X
 19.08.2017 Технологија

„Епл“ донира 2 милиони долари за борба против омразата

Американската компанија „Епл“ одлучила да донира 2 милиони долари на две групи за заштита на човековите права, по ветувањето на директорот Тим Кук дека ќе помогне во борбата против омразата која го поттикнала насилството во градот Шарлотсвил минатиот викенд, кога погина 32-годишна жена.


Компанијата ќе донира пари на Правниот центар за сиромашни на југот и Сојузот против клевета. Тим Кук изјавил дека длабоко не се согласува со претседателот на САД Доналд Трамп, кој го изедначи дејствувањето на екстремните десничари и учесниците на контрапротестот кои им се спротивставија. Кук верува дека тоа е спротивно на идеалите на Американците, а со таа негова изјава тој се приклучи на другите директори на компании кои се оградија од изјавите на Трамп.

Хедер Хејер загина кога автомобил влета во маса на учесници од контрапротестот кои излегоа на демонстрации против екстремните десничари, организирани заради отстранувањето на споменикот на генералот Роберт Ли од Американската граѓанска војна. Во судирите на двете групи повредени се 19 лица.

Трамп добива критики бидејќи обвини многу страни за омраза и нетрпеливост, без отворено споменување на неонацистите и расистите кои го организираа десничарскиот митинг во Шарлотсвил, Вирџинија.

Американскиот претседател потоа се обиде да го појасни својот став и ги осуди расистичките организации и неонацисти, но веднаш потоа повторно ја истакна контроверзната и првобитна реакција за насилството во Шарлотсвил, оценувајќи дека двете страни се виновни.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија