X
 12.08.2017 Образование

Проф. д-р Светлана Кулеванова, декан на Фармацевтскиот факултет: Четири децении квалитет и ниту еден невработен фармацевт

Фармацевтскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на идните студенти им нуди висококвалитетна едукација според најсовремените фармацевтски текови. Деканот, проф. д-р Светлана Кулеванова, објаснува како течат студиите, какви можности за работа нудат, колкав е интересот за запишување на факултетот, како и зошто идните студенти да одлучат да студираат фармација...



Факултети.мк: Што ќе им понуди Фармацевтскиот факултет на новите студенти?

- Фармацевтскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е најстарата, најдобра и најкредибилна високообразовна и научна институција од областа на фармацијата во државата. Наставно-образовниот процес на факултетот во додипломската настава се одвива во рамките на две студиски програми, петгодишни студии за стекнување звање магистер по фармација и тригодишни студии за дипломирани лабораториски биоинженери. Она што наставните програми и стручно-професионалниот тим од наставници од нашиот факултет им го нудат на студентите е висококвалитетна едукација според сите најсовремени текови на фармацевтската едукација во светот. Студиска програма за едукација на идни фармацевти ориентирани повеќе кон клиничката фармација и пациентот е насочена кон едукација на здравствени работници – магистри по фармација со компетитивни знаења и вештини од областа на лековите, клиничката фармација, фито-терапијата, фармакогенетиката, персонализираната терапија, фармакоинформатиката, социјалната фармација, аптекарскиот сервис, фармацевтската грижа. За нив се предвидени и предметни содржини од областа на фармацевтиците и биофармацевтиците, формулациските аспекти и производството, испитувањето и контролата на квалитетот, фармацевтската регулатива, фармакоекономијата, фармакоепидемиологијата итн. Студиската програма за лабораториски биоинженер овозможува профилирање на кадри кои ќе бидат оспособени да работат во истражувачки, дијагностички, имунолошки, микробиолошки и биохемиски лаборатории, лаборатории за дизајнирање и контрола на лекови, биотехнолошки, хемиски и козметички производи во фармацевтско-хемиските и биотехнолошките компании. Ќе може да работат и во лаборатории за подготовка и контрола на квалитет на прехранбените и природните производи во компаниите за производство и преработка на хранливи и природни производи, лаборатории за испитување на храна и вода и токсиколошки лаборатории при градските и републичките центри за здравствена заштита, во центри за контрола и мониторинг на хемикалии, како и во компании за промет со хемикалии.

Факултети.мк: Каков беше интересот за понудата на факултетот минатата година и на која насока најмногу се запишуваат новите студенти?

- Ние, од Фармацевтскиот факултет во Скопје, може да се пофалиме дека во изминатите 40 години од постоењето на нашата високообразовна институција секоја година целосно ги пополнуваме предвидените места за упис на нови кандидати. Така беше и минатата учебна година кога на нашиот факултет запишавме 165 студенти, од кои 120 на студиската програма – магистри по фармација и 45 студенти на студиската програма – лабораториски биоинжинери.

Факултети.мк: Колку студенти ќе бидат запишани претстојнава учебна година?

- Согласно објавениот конкурс за упис на нови студенти на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во учебната 2017/2018 година на Фармацевтскиот факултет е предвидено да се запишат 170 студенти, и тоа 120 на студиската програма – магистри по фармација (70 студенти во државна и 50 студенти во квота со кофинансирање) и 50 студенти на студиската програма – лабораториски биоинженери (25 студенти во државна и 25 студенти во квота со кофинансирање).

Факултети.мк: Што очекувате од уписите?

- Очекувам да поминат во најдобар ред како и сите години досега, целосно да се пополнат предвидените квоти и, се разбира, да продолжи и понатаму досегашната убава традиција на нашиот факултет да се запишуваат исклучително квалитетни студенти кои во текот на студиите ќе се испрофилираат во вистински професионалци кои успешно ќе можат да одговорат на предизвиците на фармацевтската и биоинженерската професија.

Факултети.мк: Има ли измени или новини во програмите?

- Последните измени на студиската програма во додипломската настава за магистри по фармација се направени во 2015 година. Што се однесува до програмите, би сакала уште еднаш да нагласам дека станува збор за современи програми кои се компатибилни со развиените европски и светски факултети и кои овозможуваат нашите студенти да се стекнат со компетитивни знаења и во текот на нивното студирање да остварат меѓународен студиски престој преку некоја од програмите за меѓународна размена.

Факултети.мк: Зошто идните студенти да се одлучат за Фармацевтскиот факултет?

- Причини има многу и не знам дали ќе успеам да ги набројам сите. Би започнала од нашата 40-годишна традиција, квалитет, посветеност, препознатливост, високостручен и научноистржувачки наставен тим, европски усогласени програми за студирање, можност за меѓународна размена, современи услови за студирање, мотивирачка средина за учење. Мошне значаен факт е и податокот дека денес во Република Македонија не постои ниту еден невработен фармацевт на пазарот на трудот, кој за лабораториските биоинженери во изминатите две години ширум ги отвори своите врати, што овозможи и овој профил на стручњаци да бидат многу барани.
Подготвил: Н.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование