X
 22.08.2017 Технологија

„Ако се отвори оваа Пандорина кутија, тешко дека ќе може да се затвори!“ предупредуваат научници и иноватори


Робот
(Фото: Carl Court / AFP)


Во отворено писмо упатено до ОН, научници и иноватори од 26 држави ги повикуваат Обединетите нации да донесат забрана за развој на автономно, односно роботизирано оружје. Меѓу 115. потписници на отвореното писмо се наоѓаат и водечките експерти за роботика и вештачка интелигенција, меѓу кои и Илон Маск, Мустафа Сулејман, коосновачот на DeepMind, кој под „Гугл“ развива неврални мрежи, и многу други. Останатите потписници на декларацијата главно се шефови на роботички компании или компании кои развиваат вештачка интелигенција.

„Кога би се развиле такви системи, тие би овозможиле конфликти на многу повисоко ниво од кога било во историјата, со многу пократко време на борба во споредба со човечките конфликти. Би можело да се работи за оружје за терор над цивили, но и за хакирано оружје кое може да се насочи за напад кон кого било. Немаме многу време за реакција. Ако се отвори оваа Пандорина кутија, тешко дека ќе може да се затвори“, стои во отвореното писмо до ОН.

Слично писмо е пратено и во 2015 година, кое предупредуваше на опасност од системи кои би можеле да напаѓаат мети без човечка интеракција. Значи, предупредувањето се однесувало на системи кои автономно одлучуваат за напад на одредени цели. Меѓу нив биле наведени дроновите и квадрикоптерите, кои сами би можеле да напаѓаат луѓе откако ќе се задоволат неколку дефинирани критериуми за напад.

Илон Маск минатите неколку години беше многу гласен во предупредувањата за можните опасности од вештачката интелигенција. Тој донираше милиони долари за создавање вештачка интелигенција која ќе работи во корист на човештвото, а не за негово уништување. На крај, ја основа и OpenAI, непрофитна организација со истата цел.

Конференцијата на ОН за Конвенцијата за конвенционално оружје едногласно се согласи за почеток на формална дискусија за забрана за автономно оружје. Во моментов, 19 земји членки се согласија за ставање забрана и пред да почнат разговорите. Иако состанокот беше закажан за вчера, одложен е за ноември, според „Форчун“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија