X
 18.08.2017 Образование

Каде се запишаа најмногу студенти: Вриеше на техничките и информатичките факултети, но и на филозофски и медицина

Голем интерес за факултетите од техничките, компјутерско информатичките науки, медицина, но и за дел од општествените, како на пример Филозофски и Економски факултет, а некои се со иста динамика на упис на кандидатите како и минатата година. Ова е накратко сликата после завршувањето на првиот ден од првиот уписен рок на УКИМ. Разговаравме со раководството на повеќе единици на УКИМ за да дознаеме колку кандидати се пријавиле, дали се задоволни и како тече првиот уписен рок. Денеска матурантите повторно поднесуваат документи, има и втор и трет уписен рок, па сите очекуваат овие бројки да бидат поголеми.



На Технолошко металуршкиот факултет на првиот ден од првиот уписен рок се пријавиле 100 кандидати, што според раководството е во рамки на очекуваното.

- Стотина кандидати имаме вчера, очекувам уште денеска и секако во следните уписни рокови. Уписот минува во најдобар ред, во рамки на очекуваното кога е во прашање интересот. Најмногу интерес имаме за Прехрамбена технологија и биотехнологија, за Дизајн и инженеринг на облека и Инженертво на материјали и наноматеријали – вели професор Игор Јорданов, продекан за настава.

И на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство се задоволни од првите уписни денови. Деканот Иван Чорбев вели дека одзивот на студентите за запишување на ФИНКИ е многу добар.
- Имаме многу поголем интерес отколку минатата година. Првиот ден од уписите тече без никаков проблем, во орагнизацијата ни помага и Студентскиот парламент. Успеавме да го амортизираме утринскиот метеж при запишувањето до 11 часот на најдобар можен начин, така што немаше никакви гужви ниту застој. Сѐ тече во најдобар ред – ни изјави Чорбев.

И на Машинскиот факултет се задоволни од бројот на пријавени кандидати. Продеканот за настава професор Бојан Јованоски вели дека очекуваат околу 300 кандидати во првиот уписен рок. - Со бројките стоиме одлично и сите сме презадоволни и од организацијата бидејќи воопшто не се направи метеж. Имаме 280 пријавени кандидати електронски, но доаѓаат и нови, така што очекуваме повеќе од оваа бројка. И денеска има прием на кандидати, а тука се и другите уписни рокови. Инаку, годинава најголем интерес имаме за Индустриски дизајн, Индустриско инженерство и менаџмент, Енергетика и екологија, Мехатроника и Моторни возила – информира Јованоски.

На Фармацевтскиот факултет при Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“, за студиската програма за магистри по фармација во текот на вчерашниот ден конкурирле 116 кандидати. Оваа учебна година, согласно со објавениот конкурс за упис на нови студенти на универзитетот, на оваа програма е предвидено да бидат запишани 120 студенти. За студиската програма за лабораториски биоинжинери, пак, за 50 места вчера конкурирале 36 кандидати. На факултетот се задоволни од интересот во текот на првиот ден за уписи.

- Задоволни сме и од интересот и од успехот на кандидатите кои конкурираат. Тој е на задоволително ниво, како и во претходните години – вели проф.д-р Зоран Стерјев, продекан на Фармацевтски факултет. На Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер електронски се пријавиле 103 кандидати. Од нив, вчера документи поднеле 78.

- Најголемиот дел од електронски пријавените кандидати се за насоката дизајн, а остатокот за инженерскиот дел. Капацитетот на факултетот е 135 студенти, редовни и вонредни. Многу сме задоволни од првиот ден – вели професор Владимир Кољозов, продекан за настава.

На Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), за седумте насоки електронски се пријавиле околу 300 студенти, вели деканот Димитар Ташковски.

- Речиси исто како и претходната година. Најголем интерес има за EAOIE, KSIAR и KHIE. На овие насоки ќе останат по неколку места во државната квота – вели проф. Ташковски.

Според конкурсот на ФЕИТ во 2017/2018 година вкупно 440 студенти ќе се школуваат во државна квота и 210 со кофинансирање. Тие ќе бидат поделени во седум различни програми на студии: електрични, автоматизација и обновливи извори на енергија (EAOIE), Електроенергетски системи (ЕЕС), Електроенергетика, управување и менаџмент (ЕЕУМ), Компјутерско системско инженерство, автоматика и роботика (КСИАР), Компјутерски технологии и инженерство (КТИ), Компјутерско хардверско инженерство и електроника (КХИЕ) и Телекомуникации и информациско инженерство (ТКИИ).

На Природно-математичкиот факултет во првиот ден на конкурсот се пријавиле 293 студенти, вели деканот, Ицко Ѓоргоски.

- На ПМФ генерално, интересот за најголем број од студиските програми кои ги нуди факултетот е поголем во споредба со истиот период во минатата година. Но, ако треба да издвојам, најголем е интересот за студиските програми, и тоа на Институтот за географија на туризам и наставна насока, на Инстиутот за хемија на препаративна хемија-аналитичка биохемија и препаративна хемија, на Инстиутот за биологија на молекуларна биологија и биохемиско-физолошка, на Инстиутот за математика на наставна насока и математичка економија, на Институтот за физика на астрономија и астрофизика и медицинска физика и на Институтот за етнологија и антропологија на едната постоечка насока. Но, она што е важно е дека скоро на сите студиски програми сѐ уште има слободни места и очекуваме денеска да се пополнат студиските програми со бараниот број на кандидати – вели Ѓоргоски. Новиот декан на Филозофскиот факултет, професор Ратко Дуев вели дека вчера до 14 часот биле пријавени вкупно 657 кандидати.

- Најголем интерес има за студиската програма по психологијата, на која за 120 места се пријавени 211 кандидати – вели Дуев.

Според професорката Неда Здравева, продекан за настава при Правниот факултет „Јустинијан Први“, од првиот ден на уписите може да се заклучи дека интересот на студентите е зголемен во споредба со претходните години. Најголем е интересот за правните студии, каде се пријавуваат и најмногу кандидати. Но, интерес има и за односи со јавнос и за политички студии.

- Бројките се сѐ уште неизвесни, но очекуваме да има и втор уписен рок – вели Здравева.

Таа ги советува сите кандидати за идни студенти добро да се информираат што сѐ им е потребно за пријавување, за да не мора да брзаат токму на денот на уписите да обезбедат документи.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование