X
 17.08.2017 Образование

Гешталт-терапевт Каролина Костадиноска: „Младите генерации кај нас сѐ помалку ги прикриваат кризите и проблемите!“

Жените (за кои споделувањето на емоциите и проблемите со блиските е природен процес уште од детството), се позастапени во групната терапија, како и почести иницијатори за брачна терапија. Но, во последниве години во мојата терапевтска пракса машките кондури се почести. Мажот ја чувствува истата болка, тага или страв како жената, само е потребно да ја препознае емоцијата, да научи како да си дозволи да ја изрази и да ја сподели со друго човечко битие.


Работата на себе е животен процес, а неговите креатори се сопствениците на тој живот – вели Каролина Костадиноска, клинички психолог и гешталт-терапевт со повеќегодишно искуство. Со неа разговаравме за гешталт-терапијата, која во последните десетина години станува сѐ попопуларна и кај нас и им помага на многу млади луѓе да се соочат со проблемите и да го најдат решението. „Ништо нема да дојде и ништо нема да пројде освен вечното сега кое постојано трае“ – зборовите на британскиот поет Абрахам Каули се водилка во работата на Костадиноска, која е директор на Гешталт-институтот „Синергија“ од Скопје.

Факултети.мк: Да им доближиме на нашите читатели што поточно претставува гешталт-терапијата?

- Гешталтот е прво филозофија на живеење во „сега и овде“, со целосна свесност и присутност во мигот на постоењето, а дури потоа е терапевтска патека која нѐ води до градината на автентичниот Селф, кој во современата доба сме го отуѓиле километри од себе. Се раѓа во 50-тите години од минатиот век во САД (дисперзиран подоцна низ цела Европа), кога на психотерапевтската сцена се појавува потреба од хуманистичко-егзистенцијалните правци наспроти Фројдовската психоанализа. Основачите на гешталтот, Фриц и Лаура Перлс, искреирале нова целина (превод од германски, гешталт-целина, конфигурација) од веќе познати елементи кои ги поврзале во уникатно и креативно поле. Нивната замисла била да создадат точка каде што ќе се сретнат Западот и Истокот, средба помеѓу психоанализата и источниот принцип на живеење „овде и сега“. Во овој „терапевтски сад“ додале и гешталт-психологија, психодрама, невро-лингвистичко програмирање, таоизам, зен-будизам, егзистенцијализам, телесна терапија, Левинова теорија на поле и др. Токму поради неговата креативна комплексност, јас сум искрено вљубена во него години наназад и нанапред. Под влијание на гешталт-терапијата се напушта медицинскиот модел на психоанализата каде што се нагласува болното и патолошкото наспроти потенцирање на здравите аспекти на личноста која е во постојана и динамичка интеракција со средината. Гешталтот има барања од клиентот да се доживее себеси колку што може поцелосно во сегашноста: кои се неговите движења, гласот, дишењето, изразот на лицето, емоциите, мислите низ главата, фантазиите, телесните сензации. Колку повеќе ги освестува начините на кои се прекинува (спречува) во својата автентичност (кој навистина сум јас), толку поблиску е до својот потенцијал кој може да го употреби во нови и здрави избори за себе. Клиентот заедно со терапевтот се обидува да стигне до одговорите на прашањата: Кој сум јас ? Што сакам за себе? Кои се моите потреби? Како се спречувам себеси? Што се случува во контактот помеѓу мене и средината? За што сум одговорен? Кои избори се здрави за мене? Како сакам да го активирам својот потенцијал? Одговорите се динамични и се однесуваат на нашата сегашност, тоа што ни било потребно во минатото може да биде невалидно за сега и овде, како и за идното време. Работата на себе е животен процес, а неговите креатори се сопствениците на тој живот.

Факултети.мк: Во последните години се чини дека гешталтот сѐ повеќе се популаризира и во Македонија. Може ли да се каже дека денешните генерации се поотворени да си ги решаваат проблемите со стручна помош?

- Гешталт-терапијата како психотерапевтски правец во Македонија пристигна пред 30 години. Кај нас се присутни повеќе терапевтски правци, но некако гешталтот е прилично раширен, посебно последниве 10-ина години, иако можеби и не е доволно доближен до пошироката популација која сака да работи на себе, без да биде внесена во психијатриската ординација. Во овој контекст, Гешталт-институтот „Синергија“ од септември ќе започне со предавања наменети за сите граѓани од различни возрасти кои сакаат да се запознаат со филозофскиот и егзистенцијалниот аспект на гешталтот во удобна и пријатна атмосфера, на отворен, јавен простор. Немаме намера да зборуваме за менталните нарушувања во клинички облик, туку напротив, фокусот ќе биде ставен на здравиот дел од личноста и нејзиниот потенцијал за развоj во едно проблематично време-невреме. Од мое лично искуство, низ кое можам да го следам процесот на промена на потребите на младите во последниве 12 години, можам да заклучам дека сега имам контакт со поинакви генерации, млади кои сѐ помалку ги прикриваат кризите и проблемите со кои се соочуваат. Имаме млади генерации со кои треба да се гордееме колку поседуваат open free mind во едно традиционално и балканско општество. Како еден од главните фактори ќе го посочам нивниот лесен пристап до младите од другите општества (патувања, интернет) кои се позрели и понапредни во стигмата околу барањето помош за менталното здравје. Но, секако, имаме уште пат да изодиме во процесот на дестигматизација, која посебно ги засега повозрасните генерации што израснаа во друго општествено уредување. Промените се случуваат, само треба да сме трпеливи, но јас сум сигурна дека нашите помлади колеги што ќе нѐ наследат ќе имаат веќе трасиран пат, на што ние веќе работиме.



Факултети.мк: Постојат повеќе начини на пракса на гешталтот. Како изгледа еден час?

- Гешталтот е терапевтски правец кој може да биде применуван не само во индивидуален и групен сетинг туку и како семејна терапија и терапија на парови. Во последниве години прилично актуелна форма на примена е во работните организации, односно организациски гешталт. Како изгледа една гешталт-средба? Ах, гешталтот е потребно да се доживее, без писмено опишување, но сепак ќе пробам да дадам опис базиран на моето доживување. Секоја средба е поинакво искуство кое се креира во моментот кога ќе се сретнат терапевтот и клиентот. Ние немаме конкретни чекори кои се однапред одредени, бидејќи на тој начин не ги почитуваме актуелните потреби кои во сега и овде ги искусува клиентот. Средбата започнува со самото влегување на клиентот во терапевтскиот кабинет, тој уште со првиот чекор го носи со себе ритамот на неговиот живот, а јас како терапевт се обидувам појасно да го слушнам и да го видам. Најчесто седиме еден наспроти друг, без никаков мебел помеѓу нас кој би го нарушил контактот. Доколку клиентот се чувствува удобно, може да ја одбере за него најдобрата позиција во просторијата, на пример, креветот или подот, подалеку или поблиску до терапевтот, дури може да биде и свртен со грбот кон терапевтот, доколку така се чувствува пријатно и безбедно. Како ќе протекува остатокот од средбата, оставаме таа самата да се случи, како песна која во тој момент се компонира. Фокусот во одредени средби може да биде повеќе на телесниот Селф и на самата емоција што го допира клиентот или на неговите застрашувачки фантазии. Јас во почетните средби го оставам клиентот да го донесе неговиот автентичен образец кој го користи во животот, ако сака само да споделува и вербализира, во ред, јас сум тука да го примам таков каков што е. Потоа, полека учиме што е контакт, што се случува со телото кога сме исплашени, лути, тажни или посрамени. Ги откриваме заедно свесноста и увидите кои нѐ водат на следното ниво, одиме полека подлабоко. Јас сум многу нежна со моите клиенти кога тоа им е потребно или конфронтирачка, соочувачка, кога започнуваат да се манипулираат себеси. Терапевтот мора да ги поседува и двата аспекти што се активираат во соодветен момент со една единствена цел - кај клиентот да се разбуди и прошири свесноста за себе и за околината.

Факултети.мк: Со какви проблеми најчесто доаѓаат Вашите клиенти?

- Во услови на развлечен процес на општествено транзитирање во кој израснаа цели генерации, кога општествено-социјалните услови се крајно нестабилни и неизвесни, идеалистички би звучеле очекувањата за стабилно ментално здравје на нашите сограѓани. Кога едно младо општество го формира својот идентитет и се бара себеси низ различни форми и облици, како паралелен процес истото ќе се случува и со припадниците на тоа општествено поле. Во моите досиеја најчесто опишувам состојби како: депресија, депресивно-анксиозни нарушувања, панични нарушувања, фобии од различен карактер, кризи на идентитет, емоционално незрела структура на личност, сепарациони кризи, нарушувања на однесувања и приспособувања, неспособност за емоционално поврзување, постразводни кризи, проблеми со импулсивност и агресија, нарушување на контакт родител-дете. Палетата е поголема, но се трудам да ги издвојам оние состојби што се позачестени. Покомплексните ментални растројства се третираат со психијатриски третман или хоспитализација. Но, јас секогаш сум поддржувач на интегративен пристап каде што личноста која бара помош истовремено е покриена со фармакотерапија и психотерапевтска поддршка. Инаку, да напоменам, на глобално ниво, бројот на лица што бараат различни услуги за нивното ментално здравје е постојано во пораст, што значи дека светот не е повеќе безбедна колевка, туку бојно поле со многу потреси и опасности и ние мора да научиме како да се движиме на површина што постојано се тресе. Не велам дека имаме лесна задача. Мораме да развиваме нови механизми на психо-социјална адаптација како дел од процесот на еволуција на човечкиот род.

Факултети.мк: Кој полесно бара помош, односно се одлучува за стручен совет? Мажите или жените?

- Би кажала жените, пред сѐ, поради пораките од околината со кои женскиот пол се одгледува („кажи ѝ на мама“, „исплачи се, мила“, „дојди да те гушне, тато“). За нив споделувањето на емоциите и проблемите со членови на семејство и пријателки е природен процес кој го вежбаат од раното детство. Жените се позастапени во групната терапија, како и почести иницијатори за брачна терапија. Но, во последниве 6-7 години во мојата терапевтска пракса машките кондури се почести. Се случува некои денови да имам и по неколку клиенти од машки пол, во една група имам 80 отсто машки членови. Јас се радувам на оваа промена, искрено се радувам на нивната свесност дека е сосема во ред да се побара помош кога не можеме сами. Затоа велам, промената не само што е на повидок туку веќе се случува, внатре сме во неа, веќе пливаме во неа. Мажот ја чувствува истата болка, тага или страв како жената, само е потребно да ја препознае емоцијата, да научи како да си дозволи да ја изрази и сподели со друго човечко битие. Ова се нови генерации кои сѐ помалку се срамат од својата ранливост и немоќ, аспекти кои еднакво ги поседуваме како човечки суштества, без разлика на кој пол му припаѓаме. Животните проблеми и дисфункционалности немаат пол, исто така, свесноста е универзална и унисекс-алатка.

Факултети.мк: Од што зависи колку време ќе се решава одредена ситуација, проблем, однос? Дали најмногу од тоа колку ќе соработува клиентот?

- Секој живот е вреден да се напише роман за него, што значи дека во секој од нас има доволно материјал да работиме на себе континуирано до крајот на животот. Ова не значи дека треба да бидеме вечни клиенти во терапевтските кабинети, туку тој процес би можел да биде започнат со терапевтот, а кога сме спремни, ние понатаму самите да го водиме. Секој клиент доаѓа со одредена потреба и состојба, некоја состојба бара итна терапевтска интервенција и трае краткотрајно, неколку сеанси. Додека кај хронични нарушувања процесот на терапевтска поддршка може да трае со месеци или години. Би ги споменала и клиентите кои без присуство на некаква симптоматологија имаат потреба да се себеспознаат и да научат како да ја разбудат свесноста која им е главната алатка во безброј животни ситуации. Во овој случај, соработката трае колку што му е потребно на клиентот, колку што е мотивиран да „сурфа“ низ себе. Други битни фактори за времетраењето на терапијата, освен мотивација, се: компактибилност на терапевтскиот правец, состојбата на клиентот, слично ниво на сензибилитет на терапевтот и клиентот, срединска поддршка, возраст, пол, облици на отпор или одбранбени механизми, финансиска спремност, интелектуален потенцијал, емоционална зрелост, просторна дистанцираност од кабинетот, ниво на креативност, образование.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование