X
 12.09.2017 Образование

Што сѐ купуваат родителите за на училиште: Од сапун и тоалетна до завеси и ролетна

„Ваша одлука е како децата ќе ја одржуваат хигиената“ – ни рекоа наставничките. Се договараме дали секој поединечно да носи хигиенски средства или дежурниот ученик за сите деца. Секое дете кога е дежурно носи 1 литар течен сапун, два или еден хартиен бршач за раце и џамбо пакување тоалетна хартија – вели родител на ученик од Кисела Вода.



Ролетни, шкафчиња, клима-уреди, завеси, варосување на училницата, тоалетна хартија, сапун, бришачи за раце, влажни марамчиња, мушами за клупите за час по ликовно… Во нашето бесплатно образование родителите сè уште сами ги купуваат овие производи, иако општините се тие што треба да им ги обезбедат.
Во поголемиот дел од училиштата родителите веќе добиле списоци со сè што треба да купат за на училиште, покрај тетратките и надгледните средства потребни за школување. Некаде родителите сами гледаат што им недостига на децата, па немаат друг избор освен да купат, а некогаш и самите наставници им кажуваат што треба да обезбедат.

Мајка на дете што учи во Кисела Вода вели дека годинава треба да купат хартија за копирање, собираат по 50 денари секој месец за да се купи и тонер за печатачот.
- Знаеме дека МОН секоја година апелира родителите да не купуваат хигиенски средства бидејќи тоа е обврска на училиштето. Но, бидејќи нашето училиште нема буџет за да ги надомести, наставниците ни напоменуваат: „Ваша одлука е како децата ќе ја одржуваат хигиената“. Се договараме дали секој поединечно да носи или дежурниот ученик за сите деца. Секое дете кога е дежурно носи 1 литар течен сапун, два или еден хартиен бршач за раце и џамбо пакување тоалетна хартија. Дежурен е приближно два-три пати во полугодие. Тоа ме чини околу 300 денари – вели таа.

Лани, пак, купувале и ролетни за училницата за да се заштитат децата од сонце.

- Навистина сум против ова купување, сметам дека не е наша работа да го правиме тоа. Но, бев единствената што се бунтував јавно. Родителите едноставно прифаќаат сè што ќе им се понуди или што ќе се предложи од страна на некој наставник или друг родител – вели таа.
Друга мајка чии деца учат во Општина Центар вели дека покрај тоалетната хартија, бришачите за раце, чаши, влажни марамчиња и хартија за печатење, има неразумни предлози што доаѓаат токму од родителите.

- Од родителите има предлози да се купат апарати за вода, бокали за вода или да се монтира прочистувач на самата чешма, па телевизор за проекции и слично. За среќа, повеќето родители се разумни, па се купуваат само средствата за хигиена и хартијата за печатење – вели таа.
Мајка од Пробиштип чиј син е четврто одделение вели дека никогаш не се случило некој да им побара пари во училиштето за нешто.
Ова барање до родителите да обезбедат сапун и тоалетна хартија за училиштето не се случува секаде, дури има разлики од училиште до училиште во иста општина. Зошто се случува ова, одговор треба да дадат општините и менаџерите на училиштата. Од Министерството за образование и наука добивме одговор дека секоја општина добива блок-дотации за училиштата што се во нејзина надлежност и дека треба домаќински да се однесува со нив.

- Во тие блок-дотации се планирани и средствата за хигиена, а со оглед на тоа што основните училишта се под надлежност на локалната самоуправа, тие не треба да ја заборават грижата за училиштата. Директорите на училиштата не смеат да дозволат да се бараат пари од родителите или да бараат од нив да носат сапун или средства за хигиена – велат од МОН.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование