X
 25.07.2017 Култура

Контроверзната автобиографија на Салвадор Дали


Салвадор Дали
(Фото: Wikimedia Commons)

Салвадор Дали никогаш не престанал да изненадува. Свесен дека е поинаков до толкава мера што ги допира границите на генијалноста, својот егзибиционистички живот го поставил помеѓу кориците на крајно контроверзната автобиографија што бесрамно ја именувал „Јас сум гениј“.

Генијален од раното детство

„Од мојата шеста година ми стана сосема јасно дека сум генијален и морам да признам дека свеста за тоа, која од ден на ден станува сè посилна, во мене предизвикува чувство чија постојаност ми е извонредно пријатна.“

Без задршка, Дали на читателите им дава до знаење за каков гениј ќе читаат. Гениј, кој се сеќава на мајчината утроба и доаѓањето на свет „како тоа да беше денес“. Гениј, чие свето име Салвадор му е дадено со однапред зададена цел – да биде спасител на сликарството.

Го запознаваме дел по дел, прво низ епизодна слика со фрлање дете од мост без никаков повод, ниту причина.

„Не се сеќавам дека тој ден во кој било момент сум почувствувал вина“, вели, „знам дека истата таа вечер, шетајќи како и обично на полноќ, уживав во убавината на секое стракче трева.“

Потоа, многу сликовито ни опишува сцена каде што ја претепува сопствената сестра, исто така од чист каприц, за кругот од бизарни анегдоти да го затвори со сведочењето за корените на својата генијалност. Дали уживал да биде предмет на нечиј разговор кога и да се создадела можност за тоа.

На едно место во автобиографијата со гордост раскажува како професорот по сликарство и неговата жена со години си ги раскажувале фантазиите и анегдотите на ова чудно дете, и имале моќ до солзи да ги засмејуваат луѓето.

Пресуден момент на спознавање на неговата неприкосновена генијалност, како што кажува самиот во книгата, бил кога неговиот професор по сликарство открил врата на која Дали од досада насликал восхитувачко реалистично црешово дрво.

Со текот на времето, оваа слика станала вистински колаж од црви и залепени дршки – нешто со кое никој што ја познавал уметноста не се сретнал претходно. Луѓето немо стоеле пред оваа врата, во неверување изговарајќи: „Ова е генијално“.

Генијалност во служба на уметноста


„Детето-цар стана анархист. Од принцип бев против сè. Уште во детството сè правев различно од другите, но речиси без да забележам. Подоцна, како младо момче, тоа го правев намерно. Доволно беше некој да каже ’црно‘, па јас да одговорам ’бело‘, доволно беше некој со почит да се поклони пред нешто, за јас да плукнев на тоа. Мојата постојана потреба да бидам поинаков ме тераше на плач од бес. Секогаш си повторував – Единствен јас! Единствен јас! Единствен јас!“

Од оваа непоправлива антипротивност и желба да биде посебен, се родила, како што кажува самиот, вистинската почит кај колегите уметници, дури и кај оние со поголемо искуство. На едно место во книгата сведочи за периодот кога само што се појавил во надреалистичките кругови, сфатил дека одеднаш станал главна тема.

Зборува како стекнал впечаток дека ги надминал своите колеги бидејќи тие само повторувале: „Дали рече вака... Дали мисли... Тоа личи на Дали... Тоа е далиевско!“

Критичарите почнале сè да просудуваат во однос на Дали. Буњуел беспоговорно целосно го изменил сценариото за филмот „Андалузискиот пес“ по совет на Дали.

Судејќи според сè, ексцентричната личност на Дали му обезбедила почесно, речиси вонземско место меѓу луѓето.

Меѓутоа, со оглед на тоа што ништо не е вечно, Салвадор Дали набрзо, речиси незабележително се симнал од тронот. Од човек кој некогаш од чиста досада потопувал пари во виски и ги набљудувал како се распаѓаат, станал сиромав кој со својата жена се борел за секое парче леб.

„Немаштијата беше наша голема тајна. Речиси никогаш немавме пари и живеевме во тајност обземени од грижата поради тоа. Меѓутоа, знаевме дека нашата сила лежи во тоа да не го покажеме. Сожалувањето од блиските убива. Силата, зборуваше Гала, не е во тоа да се предизвика сожалување, туку посрамување. Можевме да умреме од глад и никој да не дознаеше за тоа. Genio y figura hasta la sepulture – генијалност и став до смрт, тоа беше нашата девиза.“  
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура