Челникот на компаниите „Тесла“ и „Спејс икс“ денес многумина го сметаат за Ајронмен на реалниот свет. Се чини дека реализира сè што ќе замисли.
Илон Маск својата неверојатна кариера ја изградил од нула, низ деловни и лични неуспеси. Всушност, Маск е вистински деловен уметник, кој учел од своите големи грешки.
Кој не ризикува – тој и не добива
Овој гениј од ЈАР денес вреди повеќе од 21 милијарда долари, но списокот на неговите неуспеси е исто долг колку и оној со успесите, што е потврда на старата и ветва изрека: Кој не ризикува, тој и не добива.
Кога кариерата на Маск би се ставила на хартија, би можеле да се видат делата на овој човек кој воведе револуција во сè што се обиде да прави. Било да станува збор за е-комерција (коосновач е на „Пејпал“), во автомобилската индустрија („Тесла“), истражување на вселената („Спејс икс“) било во одржливиот развој („Солар сити“). Се чини дека за Ајронмен не постои пречка.
Преку промашувања до ѕвездите
Маск бил вистински уметник на промашувањата. Низ животот поминал многу нешта, изземајќи го тешкото детство кога бил задеван од своите врсници. Како возрасен човек, практично бил избркан од челната позиција на првата компанија што самиот ја основал. Првиот производ на „Пејпал“, што бил негов изум, е прогласен за една од 10 најлоши деловни идеи некогаш. Бил принуден да го напушти „Пејпал“.
Кога ја основал „Спејс икс“, речиси банкротирал после неколкуте катастрофи при лансирањето на ракетите. Истото се случило и со „Тесла моторс“ пред компанијата да почне успешно да работи. Изгубил неколку сателити на „Фејсбук“ и на НАСА.
Легендарниот неуспех со „Нетскејп“
Пред да стане светски познат, Маск барал шанса за вработување. Според кажувањата на Џим Хамерли, потпретседателот на компанијата „Нетскејп комјуникејшнс“ од 1995 до 2001 година, Илон Маск се пријавил на едно од многубројните новоотворени места во „Нетскејп“. Компанијата тогаш вработувала 50 инженери месечно.
Кога не добил одговор на апликацијата за работа, одлучил да влезе во „Нетскејп“ и да си издејствува работа. Но, откако си постојал во ходникот извесно време, засекогаш го напуштил просторот на „Нетскејп“.
Недоволно добар и за сопствената компанија
Илон Маск имал извонредни квалификации. На Универзитетот во Пенсилванија студирал физика, а имал и образование од областа на бизнисот на Вартон. По неуспехот со „Нетскејп“, ја основал сопствената фирма „Зип2“, софтверска компанија која била своевиден еквивалент на жолтиот печат од деведесеттите.
Почнал со продажба „од врата на врата“ во Силиконската долина, а откако нашол инвеститори, „Зип2“ од сервис станала производ. И му почнале новите неволји – одборот во неговата компанија не го гледал како материјал за водечка позиција. Добрата страна на приказната е што со продажбата на компанијата „Компакју“ заработил солидни 22 милиони долари.
Најлошата бизнис-идеја некогаш?!
Овој сервис за плаќање од 1999 година се искачил на листата од 10 најлоши бизнис-идеи. Откако ја продал „Зип2“, половината од профитот го влошил во нови бизнис-потфати, меѓу кои било и основањето на „Пејпал“.
Нештата во новата компанија не биле најсјајни, па одборот одлучил да го отстрани Маск од водечката позиција. Информацијата ја добил додека летал во Австралија, а главната причина за несогласувањата била тоа што за „Пејпал“, Маск ја претпочитал платформата на „Мајкрософт“ (Виндоус), а не Уникс.
По продажбата на „Пејпал“ во 2002, Маск заработил 165 милиони долари.
„Одморот ќе ве убие“
На еден одмор, после патувањето од Бразил во матичната земја ЈАР, се заразил од церебрална маларија, која можела да му предизвика тешки оштетувања на мозокот и смрт.
Одвај извлекол жива глава и изјавил дека тоа му била животна лекција, односно дека одморот може да нè убие.
Најлоша година во животот
Според личната исповед, 2008 година му била најлошата во животот. Компаниите што ги основал, „Тесла“ и „Спејс икс“, биле на прагот од банкрот, а и тој заедно со нив. Проблемите во компаниите траеле со години, но во даден момент сè изгледало безнадежно.
Првиот електричен автомобил на „Тесла“ бил прескап за производство, а компанијата притоа би немала никаков профит. Истовремено и договорот помеѓу „Спејс икс“ и НАСА навлегол во големи проблеми бидејќи ракетите со сателити експлодирале.
Не е злато сè што сјае, но...
Од големиот број хазардерски потези, Маск се извлекол повеќе од успешно. Меѓутоа, сите негови идеи не вредат злато. Научници од делови од светот не се целосно уверени во неговата идеја за супербрзото превозно средство Хајперлуп, а сличен е ставот и за соларните покриви поврзани со евентуално токсичните батерии за напојување.
Според некои, Маск во самата срцевина ги промашил сите потези што ги презел. Претприемачот Колинс Логан илустративно пишува дека најголемите „успеси“ на Маск („Тесла“, „Спејс икс“ и „Солар сити“) се целосно зависни од владини субвенции, лобирање и даночна магија. Тој не е зачуден што одборот на „Пејпал“ го отстранил Маск од позицијата поради желбата да користи Виндоус наместо Уникс. „Потегот беше идиотски, како од деловна така и од техничка гледна точка.“
Меѓутоа, сето ова паѓа во заборав со оглед на условите и трендовите денес. „Спејс икс“ е успешна како никогаш досега во лансирањата на ракетите, „Тесла моторс“ бележи рекордна продажба, а под знак прашалник остануваат другите соништа на Маск поврзани со одржливоста (соларните покриви). Дали Маск ќе го докаже спротивното во годините што следуваат – останува да видиме.
Независно од исходот, досегашната приказна за него и тоа како е инспиративен материјал.