X
 12.09.2017 Култура

Атанас Георгиев: Најопасно е што повеќето поверуваа дека Avec l’Amour доби „Оскар“, и тоа во август!

Кога се рашири веста, излезе дека експериментот е повеќе од успешен. Стигнавме до фрапантни бројки, 180.000 споделувања, прегледи, честитки, поздрави, лајкови и побарувања за пријатели. Не можевме да ги доброиме фејсбук-кликовите, веста се појави на утрински програми по телевизии и радија, а грубата процена е дека допревме до публика од 300-400.000



Филмот е негова животна определба. И како што на вистински страсните посветеници на оваа уметност им се случува, се впуштаат во повеќе полиња, а не само на тоа во кое почнале или за кое се образовале. Атанас Георгиев дипломирал филмска монтажа на Факултетот за драмски уметности во Скопје и во последните десетина години е потпишан на монтажата на десетина играни филмови. Но, немирниот дух го внесе и на полето на продукцијата, во што одлично му тргна. Cash&Marry го режира и продуцира, а стана и копродуцент на „Такви се правилата“ на Огњан Свиличиќ, филм што доби „Златен лав“ за најдобар актер во Венеција во 2014 година. Неговата „Трис филмс“ е потпишана под последниот документарен хит кај нас - „Avec l’Amour“. Веќе се крчка нов документарец, „Медена земја“, кој на важниот Сараевски фестивал освои вредна награда во програмата за дела во развој.

Факултети.мк: Avec l’Amour е Ваш продуцентски предизвик. Се потпишавте и како монтажер, а се вклучивте и во сценариото. Може ли да ни откриете како стигна во Ваши раце оваа нежна приказна што крена џева?

-Во 2011 започнав еден друг проект што се снимаше во Кавадарци, а од Илија често позајмував техника. Во меѓувреме тој го имаше почнато својот дипломски филм, портретот за Дионис, доаѓаше во комшилак и ја запозна екипата со која работев и која подоцна несебично му се приклучи. Тоа е веројатно првиот и најбитен чекор на Иле, неискусен студент од ЕСРА - да одлучи да побара помош од искусни професионалци и заедно да лутаат по Тиквешијата, да спијат и да ручаат кај баба му, и тоа за евтино. По неколку години лутање, јас во Кавадарци, тој во Неготино, Илија ми пристапи и ме замоли да му помогнам за монтажата на краткиот документарен филм (како што тогаш ми го најави). Веќе имаше собрано брдо материјал, а имаше измонтирано и некаков споен сценослед. Во тој куп слики, кој главно беше купопродажба на стари возила, моторчиња и слични железа, посебно ме привлече материјалот од првите неколку снимачки денови, т.е. пензионирањето на Дионис, сцена која веднаш ме освои и ме воодушеви. Набрзо му предложив да вложам сѐ што останало од мојот кавадаречки проект за да изградиме посилна и попривлечна приказна за Дионис. И не ги вложив само моето монтажерско искуство и малкуте пари, туку се посветив како да е мој филм. Имаше нешто драгоцено во тоа, како да имаш далечински управувач во рака и без да ги сретнеш ликовите да си нарачаш материјал кој би сакал да го видиш во својот филм. Заедно поминавме речиси три години, го прекопав и изорав материјалот што го донесе, за потоа заедно да ги доснимиме и сцените што ја создадоа приказната на која денес со силни емоции реагира публиката.

Но, колку и да сум силен фактор во изградбата на наративот во овој филм, Илија беше клучниот лик што ги имаше пристапот и довербата кај Дионис. Без разлика што на почетокот се договоривме дека и јас ќе се потпишам како коавтор, само за да ги поминеме правните бариери, донесов одлука да се скријам зад терминот deviced and produced by. Колку ли само ќе беше нефер да се накитам со сиве кредити, монтажер, тонски монтажер, сценарист, продуцент, па одозгора и коавтор... Сметам дека Илија е сериозен филмаџија, дека му претстои надежна режисерска иднина и дека мора да му се даде предност во неговата штотуку започната кариера.



Како што може да се забележи, продуцент сум зашто немав друг избор. Претпоставувам дека е доста тешко да се пронајде вистински продуцент-документарист, па некој мораше и тоа да го одработи. За жал или за среќа, тоа е мојата најслаба алка, со најмалку искуство, но се надевам дека добро го сработив и тоа. Сите се или ќе бидат колку-толку исплатени. Филмот задоволува висок технички стандард за слика и звук достоен за киноприкажување. Засега достојно го претставивме на неколку многу битни фестивали, започнавме домашна кинодистрибуција на која ја вративме публиката на масовни кино проекции, веќе се прикажува пред преполни сали во Скопје, Битола, Неготино, а најавивме проекции во Струга, Куманово, Св. Николе, Штип, Тетово, Кавадарци… Исто така, имаме повеќе сериозни понуди за продажба на повеќе ТВ-станици, а фестивалскиот живот допрва започнува.

Факултети.мк: Неодамна беше објавена лажна информација за Avec l’Amour, која молскавично се рашири и публиката одлично ја прими. Како тоа да имаше голем удел за македонската јавност воопшто да чуе за филмот, а потоа и да ги наполни кинопроекциите. Сметате ли дека не е доволно да се има само добар филмски производ, туку треба и да се знае како да се стигне до публиката?


-Одговорот на ова прашање е многу комплексен. Целата иницијатива беше мотивирана уште во мај, кога нѐ примија на HotDocs Торонто. Ние, восхитени дека конечно ќе имаме отчет за нашата работа, пуштивме соопштение до СИТЕ медиуми, но никој ништо не пренесе (секоја чест на ретките исклучоци, а тоа се главно наши пријатели-новинари). Сите, ама баш сите беа заслепени од разни Грујовци и Зајовци, комплетно затупени и исполажени од секакви бомби, корупции и слични мизерии низ кои поминува нашето општество. Затоа се одлучивме за радикален пиар-јазик. Момците од Велес веќе ја имаа разработено патеката за пласирање лажни вести, а мојата продукција веќе истражуваше на таа тема и она што го откривме е дека најлажната вест околу лажните вести во Велес е новинарскиот пласман на лажните вести како вистина. Тема која е вон темата на нашиот филм, но сепак решивме да дејствуваме од герила, многу да ризикуваме, но многу беше битно и да ја испитаме важноста на темата. Кога се рашири веста, бевме во Сараево и не очекувавме никакви реакции. Дури мислев дека ќе бидам предмет на потсмев кога ќе се вратам дома, но излезе дека експериментот е повеќе од успешен. Стигнавме до некои фрапантни бројки, 180.000 споделувања, прегледи, честитки, поздрави, лајкови и побарувања за пријатели. Не можеме да ги доброиме фејсбук-кликовите, веста се појави на утрински програми по телевизии и радија, а грубата процена е дека допревме до публика од 300-400.000. А, сѐ што требаше да се направи за да се разбере дека е кромид вест е да се дочита текстот докрај.

Секако дека е битно што ја размрдавме кинопубликата дома и тоа со документарен филм од нечуен дебитант од Неготино, финансиската придобивка воопшто нема да ја коментирам зашто е минимална и одлучивме да ја донираме во хуманитарни цели. Најопасно е што повеќето луѓе веруваат дека веќе сме добиле „Оскар“. И тоа во август.



Најбитната работа, според мене, е што отворивме дебата, за која повеќето сè уште се плашат или се срамат да коментираат. Денес лажните вести се сериозна алатка за манипулација, а ако ние изманипулиравме толку луѓе со буџет од само 200 евра, замислете си овие со многу пари и моќ што можат да ви направат. Светот е на раб на нуклеарна војна поради лажни вести, мораме нешто да направиме по таа тема. Тука не можеме да ја добиеме битката преку ноќ, но без борба, нема да може. Сметам дека нема потреба некому да се извинам ако се почувствувал прелажан, спремен сум да одговорам на сите останати прашања - ве очекувам и ви се чудам што и после изјавата во живо на вести на „Сител“ и други портали сѐ уште никој не дебатира на оваа тема. Меѓу другото, голем поздрав од Оливер Стоун.

Факултети.мк: Филмот беше прикажан на важниот фестивал HotDocs во Торонто. Неодамна бевте и во Сараево, каде што според публиката освои трето место. Очекувавте ли ваков прием?

-Филмот претходно беше прикажан во Торонто на HotDocs, па на DokFest во Минхен. Упатените знаат дека Hot Docs е исто како да те примиле во Венеција, Кан или Берлин со игран филм. А верувајте, не е лесно да се стигне до таков фестивал. Не е само да имате добар филм и да се надевате дека некаде ќе ве забележат. Kолку и да се трудевме да го презентираме филмот по индустриските настани додека сѐ уште беше во продукција, доживеа фијаско при аплицирањето по значајните европски фестивали. Но, како поинаку да се коментира светот во кој денес живееме, полн со мизерија и ужас од библиски размери?  Се разбира дека филм со ваква тематика ќе падне во сенка на емигрантите, војните и страдањата низ светот.
Но, веројатно HotDocs, а воедно целиот северноамерикански континент е малку порелаксиран во однос на проблемите во Европа, па го препознаа потенцијалот и нѐ почестија со дури три проекции (обично даваат една или две). Публиката реагираше исто како и кај нас, како и во Минхен и во Сараево. Таму ни стана јасно дека сме направиле универзален филм со универзална порака, која ќе го допре и најтврдокорниот публикум.
Сараево е најзначаен филмски настан во регионот, а по традиција е фестивал со фокус на играниот филм, но благодарение на Рада Шешиќ, селекторот на документарната програма, станува сѐ позначаен и за документарната индустрија. Имавме преполна сала со овации, смеа и солзи и публиката нѐ награди со трето место. Вредно е да се напомене дека двата филма што со само 0,2 поени беа пред нас се: „Интервјуата со Путин“ на Оливер Стоун и американскиот филм „Work“ на Jairus McLeary и Gethin Aldous, филм кој веќе има богата и наградувана фестивалска кариера. Можеби ќе звучи нескромно, но фестивалска награда веќе не ми е битна, кога веќе насекаде имаме признание од публиката. Фестивалите во моментов се многу битни само за филмот да го видат што е можно поголем број луѓе.


Факултети.мк: Во Сараево уште еден ваш филм, „Медена земја“, доби важно признание – награда во програмата Work in progress, во износ од 30.000 евра. Тоа е голем поттик и отворање на патот на оваа приказна. Може ли да откриеме за што станува збор?

-Многу сум радосен поради ова затоа што си ветив себеси дека после 20 години по разноразни пичинзи и работилници ќе престанам да се занимавам со документаристика ако не успеам со овој филм, но овој пат изгледа смислив добитна стратегија. Се претставивме со одличен готов производ во натпреварувачка програма на фестивалот и истовремено со одличен проект во развој. Ја добивме највисоката финансиска награда на фестивалот, која обично се доделува на играни продукции.  Се залепија и многу други битни фигури и првпат не сум тој што моли и тропа по вратите.
Приказната, од практични причини, нема да ја откријам, но се работи за мед, за пчели и за луѓе, за космос… Снимањето сè уште трае, но е при крај. Материјалот е највредното нешто што сум го држел в раце, екипата е космички совршена, нè чека многу работа и се надевам дека за некое време светот ќе го почестиме со уште подобар филм.



Факултети.мк: Се чини дека во последните неколку години колку повеќе се отвораме за соработки, копродукции, толку повеќе и нѐ има на фестивали и имаме повидливи резултати. На добар пат ли сме до публиката дома, а потоа и пред светот?

-Документаристиката ве освестува и не ве остава да спиете мирно. Од сегашна гледна точка, не гледам светла иднина. Светлото во тунелот полека се гаси, жал ми е што вака претаме в место, но надежта ја гледам само во постидните генерации. Ние не успеавме. Нашите потомци ќе страдаат, а тие после нив, ако се освестат, ќе биде чудо. Она што го создаваме многу брзо го погребуваме на Јутјуб, Фејсбук и торент-страници. Во војни и хаос, филмаџиите и ентертејмент-индустријата се небитни, а документаристите се закана. Кога-тогаш ќе престанеме да бидеме битни за корумпираното општество во кое живееме и тоа ќе нѐ уништи. Потоа, Бог нека ни е на помош.
Подготвил: Сребра Ѓеоргијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура