X
 25.07.2017 Образование

Катерина Илиовска и Борка Лазарова дипломирале на ТМФ, а сега ќе учат во светски истражувачки центри

Студии на светски познати универзитети кои нудат одлични можности за изучување на научните области и развој на личните потенцијали е сон на секој студент што сака да стане научник. Но, со добра основа стекната на матичните факултети и вложување во себе и во своето знаење, ова секако дека е возможно. Тоа го покажува и примерот на Катерина Илиовска и Борка Лазарова, кои студирале на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, а сега ќе продолжат да инвестираат во своето знаење во светски познати истражувачки центри.


Катерина Илиовска (лево), Борка Лазарова (десно) 

Во Краков и во Лисабон ќе учи како да добие повеќе енергија, а помалку да ја загадува околината.

Катерина Илиовска овој јуни дипломирала на насоката Неорганско инженерство и заштита на животна средина на ТМФ. Сега ќе учи во Краков и во Лисабон на насоката Енергија од чисти фосилни и од алтернативни горива при KIC InnoEnergy Master's School. Таа ни објасни дека ова е институција која соработува со 16 реномирани универзитети во Европа.

- Сите мастер-програми што ги нуди оваа институција се со двојни програми (double – degree), односно првата година се студира на еден, а втората на друг универзитет и по завршувањето на студиите студентите се стекнуваат со двојна диплома. Програмата на која ќе учам вклучува една година студии на техничкиот универзитет во Краков и една година студии на техничкиот универзитет во Лисабон. За оваа програма дознав преку студентската организација БЕСТ – Скопје, во која членувам веќе 3 години, кога институцијата нè контактира со цел да одржи презентација за мастер-програмите пред македонските студенти од техничките факултети. Насоката е од областа на енергетиката, меѓутоа, добредојдени се студенти од сите технички факултети. За време на студиите на ТМФ имав неколку предмети поврзани со горива, а мојата дипломска работа беше за искористување на нуспродуктите што се добиваат при согорување на фосилните горива, па при нејзината изработка сфатив дека во иднина би сакала подетално да ја изучам оваа област – вели Илиовска.

Во текот на претходните четири години како студент на ТМФ имала можност да се стекне со доста солидно знаење од областа на неорганското инженерство и заштита на животната средина. Вели дека на нејзината насока биле само 10 студенти и смета дека тоа е една од најголемите предности кога се студира на ТМФ.

-Кога се работи за мала група, професорите имаат можност да им посветат доволно време на сите студенти и тоа овозможува ние, студентите, да бидеме послободни во комуникацијата со професорите и помотивирани за учење. Исто така, за време на студиите ни беа обезбедени поголем број посети на компании од областа што ја изучувавме, а исто така достапни беа и стипендии од некои од тие компании за најдобрите студенти. Добитник на една таква стипендија бев и јас, а имав и шанса во истата компанија да одам на летна пракса, што беше супер можност да го применам моето знаење и да научам нешто ново – вели таа.

Насоката што избрала да ја учи ќе ѝ овозможи истражување во доста популарна тема од областа на енергетиката и одржливиот развој и истата ќе ѝ понуди големи можности за истражување. Еве што точно ќе учи Катерина:

-Транзицијата на добивање енергија од обновливи наспрема необновливи извори на енергија се случува, но во меѓувреме треба да се осигураме искористувањето на необновливите извори, како што се фосилните горива, да се усоврши, односно да се оптимизираат процесите со што добивката на енергија би била поголема, а загадувањето помало од моменталното. KIC InnoEnergy Master’s school соработува со врвни европски компании, истражувачки центри и бизнис-школи. Меѓу двете студиски години на студентите им се нуди учество на едномесечна бизнис-школа, а исто така за време на целото студирање се работи на развивање на претприемачките вештини. Студентите имаат можност за пракса и работа во партнерските компании, а исто така имаат и голема поддршка да започнат свој бизнис. Веќе постојат голем број успешни стартап-бизниси започнати од магистрирани студенти при оваа институција – вели Илиовска.

Секој напредок во општеството и во технологијата е поврзан со напредокот во областа на материјалите.

Нејзината колешка Борка Лазарова, пак, дипломирала на ТМФ на насоката Инженерство на материјали и нанотехнологии.
Таа сега ќе продолжи со студии во истата област на универзитетот Politecnico di Milano, најголемиот, а воедно и најдобар технички универзитет во Италија. Тој е рангиран и како 24. најдобар универзитет во светот за инженерството и технологијата. Апликацијата за мастер-студиите Лазарова почнала да ја подготвува уште во септември. За добра апликација покрај доказ за одличен академски успех, смета дека влијание има и одлично мотивационо писмо. Покрај тоа што е примена на посакуваната насока, таа е и добитник на највисоката стипендија понудена од Универзитетот на десет интернационални студенти примени на мастер-студии - Платинум-стипендијата.

-Искрено, препознавањето на моето знаење и на мојот квалитет од страна на институција од ваков тип е огромна мотивација за понатамошен труд, напорна работа и подобрување во областа што избрав да ја изучувам. Мастер-студиите на насоката Инженерство на материјали и нанотехнологии во времетраење од две години имаат цел да креираат експерт за материјали и дизајнер на процеси и компоненти. За таа цел, потребно е длабоко познавање на карактеристиките и примената на различните типови материјали, како и на напредните техники на процесирање и нивното влијание врз крајните својства на продуктите. Токму ова е всушност основата на инженерството на материјали. Со оглед на тоа што станува збор за исклучително интердисциплинарна област, од страна на Универзитетот предложени се неколку модули кои се посветени на специфични индустриски сектори или примени на материјалите: Инженерство на површини, Инженерство на полимери, Наноматеријали и нанотехнологии, Инженерски примени и Микромашинско инженерство. Јас ќе го изберам модулот Наноматеријали и нанотехнологии затоа што можностите и потенцијалните примени кои произлегуваат од димензиите на материјалите се токму она што сакам да го истражувам и кон кое сакам да придонесам во иднина. Дополнително, секој напредок во општеството и во технологијата е поврзан со напредокот во областа на материјалите. Секако, за мене ова е огромен мотив и поттик за студирање и подобрување во оваа област – објаснува Лазарова.

Таа спаѓа во првата генерација студенти на насоката Инженерство на материјали и нанотехнологии во Македонија и вели дека е задоволна од студиите на ТМФ. Најголем дел од професорите биле достапни во секое време за студентите, без оглед дали станува збор за прашања поврзани со предметот што го предаваат, за мислење поврзано со понатамошно образование или за друг тип совет.

-Исто така, поради тоа што бевме релативно мала група студенти, уште во прва година воспоставивме навистина добри односи со професорите, што резултира во понатамошна соработка за конгреси, симпозиуми и многубројни работилници кои беа од огромно значење за моето образование. Така, благодарение на поддршката од страна на моите професори, имам учествувано на интернационален симпозиум во Тузла, Босна и Херцеговина, конгрес за млади хемичари во Белград, Србија, како и во проектот Креативно решение и екодизајн од пластично шише, во кој требаше да покажеме креативни начини за искористување на пластичниот отпад.

Дополнително, трудот и напорната работа ни овозможија да добиеме награда за најдобра постер-презентација на симпозиумот во Тузла. Студирањето на ТМФ, покрај формалното образование, ми помогна да стекнам и да подобрам многубројни вештини токму поради учеството во проекти од овој тип. Топло му го препорачувам на секој иден студент што покрај класичните студентски денови исполнети со предавања и вежби, би сакал да ги направи првите чекори кон научноистражувачка работа, како и да се стекне со дополнително знаење и контакти кои се од непроценливо значење.

Лазарова смета дека иднината е токму во наноматеријалите и нанотехнологијата.

-Ова значи дека можностите за научноистражувачка работа се огромни, секако доколку постои желба за работа, амбиција нештата да се направат подобри, како и упорност. Од друга страна, областа што ја изучувам е доста широка и се здобив со солидно знаење кое би можела да го применам во компаниите кои спаѓаат во т.н. традиционална индустрија во Македонија и во светот. Затоа, со сигурност тврдам дека шансите за вработување на дипломиран инженер од оваа област се огромни во секое време – завршува таа.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование