X
 06.08.2017 Образование

Најголемите ИТ компании во Македонија го препознаваат квалитетот на студентите на ФИКТ

Нова тригодишна студиска програма, бројни можности за практична настава, стипендии, се само дел од придобивките за сегашните и идните студенти на Факултетот за информатички и комуникациски технологии (ФИКТ) – Битола во претстојната академска година. На почетокот од основањето на ФИКТ во 2014 година се запишуваа студенти на повеќе студиски програми кои оваа високообразовна установа ги наследи од отсекот за информатика при Техничкиот факултет – Битола, како и од Факултетот за администрација и менаџмент на информациски системи (ФАМИС). Почнувајќи од академската 2015/16 година студентите се запишуваа единствено на новата четиригодишна студиска програма „Информатички науки и комуникациско инженерство“ (ИНКИ; 240 ЕКТС), каде по дипломирањето се стекнуваат со називот „дипломиран инженер по информатички науки и комуникациско инженерство“.  



- Согледувајќи ги потребите на стопанството, како и интересот на потенцијалните студенти, ФИКТ во претстојната академска 2017/18 година, покрај четиригодишната програма повторно нуди и нова тригодишна студиска програма „Информатика и компјутерска техника“ (ИКТ; 180 ЕКТС), со чиешто завршување студентите ќе се стекнат со назив „дипломиран информатичар“. Сето тоа се прави со цел студентите, колку што е можно поскоро, да најдат вработување и да придонесат со своите стекнати знаења и вештини во развојот на ИКТ индустријата во регионот и пошироко - вели проф. д-р Пеце Митревски, декан на ФИКТ.

Какви се вашите очекувања околу претстојните уписи за новата академска година? Што покажува досегашниот интерес на студентите?


- Факултетите, на овој или на оној начин, постојано се обидуваат да им го привлечат вниманието на средношколците. Така на пример, ФИКТ веќе две години по ред организира натпревар по програмирање за средношколците од Македонија, под името CodeCup. Како и минатата, така и оваа година, учествуваа повеќе од 40 тимови од десетина градови од југозападниот, Вардарскиот и југоисточниот регион – токму од онаму од каде што се запишуваат и најголем број студенти на нашиот факултет. Натпреварот има за цел да ја поттикне кај средношколците нивната креативност, иновативност, тимската работа и натпреварувачкиот дух. Дополнително, наставниците од факултетот, со свои посети, непосредно ги презентираа студиските програми низ средните училишта низ земјава, обидувајќи се да им ги доближат сите профили на специјализација, како и можностите за вработување на соодветни работни места на почетно ниво. Имајќи го предвид интересот од претходните три академски години, бројот на средношколци кои се јавуваат како потенцијални студенти во прва година на факултетите во Македонија, како и нивното поведение на социјалните мрежи, очекувањата на ФИКТ се дека во оваа академска година ќе бидат исполнети државните квоти на сите студиски програми, односно околу 200 студенти на четиригодишните универзитетски студии, околу 80 на тригодишните универзитетски студии, како и околу 40 студенти на дисперзираните студии во Велес.

Повеќето факултети на своите студенти им нудат стипендии кои ги обезбедуваат во соработка со компании од конкретната дејност кои работат во земјава. Има ли таква понуда и за студентите на ФИКТ?


- ФИКТ на овој план можеби и поставува нови стандарди. Факултетот, со одлука на деканатската управа, ги ослободи од школарина за студирање учесниците на CodeCup од трите првонаградени тимови во првата година на студирањето, со можност и за натамошно ослободување од партиципација доколку се запишат на ФИКТ и постигнат висок просек. Најдобрите тимови на натпреварот беа наградени и со пригодни награди, спонзорирани од неколку етаблирани ИТ компании кои имаат свое седиште, или, во најмала рака, свое претставништво во Битола. Тимовите, пак, составени од студенти на ФИКТ од Битола беа или победници или освоија една од првите три награди, на неколку натпревари, како, на пример, „Скопски автобуски хакатон“, „Паметна автобуска постојка“ (во организација на Фондот за иновации и технолошки развој и ЈСП Скопје), Codefest Marathon 2016 и 2017, итн. Дел од компаниите, препознавајќи го квалитетот на нашите студенти, излегоа и со конкретни понуди наменети токму за студентите. Најголемата ИТ компанија во Македонија, “Seavus”, во две академски години додели 8 школарини на студенти од ФИКТ во висина од 200 евра. Школарините беа доделени на студентите кои покажаа најдобри резултати на тестирањето што се спроведе на ФИКТ. Услов за полагање на тестот беше студентите да бидат од втора, трета или четврта година на студии, со просечен успех од најмалку 8,50.

Стопанствениците честопати истакнуваат дека на македонските студенти им недостига практична работа додека студираат. Има ли на ФИКТ некакви промени во овој поглед, им нудите ли повеќе можности за практична работа на студентите?

- Во изминативе две академски години, со цел поквалитетно практично усовршување на студентите од ФИКТ и нивно вработување после завршувањето на студиите, факултетот со компаниите од ИТ секторот, SEAVUS Group, iSource, ХЗМ Labs, NBD Soft, Cosmic Development и Прогрупа, формираа околу 30 студентски работни групи, во кои околу 150 студенти во период од февруари 2015 до мај 2016 година активно работеа на практични проекти од областите на софтверското инженерство и мрежните сервиси. Студентските групи беа водени од ментори од ИТ компаниите и професори од факултетот. На крајот на програмата „Менторство“, на ФИКТ се одржаа презентации на проектите изработени од студентските работни групи. Исто така, ИТ компаниите им доделија сертификати на студентите кои учествуваа во работата на групите. Компанијата Seavus на седум студенти, учесници во нивните студентски работни групи, им додели месечни стипендии кои ќе ги добиваат до крајот на нивното школување и на повеќе студенти им овозможи да обавуваат пракса во нивната компанија со можност за вработување после завршувањето на праксата. Исто така, поголем број од студентите кои се истакнаа при изработката на проектите беа повикани на пракса во компаниите кои ги менторираа. ФИКТ поведе и иницијатива за воспоставување партнерство за соработка на локално ниво помеѓу ИТ компаниите во Битола, ФИКТ и Општина Битола со цел подобрување на квалитетот на наставата преку прилагодување и модернизирање на наставните планови според потребите на ИТ индустријата, вклучување на работодавците во практичниот дел од наставата, овозможување на практична настава во текот на процесот на нивното студирање, подигнување на нивото на вработеност на млади кадри од ИТ профилот едуциран на ФИКТ. На средбите со компаниите се предложи формирање на ИКТ кластер (ICT Cluster) преку кој соработката помеѓу стопанството, ФИКТ и Општината Битола ќе биде подигната на повисоко ниво. Во таа насока, со помош на ИТ компанијата iSource и наши студенти се изработи Web портал за ИКТ кластерот, каде што ќе има информација за сите ИТ компании кои постојат во регионот, нивната заедничка соработка и проекти. Згора на сѐ, неодамна на факултетот е формиран т.н. бизнис акцелератор под името BitHub. Станува збор за првиот ИТ бизнис акцелератор во Македонија формиран на високообразовна институција. На студентите на кои ќе им биде потребна помош за практично да ги реализираат своите креативни бизнис идеи, ќе им нудиме помош – бизнис анализа (како да дојдат до финансии и да обезбедат самовработување), инфраструктура (бесплатен канцелариски простор) и поддршка на нивните производи преку соодветни менторски програми. Сериозно се работи и на довршување на новата зграда на факултетот, каде што имаме намера потпокривот на објектот, со површина од околу 800 метри квадратни, да го уредиме по сите светски стандарди за опремување на бизнис инкубатори/акцелератори и да го претвориме во катче кое ќе ги поттикнува претприемничките бизнис идеи на студентите, но и не само нивните, туку и идеите на ИТ професионалците од малите и средни претпријатија.

Зошто идните студенти треба да го изберат ФИКТ?

- Нашата визија е припадност на семејството престижни институции од областа на информатиката и новите технологии, како и давање поддршка на меѓународната интеграција на нашата земја и нашето стопанство, од аспект на негова меѓународна конкурентност и трансфер на знаење и технологија. Амбицијата на факултетот е да изгради лидерска позиција во образованието од областа на информатичките науки и комуникациското инженерство. Ако, од една страна, се обидуваме да изградиме сопствена препознатливост во земјата и во странство, доближувајќи ги содржините и исходите од учењето со исти или слични студиски програми, коишто се изведуваат на најквалитетни и високорангирани универзитети според светските образовни стандарди, истовремено настојуваме со своите предметни програми да се доближиме кон потребите на стопанството и јавниот сектор и да ја зајакнеме соработката со истите. Во текот на студирањето, со избор на најмалку 13 од вкупно 76 понудени предмети, студентите самостојно ќе можат да го изградат својот профил на специјализација ( specialization minor) за соодветни работни места според важечката ИСЦО (ISCO) класификација на занимања за кои ќе бидат оспособени за работа на почетно ниво. Профилот/полето на специјализација, односно диференцијација, е дел од студиската програма којшто започнува од втората година на студии, со што студентите можат да дизајнираат свој сопствен профил. На студентите им се овозможува да избираат предмети кои се дури и надвор од нивното примарно поле на студии (academic major), дозволувајќи им на тој начин да развијат поширока перспектива врз општеството и нивното место и улогата во него. Со внимателно дизајнирање на полето на специјализација, односно диференцијација, студентот креира посебен профил на пазарот на трудот. Така, студентите стануваат архитекти на сопствената кариера. Бидејќи додатокот на дипломата (diploma supplement) е обликуван да обезбеди опис на природата, нивото, контекстот, содржината и статусот на студиите кои биле следени и успешно завршени од лицето-носител на оригиналната диплома, профилот ќе биде детално образложен во податоците за стекнатата квалификација, во податоците за содржините и постигнатите резултати и/или во дополнителните информации за студентот. Наспроти добивањето на генерички додаток на дипломата, со профилирањето студентите би се диференцирале од општата рамка и би им се овозможило нивното насочување да биде соодветно валидирано и претставено пред идните работодавци. Впрочем, наставно-научниот кадар на ФИКТ е целосно посветен да обезбеди континуирано образование на високостручен кадар оспособен компетентно да решава проблеми и да им излегува во пресрет на предизвиците на новото време, односно континуирано образование на стручни и претприемчиви индивидуи кои ќе бидат конкурентни на државно и меѓународно ниво, преку висококвалитени студиски програми од научните полиња информатика и компјутерска техника и информатика.
Подготвил: Д.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование