X
 03.09.2017 Живот

Колку повеќе се трудите да го направите среќно детето, толку помалку е благодарно

дете

Прашање:

„Имаме шестгодишна ќерка која во изминатите шест месеци или повеќе, делуваше фрустрирано и апатично во поголемиот дел од случаите, доколку не го добие она што го сака. не сме богати, но живееме удобно и сакаме да правиме забавни нешта со децата. Но тешко е кога се чувствуваме како децата да не го ценат тоа. Се обидовме да разговараме со неа за тоа, да ѝ објасниме дека животот знае да биде тежок и напорен, но тоа не направи никаква разлика. Би сакале да добиеме било каков совет за тоа како да ја научиме нашата ќерка да биде благодарна за она што ѝ го овозможуваме“.

Одговор:

„Нешто што ми падна во очи беше вашата изјава дека сакате да правите забавни нешта со децата, но тоа не е ценето. И тоа го сфаќам. Кога ќе издвоите време (а често и пари) за убаво да си поминете со децата, се чувствувате како да ви истуриле студена вода кога нема да го ценат тоа. Колку повеќе очекуваме дека нашите деца ќе бидат благодарни, толку тие имаат повеќе барања. Прилично обесхрабрувачки.

Ајде да ја зумираме ситуацијата.

Имам 41 година. Моите родители убаво се грижеа за мене, но признавам моите чувства не ги диктираа семејните случувања и излети. Татко ми сакаше да ги посетува црквите, па поминувавме многу викенди возејќи наоколу во потрага по црква. Мојот брат и јас седевме на задното седиште, без технологија, слушајќи ја музиката што ја сакаше мајка ми, и чекавме.

Никој не нè праша дали тоа ни се допаѓа. Никој не праша дали сакаме да дознаеме некои интересни факти. Знаевме дека сме заедно во тоа и дека нашата среќа не е најважна. Дали ни беше досадно? Секако. Но и мојот возрасен брат и јас денес сакаме да посетуваме цркви и манастири. Има нешто во врска со тие излети.

Значи, родителите во минатото не беа многу загрижени дали децата им се среќни и дали добро се забавуваат. Родителите денес? Мислат само на тоа.

Без разлика дали се тоа излети, забави или годишни одмори, нашиот родителски живот стана целосно фокусиран на децата. Минијатурните викенди се дизајнирани за нашите деца да се среќни и тоа е вистински хаос. Вистинската благодарност се развива низ годините. Бара длабока емпатија и уважување на чувствата на другите. Едноставно кажано, не можам да го ценам мојот живот ако не можам да разберам и да сочувствувам за другиот.

Колку е разумно да се очекува шестгодишно дете да биде благодарно? Да ја цени вашата жртва? Да се грижи како се чувствувате повеќе од себеси? Прилично нереално.

Шестгодишните деца се посебно интересни бидејќи некои од нив се особено чувствителни на околината. Не се секогаш  благодарни, но помага да се повеќе прилагодени кон другите.

Она што е потребно, е да престанете да се обидувате да го направите среќно. Престанете да планирате премногу случувања за вашето дете. Престанете да го сфаќате лично лошиот став на детето. Престанете да разговарате со него за благодарноста. Зошто? Прво, ако ги погледнеме доказите, знаеме дека тоа не функционира. Второ, ова важи за сите луѓе - колку повеќе се обидуваме да ги задоволиме, толку понезадоволни се.

Парадоксално е, но кога малку ќе се опуштите, ќе се врати и вашиот родителски авторитет. Детето ќе ја почувствува вашата доверба, бидејќи ќе знае дека не е задолжително за среќата на целото семејство. На почеток нема да им се допадне отсуството на вашата анимација, но со текот на времето ќе попушти. За ова мора да помине некое време.

На крај, пронајдете начини да се поврзете со вашето дете. Започнете да го гледате право во очи и да го слушате, без многу коментари или критики. Читајте заедно, шетајте, редете сложувалка, танцувајте - сè што бара физичка блискост без многу говор или учење. Блискоста и контактот со очите испраќа силна порака дека ви е важно, а слушањето без коментар помага во намалување на хроничната борба за власт во која сте се нашле.

Претпоставувам дека ова ќе трае некое време, па останете трпеливи и љубезни. Некогаш ќе го изгубите трпението, но не се откажувајте. Ќе има време за последиците и лекциите - сега одморете се. Среќно“.

Автор: А.М.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот