X
 12.09.2017 Технологија

„Инстаграм“ со новост во која е вклучен и „Фејсбук“

instagram
Фото: Thinkstock

Наскоро на корисниците на „Фејсбук“, на нивната страница со вести, ќе им се појавуваат приказни од „Инстаграм“.

Имено, „Инстаграм“ ја тестира можноста неговите корисници истовремено да ги објавуваат своите постови и на „Фејсбук“.

Се чини дека ова е дел од поголемата стратегија на „Фејсбук“ да го префрли успехот што со своите „Приказни“ го имаше на другите платформи и на својата главна социјална мрежа.

Некои од корисниците веќе пријавиле дека кога нешто објавуваат на „Инстаграм“, ја гледаат и опцијата за објавување на „Фејсбук“. Сè уште не е јасно колку е раширено тестирањето и дали и кога оваа можност ќе им биде понудена за сите.

„Инстаграм“ потврди дека прави тестирање, но не сподели друга информација.

„Секогаш тестираме различни начини со чија помош би го подобриле искуството и би ви олесниле да го споделите секој момент со луѓето што ги сакате“, изјавуваат од „Инстаграм“.

„Фејсбук“ агресивно ги истакнува своите „Приказни“ на сите свои платформи. Така, минатиот месец објави дека ќе бидат достапни и на десктоп-компјутерите. Претходно тие беа додадени на „Инстаграм“, „Месинџер“, „Вацап“ и на мобилната апликација за „Фејсбук“.

„Фејсбук сторис“ глобално започнаа во март 2017 година, но не се покажаа како успешни, а многу луѓе сметаат дека се копија на „Снепчет“. Од друга страна, пак, на „Инстаграм“ постигнаа одличен успех.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија