квалитетот на преводите на предложените дела од странските автори.
5) Во изборот на лектирата, покрај светските класици, треба да се настојува да се застапат и дела од авторите на соседните литератури.
6) Особено е значајно да се направи добар избор и од македонската книжевност за деца и млади. Од голема полза во збогатувањето на листите со дела од најновата македонска продукција во доменот на литература за деца и млади може да биде и застапување на првонаградени дела на конкурсот „Ванчо Николески“ за детска книжевност на ДПМ.   
 
Б) Книжевно-историски и жанровски критериуми

1) Неопходно е да се направи избор на репрезентативни дела од македонската и од светската книжевност за деца и млади и од книжевно-историска перспектива.
2) Особено е важно во лектирата да бидат застапени дела од сите позначајни епохи и дела од современата книжевна (македонска и светска) продукција.
3) Во корелација со актуелните наставни планови по предметот македонски јазик, треба да се направи избор на дела што ќе ги стимулираат учениците да ја запознаат жанровската разнообразност во книжевното творештво.
 
В) Педагошки критериуми
 1) При изборот на лектирата, исто така, задолжително треба да се води сметка книжевните дела да соодветствуваат и со наставните програми по предметот македонски јазик и со возраста на учениците и нивните развојни карактеристики.
2) Притоа, треба да се имаат предвид капацитетите, предзнаењата, компетенциите и интересите на учениците, а и воспитните придобивки од читањето на соодветното книжевно дело. Сознанијата од досегашните анализи и анкети се дека во досегашниот избор има и дела што се несоодветни за возраста на учениците.
 
 Г) Технички стандарди за лектирните изданија
 
Покрај наведените општи критериуми, предлагаме да се установат и стандарди и прецизни упатства за квалитетот на изданијата на лектирите, кои ќе им бидат дистрибуирани на издавачите. Имено, неопходно е да се постави како стандард големината на фонтот, бидејќи книгите треба да бидат лесно читливи за учениците. Треба да се изработат и стандарди за техничката подготовка на книгите, квалитетот на хартијата, но и стандарди за ликовно уредување на изданијата, бидејќи визуелниот аспект е мошне значаен при рецепцијата на книжевните дела.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование