X
 19.08.2017 Наука

Што се случува во главата на детето кога ќе добие брат или сестра?

дете

Доаѓањето на ново бебе во домот е голема работа, особено за вашето прво дете. Мора да знаете дека неговите реакции се оправдани колку и да ви се чинат неразумни и неприфатливи. Вие сте единствената личност која може да му помогне да се навикне на новиот брат или сестра.

Овие насоки ќе ви помогнат и вам и на вашето дете подобро да се снајдете во ситуацијата и да го пребродите овој тежок период.

1. Прифатете ги неговите емоции што се очекувани и обидете се да не го осудувате


Доколку се ставите во ситуација на првородено дете, тогаш јасно ви е дека чувството на љубомора, лутина и бес не можат никако да се избегнат. Затоа е важно ова да го прифатите како природна реакција на новата ситуација. Исто така, важно е да не го осудувате детето и да не го казнувате.

2. Размислете и препознајте ги своите емоции, а потоа потрудете се да се смирите


Децата нивните емоции може да ги манифестираат на различни начини: со испади на незадоволство, постојано молење да играте со нив, барање да пијат млеко од шише (како бебе), па дури и агресивност кон вас и бебето. Сите овие испади кај родителите можат да предизвикаат чувство на лутење на детето, загриженост, па дури и вина. Ова се целосно нормални чувства што можат да се појават Но ова се нефункционални чувства затоа што ќе ве доведат до ситуација да викате или да го казните детето или постојано да се обидувате да го надоместите изгубеното време со постарото дете.

3. Доколку вашето дете е агресивно, немојте да го казнувате, туку...


Доколку вашето дете е агресивно кон бебето или кон вас, обидете се без паника и смирено да го отстраните од ситуацијата (ако треба без збор земете го в раце и физички отстранете го, без грубост). Почекајте да се смири, па потоа разговарајте со детето дека не ви се допаѓа она што го направило и кажете му ги последиците од неговото однесување. Секако, ова треба да го повторувате сè додека не исчезне агресивното однесување.

Доколку детето сè уште е мало и сè уште не зборува, доволно е само да го тргнете со кратката реченица: „Ние не ги удираме другите“. Оваа реченица треба да биде изговорена како некое правило, без викање но одлучно.

4. Организирајте и поминете време сами со вашето прво дете


За да се почувствува прифатено во семејството, тогаш важно е барем еднаш неделно вие и вашето прво дете да поминете време со него без бебето. Одете на кино, на прошетка, на шопинг, во слаткарница. Важно е  да направите детето да се чувствува важно во вашите очи како и да градите и одржувате квалитетна комуникација.

5. Направете првороденото дете да се чувствува корисно кога треба да се грижи за бебето

Би било добро да го вклучите детето во рутинските активности на бебето. На пример, детето може да биде задолжено за носење на пелените и влажните марамчиња кога треба да се пресоблечи бебето. Или кога ќе го капите бебето, оставете го вашето дете да помогне во капењето. На овој начин се задоволува потребата детето да придонесе за семејството.

6. Уште неколку совети што би можеле да ви помогнат

- Пред раѓањето на второто дете, немојте да правите големи промени што би можеле да влијаат врз постарото дете, па детето да помисли дека бебето е причината за оваа промена. Исто така, бидете искрени и објаснете му на детето дека кога бебето ќе дојде на свет ќе биде досадно, постојано ќе плаче и мама и тато ќе мораат да бидат постојано до него. Но посочете му дека постариот брат или сестра ќе треба да биде заштитник и учител на бебето како и тоа дека бебето ќе научи многу работи од него.

- Кога мама ќе се врати дома важно е пред детето да се запознае со своето братче/сестриче, мама да се поздрави со детето, а после запознавањето со новото бебе, да му се даде подарок што бебето го донело за својот постар брат или сестра.

- Би било добро и на вашите пријатели и роднини кои доаѓаат да го видат бебето, да им посочите прво да му посветат внимание на постарото дете, а потоа на бебето.

- На постарото дете покажувајте му фотографии кога тоа било мало бебе, и како сите биле околу него. Објаснете му дека кога бебето ќе порасне тогаш ќе може само да се грижи за себе.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука