X
 01.08.2017 Култура

Откриен нов објект на Стибера, археолозите велат: „Од тркалото над Вардар не се гледаат занемарените археолошки локалитети во Македонија“

Недозволиво за една држава е Курбиново и Стибера - нашите средновековни христијански и антички бисери - да чекаат некоја амбасадорка на велосипед или амбасадор кој се фрла во буре на Водици да извлекува лотарија кому следната година да додели грант. Грантот е понижување. Потребен ни е поразумен однос кон нашето богато и единствено културно минато, вели археологот Душко Темелкоски



Кога на Стибера нема да се открие мермерна скулптура, тогаш кампањата е сушна што се однесува до откриените движни наоди, вели Душко Темелкоски, археолог од Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј од Прилеп, кој неколку години ги раководи археолошките ископувања на античкиот град кај прилепското село Чепигово. Сепак, годинашните ископувања открија нов објект веднаш до храмот на божицата Тихе, заштитничката на градот. Тоа беше и целта на истражувачите - да се отвори просторот јужно од храмот, кон работилницата за теракотни претстави и светилиштето со птичје лице, кои беа откриени во претходните години.

- Откривме вообичаени наоди - керамички садови, накит, керамичка ламба (ефески тип) и монети од доцномакедонскиот, римско-републиканскиот и царскиот римски период – објаснува Темелкоски.

Археолошките истражувања завршија деновиве. Во стручната екипа беа вклучени и четворица невработени археолози. Тимот работеше 20 дена со оскуден буџет од 300 илјади денари, сума што ја добиваат веќе четири години.

- Во годината кога беше откриен објектот за кој претпоставуваме дека е Собранието (булевтерион) на градот, добивме дополнителни 200 илјади денари – објаснува Темелкоски.

Пари само за 20 дена

Новооткриениот објект се наоѓа до храмот на Тихе. Според првичните сознанија, во него веројатно се одвивале одредени обредни процесии кои им претходеле на главните обредни дејства во храмот. Неколку факти насочуваат кон оваа претпоставка, објаснува Темелкоски:

- Ѕидовите на градбата се трипати потесни од оние на храмот. Тоа ги рангира двете градби според значење. Ширината изнесува 13 метри - доволен простор за повеќе луѓе присутни на обредот, за разлика од просторот на храмот, кој е помал. Веројатно таму можеле да присуствуваат само повидни граѓани и свештенството за време на процесијата. Во централниот дел евидентиравме платформа оформена од мермерни подни плочи и оградни блокови-парапети со бунар кој имал култна намена. Длабок е три метри, како и тој во храмот. Буџетот овозможи делумно да го откриеме објектот, една половина. Доистражувања верувам дека ќе ја потврдат нашата претпоставка за неговата намена. Со претходните кампањи беше откриена работилницата за изработка на теракотни претстави на божества од истиот период, 1 и 2 век, кога градот го достигнал својот зенит. Таа беше веднаш до овој објект. Тогаш немавме логично објаснување како е можно во овој акрополен дел на градот, во непосредна близина на храмот, да биде позиционирана таква „нерепрезентативна“ градба. Со откривањето на новиот објект заклучивме дека работилницата била поврзана, била дел од него, во служба на храмот - раскажува Темелкоски.

Најмалку истражениот антички град кај нас

До пред десетина години Стибера важеше за археолошки локалитет тргнат настрана, иако отсекогаш бил една од најинтересните урбани целини од антиката на територијата на Република Македонија. Потоа нештата се сменија, локалитетот стана дел од капиталните проекти на Владата. Сепак, во ниту еден момент за Стибера не беа издвоени големи буџети, како за Исар-Марвинци кај Валандово, Скопско Кале или Плаошник во Охрид.



Темелкоски вели дека во почетните години на истражувања на локалитетите од капитален интерес, за Стибера биле издвојувани солидни средства.

- Но, постепено се „губи на кондиција“, не само во поддршката на нашиот локалитет. Сумата од 300 илјади денари е навистина незадоволителна. Морам да напоменам дека актуелниот директор на Управата за заштита на културното наследство, Виктор Лилчиќ Адамс, има голема заслуга што Стибера остана во „игра“, со оглед на тоа што некои локалитети не се финансираат последниве години. Сепак, има одредени моменти што се неразумни. За кампања на Стибера од 20 дена добиваме 5.000 евра, а еден истражувачки ден на Скупи се финансираше со 13.000 евра. Оваа цифра ја добивам како податок од повеќе места. Овој сооднос е како Токио и Брегот на Слоновата Коска. Кога би имале на располагање барем два такви дена, ќе дознаеме многу, многу повеќе за бисерот Стибера, центарот на областа Девриоп, секако најмалку истражениот антички град кај нас – дециден е Темелкоски.

Лимена гаража и температура од 50 Целзиусови степени

Стибера денес не е подготвена да прерасне во национална институција – самостоен археолошки локалитет по примерот на Стоби, каде што истражувањата и работата траат во текот на целата година. Темелкоски објаснува дека на локалитетот има контејнер преземен од НАТО во кој се чува алат. Има и лимена гаража во која архитектот-конзерватор треба да изработува техничка документација. Во топлите летни денови внатре температурата достига и до 50 Целзиусови степени. - Вода за миење раце и керамика се носи во канистри од селото Чепигово. Кадарот на археолози во прилепскиот Завод и Музеј брои двајца. Несериозно е едниот од нив да биде институција – шеговито ја објаснува Темелкоски реалната состојба.



На прашањето има ли Македонија стратегија за развој на овие археолошки локалитети и што првенствено треба да се направи, тој вели дека ако годишната финансиска поддршка е како „два-три дена на Скупи“, не е потребно овие локалитети да се издвојуваат како посебни институции.

- Со тие при пред сѐ ќе се решат имотно-правните пречки, со оглед што целиот град лежи на приватни имоти. Таква е состојбата и на повеќето други археолошки локалитети во земјава. Пред неколку години го откривме Собранието на Стибера, единствената таква градба во Македонија. По завршувањето на истражувањата на само еден мал дел од објектот, повторно го засипавме со земја, по барање на сопственикот на парцелата – раскажува Темелкоски.

Тој ги набројува и другите придобивки: би се истражиле нови простори од градот, паралелно ќе се конзервираат објектите, просторот ќе се урбанизира со соодветни информативни табли, би се изградил пристоен објект (по урнек на оној во Хераклеја).

- Нема да ни требаат агенции од Бугарија кои посредуваат при реализација на археолошки школи – работилници. Самиот локалитет ќе има потенцијал да привлекува научници, во чии земји археолошките истражувања се поистоветуваат со форензичарски подвизи во изнаоѓање на тоа „кој го убил Зајакот Роџерс“. Од тркалото над Вардар, и колку да биде високо, не се гледаат занемарените археолошки локалитети во Македонија, а кои имаат огромен потенцијал за културна презентација. Можеме да се приближиме до Грција, Рим, Турција и Египет како археолошка туристичка дестинација. Но, дали сакаме? Недозволиво е за една држава Курбиново и Стибера - нашите средновековни христијански и антички бисери - да чекаат некоја амбасадорка на велосипед или амбасадор кој се фрла во буре на Водици да извлекува лотарија кому следната година да додели грант. Грантот е понижување. Потребен ни е поразумен однос кон нашето богато и единствено културно минато – вели Темелкоски.

Сите сте добредојдени на Стибера

Македонската Помпеја е најчесто употребуваниот синоним за Стибера поради големиот број парчиња од откриена мермерна пластика со извонредна претстава на човечката анатомија. Стибера бил значаен антички град, објаснува Темелкоски. Егзистирал од средината на 3 век пред новата ера до крајот на 4 век. За време на македонско-римските војни, римските легии се снабдувале со жито во овој град, додека, последниот античко-македонски крал Персеј во еден период во Стибера го стационирал својот штаб од каде што раководел со воените операции против Римјаните.



Стибера го доживува најголемиот подем во римскиот царски период, во 1 и 2 век. Од тоа време се откриените градби. Покрај храмот на божицата Тихе, позначајна градба е гимназионот каде што се образовале млади момчиња (ефеби).

- Според натписите на спомениците откриени во гимназионот, добиваме сознанија за бројот на ученици, што овозможува приближно определување на вкупниот број на жители на градот - околу 20.000. Оваа бројка покажува дека Стибера бил значаен урбан центар. Во градбите се откриени голем број скулптури на видни граѓани, божества и на император. Овие репрезентативни наоди биле изработени во работилница во градот од мошне квалитетен ситнозрнест бел мермер, најверојатно експлоатиран од рудникот Сивец, во близина на Прилеп, кој и денес е активен. Сепак, досега откриените објекти се мал дел од урбаната целина. Градот во својот најголем процут бил во ранг на мегаполис од наше време и со право заслужува третман на археолошки локалитет од капитален интерес. Благодариме на поддршката. Сите сте добредојдени на Стибера - завршува Темелкоски.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура