X
 07.09.2017 Култура

Погледнете како се живеело на овие простори пред 8.000 години

Неолитското село Тумба Маџари освежено за најверните посетители - учениците. Во комплексот има четири неолитски куќарки преку кои е претставено како се живеело на овие простори пред 8.000 години



Малку поинаква археологија... вели археологот Елена Стојанова-Канзурова додека со работниците го освежува изгледот на неолитското село Тумба Маџари. Ова е последната акција на шест милениуми старата скопска населба која потекнува од времето на неолитот. Реконструираните куќарки подиганти од земја и слама се санирани. Поправени се ѕидовите, покривот, ентериерот. Ова е првата фаза од тековниот проект за одржување и обезбедување на неолитското село во Општина Гази Баба, а го спроведуваат Археолошкиот музеј на Македонија и Министерството за култура.



- Со санација на дел од објектите и нивниот внатрешен инвентар, овој музеј под отворено небо е подготвен за новите едукативни средби од септември со училишната популација и секако за посета на сите добронамерници, љубители на предисторијата, како и за организација на разни културни манифестации... Се надевам дека втората фаза од овој проект ќе продолжи кон крајот на септември. Особено важен сегмент е дневното обезбедување на овој мал археолошки музеј под отворено небо, кој засега е единствен во Македонија од периодот на неолитот, односно од 6-тиот милениум пред новата ера – вели Стојанова-Канзурова.



Во комплексот има четири неолитски куќарки преку кои е претставено како се живеело на овие простори пред 8.000 години. Локалитетот е уреден веќе девет години. За Тумба Маџари порано беше надлежен Музејот на Македонија, а сега е под ингеренции на Археолошкиот музеј на Македонија. Го раководи Стојанова-Канзурова, а преку Археолошкиот музеј се организираат тури за заинтересираните посетители. Има постојано вработен човек, а посетата на локалитетот е бесплатна. Која сака, може да остави донација.



Проектот за реконструкција на неолитското село почна во 2008 година. Во сламените куќарки има копии од садови кои луѓето ги користеле во минатото, амбиенти кои се доловени со човечки фигури, на животни, трла со кози, крава.



Локалитетот Тумба Маџари се истражувал повеќе од 30 години. Ископувањата покажуваат дека населбата е од неолитот (младо камено време). Луѓето што живееле тука својата економска благосостојба и културен просперитет ги достигнале во средниот неолит, 5800-5200 година пр. н.е. Во трите децении истражени се девет куќи. Од овој локалитет потекнува и симболот на Скопје, скулптурата на Големата Мајка.



Тумба Маџари е целосно уреден локалитет за презентација, влезен во светската мапа на неолитски наоѓалишта, се наоѓа веднаш до автопат и има идеална локација за развој на културен туризам. На локалитетот се спроведуваат и археолошки ископувања, а учествуваат студенти по археологија од земјава и од странство.



Иако се наоѓа во градот, има непрегледна пристапност, па локалитетот до денес има проблем со туристи. Најредовни посетители на локалитетот се учениците, во рамките на редовните училишни програми.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура