X
 16.08.2017 Култура

Разговор со Бранка Бугариска, директор на издаваштво во „Арс Ламина“: И најмалите читатели сакаат модерно и квалитетно четиво

Време е да го раздвижиме пазарот, да ги разбудиме потенцијалите на талентираните автори, писатели, илустратори за деца



„Арс Ламина“ од Скопје бележи особен подем во последните неколку години. Посветеност кон читателите, импресивен број на објавени наслови, акции, кампањи, посветување внимание на визуелниот изглед на изданијата, нови предизвици – ова е кус сублимат на визијата на овој издавач. Најнов проект од пролетва за „Арс Ламина“ се детските списанија „Либи“ и „Мини Либи“, кои засега можат да се најдат во киосци во повеќе градови, а голема желба е тие да бидат што поблиску до детската публика, за што се чека зелено светло од Министерството за образование и наука.

Факултети.мк: Издавачката куќа „Арс Ламина“ повеќе од една деценија поставува стандарди во однос на дизајнот на книгите, оригиналноста на кориците и изборот на насловите. На кои начела се заснова вашата работа?

-Нашата мисија е на читателите да им ги донесеме најактуелните изданија и автори, следејќи ги светските стандарди во издаваштвото во однос на квалитетот, изгледот и целокупното доживување и да поставиме повисоки стандарди во издаваштвото кај нас, вклучувајќи го тука и регулирањето на авторски права и издавачкиот пазар. Нашиот развој во делот на издаваштвото имаше неколку фази, па така на почетокот читателите нè препознаваа главно преку академските наслови и преку портфолиото со биографии и автобиографии, а потоа се развивавме и во други сегменти, како во белетристиката така и во литературата за деца, дидактичките изданија, детските списанија итн. Она што во сите изданија се трудиме да го следиме како принцип се актуелноста и квалитетот на изданијата според светските, а не според локалните стандарди, односно наш репер се светските издавачки куќи.

Факултети.мк: Кои се најгорливите проблеми и предизвици со кои се соочуваат издавачите во Македонија?

-Во издавачката дејност кај нас има низа предизвици: слабо развиени читачки навики кај поголем дел од јавноста, малите тиражи поради кои е тешко да се постигне пониска продажна цена, но најмногу од сè – нерегулираниот пазар, нелојалната конкуренција, исклучително ниската свест за авторските права, масовното фотокопирање и пиратеријата…

Многу од издавачите објавуваат изданија без авторски права, на книги (некои од нив и лектири) за кои некој друг ги поседува правата. На пример, авторските права за Г.Г. Маркес, по долги преговори, за Македонија ги доби нашата издавачка куќа, а на нашиот пазар знаеме дека години наназад постојат многубројни преведени и издадени дела од овој автор, без да се регулираат авторските права. И покрај известувањето на колегите-издавачи да ги повлечат тиражите на овој автор, тие сè уште слободно се продаваат. Сличен е примерот и со Џ. Д. Селинџер, Астрид Линдгрен, Роалд Дал, Џеј Кеј Роулинг и многу други автори, не само странски туку и домашни. Со ова, директно сме оштетени не само ние како издавач, туку и авторите, носителите на правата, а на крајот и читателите. Уште поголем проблем е и масовното фотокопирање и скенирање на учебници, работни тетратки, збирки задачи и разни други книги. Едноставно, кај јавноста не постои апсолутно никаква свест дека фотокопирањето е противзаконско, а наспроти тоа постои некакво општо мнение дека на народот треба сè да му припаѓа бесплатно, додека авторите и издавачите едноставно се должни да му дадат исклучително квалитетни изданија без никаков надомест. На ова ќе мора уште долго да работиме.

Факултети.мк: Но и покрај тоа, вие успевате да се издигнете над овие предизвици и последните неколку години издадовте повеќе наслови за деца и од домашни автори. Сметате ли дека детската читателска публика треба да добие посериозен пристап и место кај издавачите кај нас?


-Ние сакаме да ја градиме нашата читателска публика и нејзините читачки навики уште од најрана возраст, па затоа и се впуштивме во издавање сериозна палета на изданија за деца и млади, која е пред сè квалитетна и модерна. За нецели три години веќе имаме издадено околу 200 наслови за деца и млади. Издаваме преводи на светски наградувани детски автори, но и откриваме нови домашни автори. Некои од домашните изданија се преведени на албански, англиски, германски и француски. Дел од нив веќе се продаваат во книжарниците во Германија, а се нудат и на европските, па и на азиските пазари.



Како издавачка куќа, решивме да побараме и да им дадеме шанса на нови автори, а уште поважно да најдеме нови илустратори и визуелно да ги освежиме детските изданија на пазарот, бидејќи се чини дека изминативе години немаше никакво поместување во овој дел, а детските изданија изгледаа како во времето кога ние бевме деца. Во соработка со Здружението за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине“ објавивме конкурс за млади илустратори, на кој првоизбрана беше Катерина Николовска со која најпрвин го изработивме проектот „Бајки од Македонија“. Овој проект се покажа навистина успешен и веќе е во продажба и второто издание на македонски јазик, како и преводите на англиски и на албански јазик. Проектот го проширивме и со „Басни од Македонија“. На овој конкурс откривме уште неколку одлични илустратори, со кои и денес соработуваме.

Искрено, би сакала да верувам дека во овој дел нашата работа е донекаде пионерска и навистина се надевам дека ќе предизвика некој вид ефект на снежна топка, односно дека ќе ни се приклучат и другите издавачи што работат на локалниот пазар. Време е да го раздвижиме пазарот, да ги разбудиме потенцијалите на талентираните автори, писатели, илустратори за деца...

Факултети.мк: Од годинава почнавте да издавате и списанија наменети за деца од прво до шесто одделение. Списанијата имаат модерен дизајн, содржини кои се интересни за возраста и, многу важно, се работат и тематски според наставната програма. Како да се приближат списанијата до децата? Конкуриравте ли во Министерството за образование за „Либи“ и „Мини Либи“ да се дистрибуираат во училиштата?

-Критериумите што си ги поставивме во нашата целокупна издавачка дејност само ги пресликавме и во доменот на детските списанија. „Арс Ламина“ со текот на годините многу инвестираше во развивањето литература за деца, едукативни изданија, дидактички помагала, како и други содржини наменети за учениците и наставниците, децата и родителите, развивајќи нови услуги и производи за деца. Едни од тие нови изданија што го слушнаа крикот на децата и на наставниците се списанијата за ученици „Либи“ и „Мини Либи“, интерактивни, визуелни списанија за деца креирани врз база на партиципативни и соработувачки методи, а развиени во соработка со уредници, лектори, новинари, лица од релевантните области и поединци со дополнителна стручна едукација.

Овој проект повеќе од три години го „крчкавме“, истражувавме, анализиравме, следевме трендови во светот, но и пишувавме, прашувавме, создававме – за денес да имаме продукт со кој навистина се гордееме. Сакавме конечно да ги вратиме списанијата во рацете на децата и да ги поттикнеме читачките навики и нивната љубопитност. Денес имаме списанија кои ги сакаат и наставниците, и родителите, и се разбира, најважно од сè – ги сакаат децата! Тие уште на прв поглед се издвојуваат – не само по визуелниот изглед и модерен дизајн, близок до денешните генерации деца, туку и по содржините, кои се атрактивни, а сепак имаат научна и воспитна функција, и тоа според предвидената наставна програма за соодветниот развоен период и наставните цели за соодветниот месец.



Списанијата излегуваат еднаш месечно во текот на учебната година, на 36 богато илустрирани колорни страници. Првиот број излезе во април, а веќе е во продажба летниот троброј (јуни-август). Списанието може да се најде во киосците низ Македонија, како и во книжарницата Литература.мк, а секако може да се добие и со претплата.

Списанијата сè уште чекаат одговор од МОН и БРО за согласност за употреба во училиштата, со што би ги направиле уште подостапни и со што тие би ја оствариле својата првична мисија и причина за постоење, а тоа е примена во наставата. „Мини Либи“ и „Либи“ се креирани така што претставуваат дополнителен извор на знаење за учениците и корисен дополнителен ресурс за наставниците, по сите предмети што се изучуваат во овие одделенија. Тие ги прошируваат и ги продлабочуваат знаењата на учениците по соодветните предмети, им даваат можност дополнително да истражуваат и да ги развиваат своите научноистражувачки вештини, да ги изразуваат и своите ставови и вредности, да ги развиваат креативноста, логичкото мислење, ликовното и музичкото изразување итн. – имајќи притоа во рацете еден не само едукативен туку и модерен, забавен магазин, кој одговара на афинитетите и вкусот на денешните генерации ученици и деца.

Денешните генерации сè повеќе ги користат технологијата и интернетот како извор на дополнителни знаења и на забава. Но тоа не значи дека тие не сакаат „хартија“, туку дека не сакаат застарен „производ“; тие не го сакаат истото списание од времето на нивните родители, туку списание што е наменето за нив. Затоа решивме да понудиме еден нов пристап во креирање модерно детско списание, визуелно современо и содржински актуелно и интерактивно, во кое на содржините во печатеното издание им е додаден еден дополнителен, интерактивен дигитален „слој“, преку кои на најмладите читатели им се понудени и дополнителни мултимедијални содржини на интернет. Ова истовремено е од особена важност и за наставниците, кои овие дигитални содржини во списанијата ќе можат да ги употребат во нивните планови за ИКТ-настава.

Се надеваме на позитивен одговор од МОН и БРО и дека од септември, со почетокот на новата учебна година, учениците ќе можат да ги употребуваат „Мини Либи“ и „Либи“ и во училиштата.

Факултети.мк: На кои проекти како издавачи сте фокусирани во наредниот период?

-Како и досега, и во наредниот период ќе продолжиме со она што ни е главна мисија – на читателите да им ги донесеме најактуелните изданија и автори, следејќи ги светските стандарди во издаваштвото, и да поставиме повисоки стандарди во издаваштвото кај нас. Во таа насока, продолжуваме со откривање и издавање нови домашни автори и илустратори, но и со добро познати домашни автори, дела и трајни вредности кои ќе добијат ново руво.

Во овој период поинтензивно се посветуваме и на враќање на читачките навики кај широката јавност, развивање на читачките вештини кај посебни целни групи, едукација во различни сегменти и области итн.



Во делот на образованието и учебникарството, продолжуваме како и секогаш со подготовка на нови и квалитетни едукативни и дидактички изданија наметнати од новите и старите образовни програми, но и од реалните практични потреби на наставата. Продолжуваме и со континуираната поддршка на наставниците преку нашите страници со бесплатни интернет-ресурси, од каде што илјадници наставници црпат планови и идеи за поефикасна и покреативна реализација на часовите.

Дополнително, продолжуваме и со нашите напори и мисија за пристап до книги и квалитетно образование до сите, што како програма ги опфаќа изданијата за слепи и лица со оштетен вид, како и за деца со посебни образовни потреби. Како што веќе јавноста е запознаена, „Арс Ламина – публикации“ издаде повеќе наслови на Браево писмо, и во специјално адаптирани формати, кои произлегоа како резултат на ваквата наша посветеност да им помагаме на децата со оштетен вид кои се веќе интегрирани во редовната настава. Следен чекор е отворање катче во книжарницата Литература.мк каде што ќе бидат достапни изданијата на Браево писмо за децата со оштетен вид со цел да овозможиме уште еден центар каде што овие деца ќе можат да ги користат изданијата.

Факултети.мк: Што препорачувате да се чита летниов период?

-Летото е совршено време за добра книга. Но секој има различен книжевен вкус, па еве неколку препораки од различни жанрови за ова лето, за сите љубители на пишаниот збор:

„Светот на рамена“ на светски познатата писателка за млади Џенифер Нивен, која ни дава уште една потресна и возбудлива љубовна приказна за пронаоѓањето токму на онаа личност што ве гледа и ве сака такви какви што сте; „Отчукувања“ на шпанското дуо Хавиер Руескас и Франсеск Миралјес, кои направија невообичаен роман за млади кој преку апликацијата „Хартбитс“ го пренесува животот на младите и нивните соочувања со предизвиците; „Бебето на Бриџит Џонс“, четвртата книга од серијалот за Бриџит Џонс од Хелен Филдинг, на која ѝ претходеа: „Дневникот на Бриџит Џонс“, „Бриџит Џонс: На работ на разумот“ и „Бриџит Џонс: Луда по него“; „Фајронт во Сараево“ – автобиографската книга на екс-ју ѕвездата д-р Неле Карајлиќ од „Забрането пушење“ и „Топ листа на надреалистите“; „И така, ви велам…“ – автобиографска книга на Џон Клиз од „Монти Пајтон“.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура