X
 25.08.2017 Интервјуа

Интервју со проф. д-р Љупче Кочоски, декан на Факултетот за биотехнички науки - Битола

укло

Накратко некој збор за Факултетот за биотехнички науки од Битола, единица на УКЛО.


Факултетот за биотехнички науки (ФБН) е јавна државна високообразовна и научна установа од областа на биотехничките науки. Овој факултет е единствениот од ваков вид високообразовни установи во Р. Македонија со свои карактеристични студиски програми.

Од 1999/2000 год. Вишата земјоделска школа, согласно решението за работа од страна на Министерството за образование, прерасна во Факултет за биотехнички науки. Факултетот за биотехнички науки во Битола е повисока развојна фаза на Вишата земјоделска школа, која своите почетоци ги има од 1960 година. Во текот на шеесетгодишното постоење, Факултетот има едуцирано кадар од профил на инженери (bachelor), магистри (master) и доктори на науки (PhD), кои со своето знаење и стручност се вклучени во агропрехранбениот и образовниот сектор. Отворањето на високообразовна научна установа од ваков карактер значеше и пополнување на повеќедецениската празнина во високообразовниот систем за биотехнички науки и едуцирање кадри од областа на прехранбената индустрија.

Појаснете го концептот на студирање и препознавање на студиските програми на Факултетот за биотехнички науки?


Денес факултетот располага со четири акредитирани студиски програми на прв циклус, четири акредитирани студиски програми на втор циклус и една акредитирана студиска програма на трет циклус студии. Со ваквите студиски програми на идните студенти им овозможуваме стекнување квалитетни знаења, вештини и искуства од областа на биотехничките науки надополнети со практична настава и квалитетна научноистражувачка работа.

Во оваа пригода само ќе ги посочам програмите од прв циклус студии за кои сите заинтересирани кандидати може да добијат исцрпни информации и сознанија од нашата веб-страница и, секако, од вработените.

Факултетот за биотехнички науки ги нуди следниве студиски програми за прв циклус на студии: КВАЛИТЕТ И БЕЗБЕДНОСТ НА ХРАНА, четиригодишни студии со 240 ЕКТС. Академски назив, дипломиран инженер по квалитет и безбедност на храна.  ТЕХНОЛОГИЈА НА АНИМАЛНИ ПРОИЗВОДИ, четиригодишни студии со 240 ЕКТС. Академски назив, дипломиран инженер по технологија на анимални производи. АГРОМЕНАЏМЕНТ,  четиригодишни студии со 240 ЕКТС. Академски назив, дипломиран агроменаџер, и ЗООТЕХНИКА, четиригодишни студии со 240 ЕКТС. Академски назив, дипломиран земјоделски инженер по зоотехника.

1

Би сакал уште да укажам дека организацијата на високообразовната дејност на факултетот се остварува преку организирање разни видови и степени на високото образование. Покрај додипломските имаме и постдипломски студии и докторски студии и учествуваме во фундаментални, развојни и применети истражувања, изведување комплексни научноистражувачки проекти од поширок интерес за општествените дејности; курсеви, семинари, со кои се прошируваат и стекнуваат нови знаења и се усовршува наставно-научниот кадар.


Кои се перспективите што ги нуди Факултетот за биотехнички науки – Битола?

Сегашното време е време на динамични промени. Примената на научните сознанија во многу сфери на човековите активности, во примарното производство на храна, и употребата на адитиви, конзерванси и антиоксиданси во прехранбената индустрија, доведоа до голем проблем со загаденоста на водата, воздухот и храната. Се проценува дека во блиска иднина производството на здрава храна ќе стане глобален проблем во развојот на цивилизацијата, а стравот на потрошувачите низ светот расте. Стручната примена на современи агротехнички мерки во примарното производство, оптимизацијата на процесите во прехранбената индустрија, како императив за производство на висoко квалитетна храна, може да се обезбеди само преку активно учество на високо образовни кадри.

2

Основната дејност на факултетот е приспособување на современите барања на науката и праксата. Со корекција на наставните планови и новите студиски програми кои се во согласно со Законот за високото образование и принципите на Болоњската декларација се унапредува концептот за студирање на Факултетот за биотехнички науки.

Но, она што го прави факултетот денес се активности и за иднината, особено затоа што светот е соочен со најактуелните прашања, меѓу кои: како ќе се прехраниме, што да се произведува и како да се произведува, кои се трендовите, како ќе расте светската популација? Така, сите аспекти поврзани со храната, како што се нејзиниот квалитет и безбедност, технологиите во производството и преработката и вештините на сточарското производство, во услови на мегатренд за зголемување на производството на храна, се опфатени со нашите студии. Денес во светот има седум милијарди жители, а за три децении се очекува да има 10 милијарди. Овие податоци, кои се повеќе од илустративни и сигнификантни, упатуваат кон потреба од научни и стручни знаења, вештини, чие значење и важност се непроценливи во глобални рамки.

Кои други елементи, освен глобалните трендови поврзани со храната и биотехнологијата, би биле мотив студентите да се запишат на Факултетот за биотехнички науки во Битола?


Студирањето на Факултетот за биотехнички науки само по себе претставува една „будност“ за иднината и исхраната и предност бидејќи се едуцираат во наука која е во значителен подем. Покрај ова, на нашите студенти им нудиме уште практична настава во сопствени современи лаборатории (Лабораторија за биологија и микробиологија, Лабораторија за хемија и биохемија, Лабораторија за квалитет и безбедност на млеко и преработки од млеко, Лабораторија за квалитет и безбедност на месо и месни производи, Лабораторија за екстракција на етерични масла и детерминација на биолошки активни материи), доаѓање до работа поврзана со струката и секако една лична сатисфакција, самостојност и добра комуникација што ќе им користи во професионалниот живот, стекната благодарение на развиена студентска размена и патувања.

4

По завршувањето на студиите и стекнување со соодветниот академски назив во зависност од студиските програми на факултетот, дипломираните студенти имаат можности стекнатите знаења и практичното искуство да ги имплементираат и да најдат вработување во: мали и големи капацитети на агропрехранбениот сектор, во микробиолошки, физичко-хемиски и сензорни лаборатории, прехранбената индустрија и лаборатории за контрола на квалитетот на храната, инспекциските служби за контрола на квалитетот и безбедноста на храната од прехранбената индустрија, јавните здравствени установи, центри за промоција на исхрана, дистрибутивни центри и продавници за продажба на храна и/или додатоци во исхраната за одржување на здравјето, Агенција за храна и ветеринарство, Агенција за поттикнување и развој на земјоделството, подрачни министерства за земјоделство.

Кои се Вашите очекувања во врска со уписните рокови што претстојат и колку студенти може да се запишат на Факултетот за биотехнички науки во академската 2017/2018 година?

5

Како Факултет за биотехнички науки очекуваме и искрено се надеваме дека желбата за студирање на студиските програми што ги нудиме ќе биде пробудена кај кандидатите кои досега се двоумеа и дека интересот за оваа наука ќе заземе еден поголем раст во однос на досегашните состојби. Со уверување дека нема да звучи како клише, по повод пригодата би сакал да ги потсетам младите луѓе на една животна вистина дека сопствениот успех зависи од нашиот индивидуален избор. Бидејќи се на прагот од новиот животен предизвик, исправени пред можноста за блескава иднина, ќе им посакам успех и среќа, со потсетување дека Факултетот за биотехнички науки - Битола е подготвен за уписните рокови што претстојат, квотите се привлечни и има место за секој заинтересиран, зашто нашето академско семејство во новата наставна година може да се збогати за вкупно 260 студенти.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Интервјуа