X
 16.08.2017 Интервјуа

Интервју со професор Весна Рафајловска: „Со образување висококвалитетен стручен кадар, ТМФ значајно придонесува за развојот на стопанството во Македонија“

Секоја генерација на ново запишани студенти е различна. Како и да е, се обидуваме со „моите деца“, како што им се обраќам, заедно да ги совладаме барањата и потребите во наставните содржини и, што е многу важно, заедно се радуваме на секој постигнат успех, положен испит, дипломирање, вработување, стручно унапредување - вели проф. д-р Весна Рафајловска, раководителка на Институтот за органска технологија на Технолошко-металуршкиот факултет на УКИМ. Таа објаснува какви знаења треба да имаат матурантите што имаат желба да студираат тука, што може да работат дипломираните инженери и технолози и како факултетот успева да биде во чекор со светските новитети во сите области за кои нуди настава, а истовремено на индустријата да ѝ понуди квалитетен и подготвен кадар.



Факултети мк: Раководителка сте на Институтот за органска технологија на ТМФ. Какви студиски програми нуди овој институт?

- На Институтот за органска технологија при Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, во составот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на додипломските студии се изучуваат предмети од студиските програми Прехранбена технологија и биотехнологија и Полимерни материјали, дизајн и менаџмент. Студентите имаат можност да го надградат своето знаење на последипломските студии на кои се застапени три студиски програми, и тоа: студиската програма со модул прехранбена технологија и модул биотехнологија, управување со квалитет и безбедност на храната, како и нови материјали-полимери. На третиот циклус-докторски студии се продлабочува знаењето и се истражува во подрачјето на техничко-технолошките науки, научно поле технологија и металургија.

Факултети мк: Каде може да работат дипломираните инженери со програмите на Органската технологија и какви се можностите за вработување по завршувањето на овие студии?

- Дипломираните инженери на студиската програма Прехранбена технологија и биотехнологија, и студиската програма Полимерни материјали, дизајн и менаџмент, може да се вработуваат во производните капацитети од областа на прехранбеното инженерство, биотехнологијата, и полимерното инженерство како водители/раководители на процес, истражувачи во рамките на развојните центри, како и во лабораториите во кои се утврдуваат квалитетот и безбедноста на производите.

Факултети мк: Какви афинитети и знаења треба да имаат матурантите што сакаат да студираат на ТМФ, конкретно во вашата област?

- Технолошко-металуршкиот факултет едуцира инженери по технологија и металургија, и ги применува и надградува знаењата од природните науки: хемијата, биологијата, математиката и физиката. Вклучени се и знаењата од машинството, електротехниката и економијата.

Факултети мк: Трпи ли органската технологија многу промени како наука и колку сте во чекор со новитетите кога се во прашање измените во наставните програми?

- Промените се прогресивни, не само во органската технологија, воопшто, во сите технологии што се изучуваат на мојот факултет. Не сакам да бидам претенциозна, сепак, би истакнала дека наставно-научниот кадар на Технолошко-металуршкиот факултет своите резултати од истражувањето ги публикува во еминентни светски гласила со фактор на влијание. Претставувањето на иновациите пред студентите преку вклучувањето во постојните предметни содржини или воведувањето нови е од голема важност. Во измените на наставните програми се почитуваат барањата и потребите на индустријата. Со организирање на специјализирани обуки за длабинско учење, исто така, новитетите се претставуваат и пред индустрискиот сектор.

Факултети мк: Авторка сте на многубројни научни трудови. Што е конкретно Ваше поле на интерес, или што најмногу Ве возбудува и го буди научникот во Вас?

- Би почнала со возбудувањето, уште како студент, и до денес, држењето на дланка на производот - „првенчето“ од областа на која истражувам, ми значи многу. Првенствено, истражувачкиот интерес ми е насочен кон изолацијата на активните компоненти од растителен матрикс со примена на нови иновативни технологии, и нивно вклучување во производите од прехранбената технологија, фармацијата и козметиката. Во моментов, со соработниците од мојот факултет и Универзитетот во Марибор ја истражуваме екстракцијата на дивото оригано со примена на еколошки екстракциони средства, со понатамошно вклучување на добиените активни компоненти преку липозомската и нанотехнологија во функционален прехранбен и фармацевтски производ.

Факултети мк: Колку како научници од оваа област сте вклучени во државните стратегии кога е во прашање квалитетот на храната во Македонија?

- Да, вклучени сме, но не колку што е потребно, едноставно, како да сме заборавени од ресорните институции, конкретно мојот факултет.

Факултети мк: Кога се во прашање студентите, забележувате ли промени кај новите генерации?

- Секако, секоја генерација на ново запишани студенти е различна. Како и да е, се обидуваме со „моите деца“, како што им се обраќам, заедно да ги совладаме барањата и потребите во наставните содржини и, што е многу важно, заедно се радуваме на секој постигнат успех, положен испит, дипломирање, вработување, стручно унапредување...

Факултети мк: Зошто идните матуранти треба да студираат на ТМФ, која е Вашата порака до нив?

- Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје е истакната образовна и научноистражувачка институција од технологијата и металургијата, со долгогодишна традиција формирана во далечната 1959 година. Следејќи ги современите пазарни трендови и научни текови, со образување висококвалитетен стручен кадар, факултетот значајно придонесува за развојот на стопанството во Република Македонија. Студиските програми се современи и се усогласени со европските, со големи можности за меѓународна размена, како и вработување во државата, и пошироко. Факултетот активно и континуирано ја негува апликативната и научноистражувачката работа во која директно се вклучуваат и студентите од сите три циклуси на студии. Да се биде дипломиран инженер технолог/металург значи да се придонесува за развојот на прехранбената технологија и биотехнологијата, полимерното инженерство, неорганската технологија и заштитата на околината, текстилното инженерство и модната конфекција, инженерството за преработка на металите, и развојот на инженерството и производството, воопшто.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Интервјуа