X
 11.09.2017 Образование

Отчет на Дескоска: И Британците нѐ предупредувале дека ни е рано за Кембриџ

Македонија ниту лани не била подготвена за воведување на Кембриџ програмата во средното образование. Министерската Рената Дескоска на денешната прес-конференција по повод 100 дена од формирањето на Владата, изјави дека минатото раководство добило многу забелешки од Кембриџ Интернешнал со препораки за одложување, но ги игнорирало.



- Добив писмо од Кембриџ Интернешнал во кое ме информираа дека и во 2016 година изразиле згриженост за брзањето со воведување на оваа програма во средните училишта и со начинот на избор на учебниците. Кембриџ предупредувал дека за реформи во средното образование треба повеќе време и укажуваат дека е многу веројатно дека Кембриџ нема да може да почне од септември 2017 година. Дури и предлагале одложување за деветто одделение.

Според нив, потребно е време од девет месеци до две години за адаптација на учебниците. Претходната влада ги игнорирала сите предупредувања од Кембриџ – рече Дескоска.

Во отчетот, таа изјави дека покрај скенирање на затекнатата состојба биле преземени и серија активности насочени во три правци: отстранување или минимизирање на штетите од политиките на претходната влада, активности насочени кон тековните работи во ресорот и активности насочени кон реформите што ги предвиде новата влада кои треба да го подигнат квалитетот на образованието.

- Го укинавме екстерното тестирање, ја одложивме Кембриџ програмата во средно и укинавме одредени дисперзирани студии по барање на универзитетите и воведовме нови студиски програми кои претходната Влада ги имаше ставено во мирување – изјави таа.

Дескоска го оцени екстерното тестирање како механизам за контрола и притисок врз наставниците и додаде дека ова е само една од мерките со која ќе покажат дека наставниците за нив се партнери во градењето на квалитетно образование.

- Отпочнавме целосна реформа која ги опфаќа сите сегменти во образованието. Отворивме консултативен процес во рамките на сите реформи и ги вклучивме сите засегнати страни кои сега имаат можност да влијаат на политиките и да го кажат својот глас за работите што ги засегаат – рече Дескоска.

Таа најави измени во законите за средно и основно образование. Ќе се намали бројот на часовите, администеративните обврски на наставниците, а подготвен е законски текст за унапредување на ученичкото организирање и учество во процесот на носење на одлуки во средните училишта. Отпочнат е процес на ревизија на учебниците во основно и средно образование со креирање на онлајн прашалник кој е доставен до училиштата за наставниците да го дадат своето мислење за потребата од промени во учебниците. Министерката истакна дека веќе се повлечени од употреба два учебника.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование