X
 11.09.2017 Образование

Разговор со професор Александра Бужаровска од ТМФ: „Македонија за научноистражувачка дејност издвојува 0,2 проценти од БДП, а Словенија над 2,2“

На универзитетите во Македонија постојат две категории научни работници: едни што кренале раце од научните истражувања затоа што условите се такви какви што се, и други кои едноставно се вљубени во она што го работат, сакаат да истражуваат и не само што успешно објавуваат публикации во престижни списанија туку можат да се пофалат и со висока цитираност на нивните објавени трудови – вели професорката Александра Бужаровска, продекан за наука и меѓународна соработка на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје.



- Еден од важните предуслови за развој на една држава, покрај унапредувањето и развивањето на образовниот систем, е и вложувањето во науката, поконкретно вложувањето во научноистражувачката дејност, кое е главен фактор и покренувач на целокупниот стопански и општествен развој – вели во интервју за Факултети мк. професорката Александра Бужаровска, продекан за наука и меѓународна соработка на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје.

Таа објаснува дека тенденцијата за постигнување одржлив и континуиран раст не може да се замисли без соодветно финансирање на научноистражувачката дејност, и затоа секоја земја би требало, покрај утврдувањето на развојните правци, да ги дефинира и да ги определи начините и приоритетите во развојот и финансирањето на оваа дејност.

- Во светот постојат повеќе показатели за следење на вложувањата во научноистражувачката дејност, но еден од најзначајните показатели секако е издвојувањето за истражување и развој изразено во проценти од бруто-домашниот производ. Издвојувањата за научноистражувачка дејност во Република Македонија се значително поскромни споредени со земјите од нашето опкружување, особено споредени со Словенија, која е лидер во регионот, па и пошироко. Имено, согласно статистичките показатели на светските институции, Македонија за оваа намена издвојува скромни 0,2 проценти од бруто-домашниот производ, во Србија, Хрватска и Бугарија издвојувањата се движат од 0,7 до 0,8 отсто, додека Словенија е далеку пред сите со забележителни над 2,2 процента од БДП.

Факултети.мк: Може ли реално поголемиот буџет за научноистражувачката дејност да помогне за подобро рангирање на нашите универзитети на светско ниво? Од кои фактори главно зависи тоа?
- Поголемите издвојувања за научноистражувaчка дејност секако дека ќе дадат значителен придонес во подоброто рангирање на нашите универзитети на светско ниво, но тоа е само една од позитивните страни на зголемувањето на буџетот за наука. Тргнувајќи од потребата речиси сè да се мери и споредува, па така и рангирањето на универзитетите според нивната успешност, на светско ниво се креирани многу листи за оваа намена. Една од најпознатите листи, која и ние често ја споменуваме, е Academic Ranking of World Universities (кај нас попозната како Шангајска листа) која ја објавува Shanghai Jiaotong University. Имајќи ги предвид критериумите согласно кои се врши рангирањето на оваа листа, а особено критериумите што се однесуваат на квалитетот на факултетот и научноистражувачката дејност, во кои се застапени меѓу другото и индикатори од типот на: број на високо цитирани научници од 21 научна област (HiCi), број на објавени публикации во научните списанија Nature and Science (N&S), број на објавени публикации индексирани во SCIE и SSCI (PUB), сосема е јасно што значи поголемиот буџет за научноистражувачките институции. Несомнено, зголемувањето на финансиите за оваа дејност ќе стимулира и ќе овозможи значителни научноистражувачки активности, кои, пак, ќе резултираат со соодветни резултати и зголемен број квалитетни публикации, а со тоа посредно ќе доведат и до подобро рангирање на универзитетите во Р. Македонија.

Факултети.мк: Поголемиот дел од факултетите на УКИМ се опремени со современи лаборатории. Како успевате да ги одржите во живот ако се знае колку се скапи реагенсите, одржувањето на опремата и реализирањето на практичната настава?
- Да, дел од факултетите се опремија со современи лаборатории, некаде истите се акредитираа, додека на некои институции набавената опрема (најчесто од меѓународно финансирани проекти) се стави во функција исклучиво на научноистражувачката работа. И во едниот и во другиот случај одржувањето на набавената опрема е во тесна корелација со услугите, односно анализите што секоја лабораторија ги нуди. За акредитираните лаборатории тоа би значело континуирани побарувања за анализи од нашето стопанство, што за жал не е секогаш случај. Можам слободно да кажам дека барањата од стопанството за одредени анализи се над некој минимум, што претставува недоволен придонес во одржувањето на опремата која е ставена во нивна функција. За останатата опрема, одржувањето на истата би значело нејзино ставање во функција на новодобиени проекти, со кои без поголеми проблеми можат финансиски да се покријат набавката на потрошен материјал и одржувањето. Но, како што е познато, последниве неколку години македонските универзитети имаат многу помала успешност во добивањето нови проекти, на пример од програмата Хоризонт 2020. И тука повторно се јавува тој хроничен проблем за кој ние континуирано зборуваме. Некој отстрана би рекол: „Сè зависи од научните работници на факултетите и нивното поголемо ангажирање за добивање нови проекти“. Но, морам да го напоменам и следното: процентот на успешност при добивање меѓународно финансиран проект е сведен на 15 отсто, што би значело дека од 100 аплицирани проекти, финансирање добиваат само 15 проекти, каде што како апликанти најчесто се јавуваат најпрестижните универзитети и научноистражувачки центри. Токму поради сите овие проблеми што ги истакнав, научноистражувачката опрема не се става целосно на располагање на студентите за практична настава. Тие можат повеќе да ја користат во завршните години на нивните студии, преку демонстративни вежби, а уште повеќе при изработката на нивните дипломски трудови.

Факултети.мк: Колку стопанството ги користи научноистражувачките капацитети на ТМФ од наставен кадар до лаборатории, потребни ли се промени во однос на ова прашање?
- Технолошко-металуршкиот факултет во текот на повеќедецениското постоење одржува одредено ниво на соработка со стопанството преку размена на образовни, научни и стручни услуги, со учество во заеднички проекти, изработка на соодветен број елаборати, анализи, студии, како и други видови консалтинг во областа на применетите истражувања. Но, како што секогаш и секаде постои простор и можност за остварување напредок, така и релациите и соработката помеѓу ТМФ и стопанството би можеле да се подигнат на многу повисоко ниво, со што стопанските субјекти многу повеќе би ги искористиле предностите што ги нуди нашата институција, особено знаењата, обученоста и искуствата на високо едуцираниот и стручен кадар. За таа цел, секако дека се потребни промени кои може да се реализираат со интензивирање на контактите и соработката помеѓу нашата институција и стопанството, независно дали тоа ќе го иницира Стопанската комора на РМ, самите стопански субјекти или ТМФ. Зачестените контакти ќе овозможат подобро запознавање на потребите, барањата и предизвиците со кои се соочува стопанството, од една страна, со можностите, искуствата, знаењата и помошта кои може да ги понуди другата страна, односно ТМФ.

Факултети.мк: Да се вратиме на науката и парите. Како македонските професори успеваат да истражуваат со мали средства и никаква поддршка од државата? Како изгледа патот на еден научноистражувачки проект од смислувањето до објавувањето во списание со или без импакт-фактор?
- Средствата за истражување на универзитетите во Македонија секогаш биле минимални и недоволни. Но тоа не значи дека треба да се откажеме од научноистражувачката работа. На универзитетите во Р. Македонија постојат две категории научни работници: едни што кренале раце од научните истражувања затоа што условите се такви какви што се, и други кои едноставно се вљубени во она што го работат, сакаат да истражуваат и не само што успешно објавуваат публикации во престижни списанија туку можат да се пофалат и со висока цитираност на нивните објавени трудови. Дел од истражувањата (испитувања и анализи) што не можат да ги изведат на своите матични институции, тие тоа успешно го прават преку студиски престои, заеднички билатерални проекти, остварени соработки и релации со странски универзитети, Еразмус-договори во кои се предвидени истражувања итн. Овој пат, се разбира, не е лесен, но ќе потенцирам дека можеби е единствениот за да се публицира во престижни списанија со фактор на влијание. Публикациите, од друга страна, му овозможуваат на секој научен работник поголема видливост во светското истражувачко семејство, а тоа понатаму води кон нови контакти, соработки и заеднички проекти.

Факултети.мк: За импакт-факторот и цитираноста на трудовите на македонските професори многу се зборуваше во изминатиот период. Како може да станеме попродуктивни во овој дел и колку ни е потребно тоа?
- Неколку пати ги споменавме финансиските средства и повторно ќе се навратиме на нив. Научноистражувачката работа никаде во светот не може да се реализира без соодветно финансирање. Нормално дека се неопходни и мотивација, знаење и многу труд, но сепак повеќето од овие работи се во нераскинлива врска и корелација со финансиите. Имено, за да го подигнете нивото на своето знаење, неопходно е континуирано да ги следите научноистражувачките достигнувања, што е незамисливо без соодветна литература и пристап до соодветни бази и библиотеки, а сето тоа подразбира финансии. Понатаму, освен теоретскиот дел, исклучителна важност има и практичната работа, за која се неопходни модерни лаборатории со софистицирана опрема, а кои ние, за жал, ги имаме во не многу голем број и кои се со скромна достапност, опременост и капацитет. Квалитетните научни трудови, валоризирани преку соодветен импакт-фактор, и цитираноста на нашите професори секако дека се потребни, имајќи предвид дека поголемиот квалитет на тоа што се пишува и објавува воедно значи и наша поголема присутност и активна вклученост во светските научноистражувачки случувања. На тој начин ќе можеме да понудиме поквалитетно и поконкурентно образование, а со тоа и соодветен придонес кон стопанството, државата, па и пошироко. За да се реализира барем дел од погоре кажаното, државата треба континуирано да се стреми кон зголемување на средствата што ги издвојува за научноистражувачка дејност, се разбира, во рамките на своите можности, истовремено знаејќи дека овие вложувања секогаш ќе ѝ се вратат на најпозитивен можен начин.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование