X
 30.07.2017 Култура

Кој е Џеф Безос – најбогатиот човек на светот на еден ден?


Џеф Безос
(Фото: Profimedia)

За просечниот читател, Џеф Безос е име за кое не се знае многу – освен фактот дека е основач на „Амазон“. Со оглед на медиумската експонираност, Бил Гејтс, Илон Маск, Тим Кук и други се многу попознати и повпечатливи во јавноста, иако Безос е навистина посебна личност која и тоа како заслужува внимание.

Основачот и челникот на „Амазон“ можеби е најпознат токму по таа таинственост, но тој всушност е брилијантен претприемач, инвеститор и филантроп. Освен подемот на „Амазон“ во големиот e-commerce свет, исто така има свои разграноци и во медиумскиот, но и во – вселенската индустрија.

Деновиве Безос стана многу погодна фигура за медиумите откако само на еден ден, му го одзеде приматот на Бил Гејтс на скалата која го одредува „најбогатиот човек на светот“.

Кој е Џеф Безос?

Џеф Безос е роден на 12 јануари 1964 година. Уште од најмала возраст покажувал талент за расклопување на што било. Како тригодишно момче успеал да го расклопи својот кревет затоа што посакал да спие во кревет по негова мерка. Воспитувањето на момчето на 4-годишна возраст го презел неговиот очув Мигуел Безос, за кој се омажила неговата мајка Џеклин Гиз.

Во книгата на Бред Стоун за приказната која стои зад Безос и „Амазон“ е опишано и тоа дека неговиот биолошки татко до пред извесно време не ни знаел што станал неговиот син.

Гаражата на родителите за Џеф претставувала вистинско лабораториско игралиште. Со денови таму создавал секакви апарати, а во таа рана доба на компјутерите покажувал голем интерес за светот на електрониката, но и за вселенските истражувања. Создавал соларни шпорети, летала, роботи, ласери и електронски аларми, со кои оневозможувал пристап до неговата соба.

Љубовта кон светот на технологијата и експериментирањето во голем дел ја наследил од својот дедо од мајчина страна, кој работел како регионален управител на Американската комисија за нуклеарна енергија. Затоа и не зачудува фактот дека уште од најмала возраст Џеф посакувал да стане „вселенски претприемач“. Денес, меѓу другото, тој е сопственик и основач на компанијата Blue Origin, која врши експерименти со многубројни иновации поврзани со вселенски истражувања.

Од мали нозе сонувал за колонизација на вселената и за спасување на Земјата

Безос секоја недела издвојува барем еден ден за да се посвети на компанијата Blue Origin. Слободно може да се каже дека тој е еден од ретките среќници што успеале да се обидат да ги реализираат своите најлуди соништа од детството. Како 18-годишен, тој сонувал дека ќе гради вселенски хотели, забавни паркови и колонии за повеќе милиони луѓе кои ќе бидат принудени да живеат надвор од Земјата.

Во интервјуто за „Мајами хералд“ од 1982 година, тој изјавил дека целата идеја се однесувала на обидот да се спаси Земјата и да обезбеди евакуација на што поголем број луѓе, додека Земјата како планета ја замислувал да се претвори во парк.

Мисијата на Blue Origin е да создаде добри услови за комерцијални летови во вселената за сите луѓе, по ниски цени. Токму како и компанијата Space X на Илон Маск, и таа на Безос се занимава со можноста за рециклирање на ракетите за што повеќе летања.

Инженер, но примарно бизнисмен

Џеф уште во средно училиште го направил својот прв деловен потег – основајќи го образовниот камп The Dream Institute за ученици од четврто, петто и шесто одделение. По завршувањето на инженерското образование на факултет (електроника и компјутерски науки) – работел во низа различни организации и компании.

Затоа и не е чуден фактот што меѓу првите стигнал до Вол стрит, инвестициските фондови и инвестициските компании. Токму пред златната доба на интернетот, во 1990 година, станал најмладиот потпретседател на компанијата D.E.Shaw. Токму на ова место Џеф ја увидел можноста за деловни потези поврзани со светот на интернетот... додека бил на оваа позиција, ја запознал својата идна сопруга Мекензи С. Татл. Една година по венчавката, двојката се преселила во Сиетл, а нацрт-планот за иднината на онлајн-бизнисот, двојката го создала за време на долгото возење.

Од „труп“ до „Амазон“.  Што?!

Безос во 1994 година осознал колкаво ќе биде влијанието на интернетот врз сите области – па и трговијата. Затоа со сопругата го напуштиле добро платеното работно место во Њујорк и се впуштил во сопствени деловни води. Направил список од 20 предмети што би можеле да се продаваат онлајн и на крајот се одлучил за книгите. Новата канцеларија ја отворил во гаражата и со Мекензи и двајца програмери почнале со реализацијата на својот бизнис-план.

Така е создадена компанијата Cadabra Inc., која подоцна е преименувана во „Амазон“, според јужноамериканската река. Првичното име набрзо било заборавено, главно затоа што асоцирало на cadaver (труп). Со текот на годините, „Амазон“ буквално „експлодира“ и започна да се занимава и со други сегменти од електронската трговија. Сето останато, веќе е историја...

Еден од куриозитетите  поврзани со почетоците на „Амазон“ е и фактот дека Безос од обична дрвена врата го направил и своето прво канцелариско биро. До денес во канцелариите на „Амазон“ се наоѓаат бироа од тој „модел“.  Безос е вонредно економичен и штедлив тип, а пристапот „направи сам“ и денес е во центарот на неговиот успех во бизнисот.

Скромен и неекспониран

Маск, Гејтс и многу други се попознати од Безос, но од друга страна тој е најпознат на американската бизнис-сцена во споредба со остатокот од светот, во секоја смисла. Сето ова е поврзано со неговиот личен, малку поскромен пристап кон работите, воопшто.

Своите планови не ги открива пред никого и е многу таинствен, што неретко предизвикува лутина кај деловните аналитичари кои се обидуваат да направат вистински прогнози. И покрај тоа, Безос три години со ред завршува на списокот на „Форчун“ со 50. најголеми светски лидери, за во 2015 да биде на врвот на тој список.

Она што го прикажува во јавноста е во многу нешта поедноставна и репетитивна личност, која е како создадена да не предизвикува медиумски интерес. Но, реалноста е многу поинаква...

Строг кон себе, но и кон другите


Можеби звучи иронично, но Безос е најмалку таинствен кон потрошувачите. Толку е отворен кон нив, што обезбедува можност секој да може индивидуално директно да му прати е-порака на неговата лична адреса. Ако процени дека проблемот навистина заслужува внимание, на одговорните луѓе во неговата компанија му ја препраќа е-пораката со еден знак прашалник. 

За работата да биде уште посложена, желбата на Безос да им угоди на потрошувачите понекогаш е навистина преголема. Така, во 2010 година тој бил подготвен целосно да го укине системот за e-mail маркетинг, кој на компанијата му носи милиони во продажниот резултат, затоа што потрошувачите биле посрамотени со примање пораки поврзани со лубриканти по пребарувањето на страниците на „Амазон“.

Филантроп, но и уништувач

Џеф Безос смета дека конкуренцијата едноставно треба да се дотолчи. Високото ниво на конкурентност за него значи дека треба директно да се оди во „грло“ на другите компании, кога за тоа има потреба. Позната е барем една ситуација кога тој поради конкурентност се одлучил на „термонуклеарна опција“ – со симнување на цените до бесвест, па конечно купување на „паднатиот“ конкурент кој „се одлучил да оди против ’Амазон‘“.

Истовремено, покрај многубројните донации и филантропски проекти од долгорочна природа, неодамна покажа дека и тоа како има волја да ги слуша другите со едноставна порака дека има средства, па прашува како може најбрзо и најдобро да ги употреби  за да има смисла филантропијата:


Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура