X
 28.08.2017 Интервјуа

Интервју со ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола, проф. д-р Сашо Коруновски: „Нашата цел е да образуваме млади луѓе со квалитетно знаење“

rektor

Почитуванг-дин Ректор, УКЛО реализираше успешен прв  уписен рок. Кои се вашите очекувања по однос на реализацијата на Конкурсот за упис на нови студенти?


Реализацијата на Конкурсот за запишување студенти во прва година на прв циклус студии во првиот уписен рок на Универзитетот „Св. Климент Охридски„ –Битола е спроведен успешно. На 11 високообразовни институции во состав на УКЛО во првиот уписен рок конкурираа 1100 студенти, што е во рамки на  проектираниот интерес, односно, станува збор за еден константен интерес на пријавените кандидати во однос на минатите години, што е присутно кај сите едници на УКЛО. Имено, бројките се движат во слични рамки како и во претходните академски години и ние како Универзитет сме задоволни со успешното спроведување на првиот уписен рок, особено ако се земат во предвид сложените конкурентски услови во високото образование и намалениот наталитет. Образовната понуда на УКЛО како препознатлива и хетерогена го задржува интересот за запишување на овој Универзитет и тоа секако, многу нè радува. 

Ја користам приликата да ги охрабрам сите незапишани кандидати да ги искористат можностите за упис во престојните уписни рокови, особено затоа што ќе може да се запишат кандидати и со училишна матура и завршен испит. Инаку, УКЛО е подготвен за успешно спроведување на престојните уписни рокови и тоа, вториот на 1 и 4 септември и третиот на 14 септември 2017 година.  Според Конкурсот за запишување студенти во прва година на прв циклус студии на нашиот Универзитет во академската 2017/2018 година може да се запишат вкупно 4095 од кои 2255 во државна квота, 950 со кофинансирање и  890 вонредни.

uklo

Кој е, каде е  и што претставува УКЛО денес?


Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола е најзначајната високообразовна установа во овој Регион, со близу четиридецениско работење, основана како втор македонски универзитет после УКИМ. Предноста што ја дава таа богата традиција хармонизирана со примената на современи високообразовни трендови кон коишто УКЛО е свртен целосно, му овозможува на Универзитетот позиционирање во значајна институција, во развојот на образовната и научната дејност во земјава. Значаен е секако и перманентниот кадровски развој насочен кон создавање респектабилна академска структура и стручен помошнонаставен кадар. На тој начин, она што досега е создадено и функционира во континуитет на УКЛО претставува еден позитивен багаж и константа што никој не може да ја занемари, негира или намали, особено во амбиент на промени во високообразовниот пејзаж во земјата. Во една таква корелација, капацитетите на УКЛО постојано се надоградуваат, а преку принципите на соработка со другите високообразовни установи се вклучуваме кон создавање силна високообразовна мрежа.

Што е во фокусот на УКЛО?

Во средиштето на УКЛО секако е студентот како носител на прогресот и единствената причина заради којашто постоиме: да образуваме млади луѓе со квалитетно знаење што ќе резултира во квалификувани стручњаци обезбедени со конкурентност. Имајќи го ова во вид, сосема е природно во центарот на вниманието да бидат студентите. Поврзано со нив и квалитетот на студирањето,  Универзитетот е  фокусиран и кон наставно – образовниот процес, којшто е во постојано, континуирано унапредување. Во развојните тенденции прилагодени на домашниот пазар и пошироко, го гледаме мотивот за осовременување  на наставно – образовната дејност, што без сомнение е назапирлив процес на УКЛО. Во таа насока, Универзитетот ги редизајнира и осовременува постојните студиски програми и креира нови. Истовремено УКЛО е во постојан „дослух“ со надворешното опкружување и се стреми кон продлабочување на соработката со стопанските и нестопанските субјекти во контекст на поттикнување на иницијативи за создавање профили на кадри сообразени со потребите на деловните субјекти: стопанството, претпријатијата и индустријата. УКЛО ги мотивира да бидат активни учесници, да даваат предлози. На овој начин се стремиме да го поттикнеме процесот за вработување на дипломираните студенти и да учествуваме во подобрување на  економијата и развојот на државата.  

Ги споменавте студентите како основен сегмент на универзитетското живеење. Што презема УКЛО на овој план?
 
Меѓународната соработка на Универзитетот, охрабрувањето на акедемската мобилност и јакнењето на меѓуинституционалната соработка се клучните сегементи во кои ги гледаме двигателите на академскиот модернизам, како поттикнувачи за вработување на студентите, што несомено е највиска и најзначајна цел. Воедно, како Универзитет во моментот имаме и четири дисперзии за нашите студенти: две во Битола, една во Струга и една во Велес, студиски локации на кои реално можеме да испорачаме потребен квалитет. За сите нив, како Универзитет развиваме и негуваме политики во духот на обезбедување и стимулирање на квалитет, па така, на секоја единица на УКЛО најдоброрангираните студенти се ослободуваат од плаќање на трошоците за студирање, еден вид стипендија како поддршка   за нивни понатамошни успеси.  Студентите имаат можности да аплицираат за одредени категории стипендии што ги обезбедуваат компании од бизнис секторот со коишто УКЛО има воспоставено квалитетна соработка. Паралелно, УКЛО ги мотивира талентираните и надарените студенти, организира конкурси, работилници и други воннаставни активности како начини за промовирање на знаењето со кои се дава дополнителен стимул и поддршка. На располагање се и атрактивни грантови за мобилности како и мобилности кои се дел од редовната практика во функционирањето на Универзитетот, а се одвиваат врз основа на потпишаните договори за меѓусебна соработка со повеќе странски универзитети. 

3

Определбата на Универзитетот за поголема партиципативност на студентите се остварува и низ развиена спортска рекреација,  додека за оние  коишто сакаат да ја покажат креативноста на располагање им е универзитетското радио, УКЛО ФМ. Така, на УКЛО се развива една непосредна вклученост и учество на студентите, процеси кои внесуваат нов квалитети во социјалните осноси.

Покрај овие генерални одредници, нашата заложба е на секој студент да му се посвети потребното внимание со негување односи на меѓусебна доверба и соработка, со цел да им се обезбеди квалитетно образование, успешна едукација и професионални перспективи, зашто денешните студенти, повеќе од било кога се соочуваат со предизвикот на компетитивност. Оттука и задачата на УКЛО е да ги поттикне овие процеси, да ја намали дистанцата во интерес на знаењето и квалитетот на студирањето,  студентите да стекнат солидна едукација и да ги афирмираат своите потенцијали и вредности.

Која е идејата што како поттик  ја упатувате до новата генерација студенти на УКЛО?

Секоја академска година е нова можност за одредени промени и подобрувања на Универзитетот којшто има своја стратегија односно програма на активности насочени кон остварување  на поставените цели. Нашиот приоритет останува насочен кон интензивирање на активностите што осигуруваат подобрување на квалитетот за да постигнеме повисок степен на интегрирање во европскиот високообразовен и научно-истражувачки простор. Она што сакам да им го пренесам на студентите како порака, охрабрување и импулс е да студираат со целосна одговорност кон самите себе, кон нивните семејства, кон сите што им ја даваат толку потребната морална и материјална поддршка и што ги делат со нив плановите и успесите.

Им посакувам во академското живеење да го внесат младешкиот ентузијазам и времето што ќе го поминат на Универзитетот да им  претставува еден непоколеблив период, период исполнет со динамиката на новото, студентско живеење, вредено за паметење.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Интервјуа