X
 11.08.2017 Интервјуа

Интервју со проф. д-р Ѓорѓи Манчески, декан на Економскиот факултет од Прилеп, единица на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола

Во анкетата што нашиот портал ја спроведе меѓу матурантите за упис на факултет, тие покажуваат најголем интерес за упис на државните универзитети, меѓу кои и УКЛО.

dekan

На овој Универзитет, меѓу попривлечните е посочен Економскиот факултет од Прилеп.

Ова е повод за интервју со деканот на Економскиот факултет од Прилеп, единица на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, проф. д-р Ѓорѓи Манчески.

Според Вас, што е тоа што ги привлекува матурантите да го изберат Економскиот факултет во Прилеп?

Економскиот факултет во Прилеп во долгогодишниот развој од 57 години едуцира врвни кадри од економијата, менаџментот, маркетингот, бизнисот, информациските технологии, сметководството, финансиите, банкарството, иновациите. Најголем дел од нив си го нашле своето место во компаниите во Република Македонија и во местата каде што живеат, голем дел од нашите студенти имаат отворeно и свои приватни бизниси. Покрај примената на економските знаења и вештини во реалниот и претприемачкиот сектор, дипломираните студенти стекнатите знаења и вештини може да ги вклучат и во општествено-административниот сектор, можност што ја нуди спецификата на студиските програми. Сето ова оди во прилог на констатацијата дека Економскиот факултет од Прилеп е привлечен за матурантите токму поради  можностите за вработување што ги нуди дипломата, стекнатите практични знаења, како и професионалниот наставен кадар и севкупните просторни и технички услови со кои располага факултетот.

Еден факултет може да се смета за успешен и по однос на други параметри, меѓу кои: современоста и атрактивноста на студиските програми, како и соработката со надворешното опкружување. На кој начин ги имплементирате овие суштествени нешта?  

Моделот на студиските програми е според светските трендови и трендовите во нашата држава и искуствата што ги стекнале нашите професори во размената на искуства со бизнис-секторот, со државните институции, со факултетите од соседните земји и факултетите низ светот со кои имаме голема соработка. Структурата е таква што студентите се стекнуваат со општи знаења од областа на економијата и соодветен фокус од студиската програма. Ова им дава можност на студентите да можат да работат на многу различни позиции, како што се реалниот, стопански сектор, но и административниот сектор каде што многу наши дипломци се препознаени како потребен и едуциран кадар. Исто така, во сите компании – помали или поголеми – без разлика на дејноста, потребни се профилите што се создаваат на факултетот, па потенцијалниот број на работни места е најголем.

Инаку, факултетот е цело време во дослух со деловниот амбиент и неговите потреби и е во постојан процес на иновирање и промена на своите студиски програми, на предметите, како и на начините на изведување на наставата, со цел да се постигне посакуваниот ефект на високо едуцирани кадри кои се спремни да се носат со предизвиците не само на актуелниот момент туку и на времето што доаѓа. Токму тоа соочување упатува кон континуирано надоградување и на знаењата и на вештините, за нивна примена во претприемачкиот, деловниот и административниот свет, во севкупното општествено живеење.

Свесни сме дека сè околу нас е поврзано со економијата. Сè почнува и завршува со неа. Токму затоа, едукацијата и вештините што студентите ги стекнуваат на Економскиот факултет – Прилеп се особено значајни, поради можноста вашите кадри да се вклучуваат во процесите за економски развој на земјата. Како се менаџираат овие елементи? 

2

Образованието е многу специфичен процес бидејќи е потребно да се едуцираат кадри во период од 3 до 4 години (зависно од студиската програма), а кои ќе дејствуваат во наредните 40 и повеќе години. Според тоа, вештините со кои треба да се стекнат нашите студенти се многу специфични, а со кои, Економскиот факултет, имајќи го предвид неговото долгогодишно постоење и искуство -  одлично се справува. Исто така, на факултетот е понудена можност и за надградување на кадрите и тоа во духот на доживотно учење, или би рекол во духот на новото време. Тоа се прави како резултат на соработката на Економскиот факултет и деловните субјекти и желбата и потребата на кадрите кои чувствуваат потреба за сопствено надградување.

Економскиот факултет од Прилеп на своите студенти им нуди можност за комплетно заокружување на едукативниот процес низ три циклуси на студии. Имате ли унапредувања и на овој план?

На факултетот, покрај прв циклус (додипломски) студии, се организираат и втор и трет циклус на студии (магистерски и докторски студии). Сите тие се надградба на претходното образование како формален процес на образование. И во овие образовни циклуси Економскиот факултет вложува особени напори и внимание истите да бидат со врвен квалитет и да кореспондираат со светските стандарди. Голем дел од кадрите што завршуваат трет циклус на студии се на врвни позиции во компаниите, како и професори на домашни и на странски универзитети.

Која е Вашата порака до матурантите, кои набрзо треба да го направат својот животен избор?

Идните студенти имаат одлична можност своето високо образование да го продолжат на Економскиот факултет во Прилеп и да се здобијат со знаења и вештини од широката палета на профили што се нудат на факултетот. Воедно, би укажал дека во времето во кое живееме потребно е и да бидат свесни за можностите за вработување со дипломата и стекнување практични знаења, нешта кои ја одредуваат патеката на професионалниот и личен развој. Ние, како високообразовна институција и вработени на факултетот, ќе дадеме сè од себе за нашите студенти да добијат квалитетно образование и преку развиениот и богат студентски живот и организации што постојат на Економскиот факултет, студиите да ги запаметат како незаборавен период од нивниот младешки живот.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Интервјуа