X
 13.09.2017 Култура

Едукативен центар „Арс Ламина“ - место за современ начин на стекнување знаење и креативно поминато време на децата

Дневен престој, следење и помош во совладувањето на наставните содржини за учениците од основното и од средното образование – математика, природни науки, jазични курсеви, саботно згрижување, доедукација за наставници – ова се само дел од активностите што ќе ги нуди центарот, кој од денеска почнува со работа во центарот на Скопје.



Современ начин на стекнување знаења, подигнување на стандардите во образованието, креативно и осмилено искористување на времето – ова се само дел од активностите што од денеска ќе ги понуди Едукативниот центар на „Арс Ламина“ во Скопје. Место во кое деца од 5 години, сѐ до младинци до 18 години ќе можат да поминуваат часови во дружење, учење, доучување, односно совладување на наставните содржини. Сместен во тивка, безбедна и пријателска атмосфера во центарот на градот (ул.„Стив Наумов“ бр.102б, во близина на Средното училиште „Раде Јовчевски Корчагин“), Едукативниот центар ќе биде вид засолниште од секојдневните проблеми на големиот град, вели Слободан Шошкоски, раководител на Центарот.



- Со Едукативниот центар ќе заокружиме една целина на повеќегодишната учебникарска дејност на „Арс Ламина“. Едукаторите се извонредни наставници, педагози и врвни практичари, професионалци во своите области, кои беа и дел од тимовите што работеа на изготвување на учебниците, збирките и другите дидактички помагала, според кои се одвива наставата. Тие на најдобар начин ќе го пренесат своето знаење на слушателите на курсевите во нашиот едукативен центар – вели Шошкоски, раководител на едукативниот центар „Арс Ламина“.



Со цел знаењето да стане што подостапно до младите генерации, Центарот се погрижи да ги обезбеди најсовремените нагледни средства што се користат во наставата. Со употребата на смарт-таблата, смарт-масата и дигиталните содржини се поедноставува преносот на знаења и се приближува контактот наставник-ученик, а многубројните дидактички материјали со кои располагаме ја поттикнуваат логиката кај учениците во пониските одделенија, објаснува раководителот на Центарот.



Центарот ќе функционира во неколку сегменти.

• Дневен престој - наменет за згрижување, забава и едукација на ученици чии родители имаат зголемени работни обврски. Едуцираниот кадар овозможува креативно и осмислено искористување на времето. За сите оние на кои им е потребна помош при совладувањето на наставниот материјал или пишување на домашните задачи, професорите ќе бидат на располагање за да насочат, да советуваат и да помогнат.



• Следење и помош во совладувањето на наставните материјали за учениците од основното и од средното образование – математика, природни науки (физика, хемија, биологија). Воедно, по овие предмети нудиме и подготовка за државна матура.

• Јазични курсеви – англиски, германски, француски јазик и албански јазик.



• Саботно згрижување – каде што преку осмислена забава и креативна игра, растоварени од секојдневните училишни обврски, се остварува поинаков вид едукација на децата.

• Доедукација за наставници, на кои со разновидни работилници им се овозможува тематското следење на наставниот материјал што се предава во училиштата. На тој начин тие го поткреваат својот квалитет во водењето на наставата. Овие обуки за наставниците ќе се реализираат во соработка со асоцијацијата на наставници „Дидакта Нова“.



На прашањето дали ваков начин на едукација ќе помогне децата и младите да се оттргнат од претераното користење на компјутерите, таблетите и други технолошки направи, Шошкоски објаснува:



-Технологијата самата по себе не е нешто лошо и сметам дека не треба да се избегнува. Но, вистинското прашање е дали ние како родители ги насочуваме нашите деца правилно да ја користат. Прекумерната и неправилна употреба на технологијата ги прави децата да бидат осамени, несоцијализирани, збунети и со неискористени креативни потенцијали. Ние се трудиме да го промениме тоа. Дополнително, истражувањата покажуваат дека учениците што имаат и најдобри резултати на меѓународните ПИСА-тестови ги користат ИКТ-технологиите и вон училиштето, но за образовни цели наспроти исклучиво забавни. Нашите активности се насочени кон тоа децата да стекнат знаења низ забава и игра, да се развијат нивната фантазија и креативност, да се здобијат со поголема самодоверба, притоа социјализирајќи се со нивните врсници. Учење магионичарски трикови, кујнски експерименти, драматизација на басни и бајки, креативни работилници, социјализација, бонтон преку игра се само дел од активностите што се планирани да се работат со децата. Ние сметаме дека некои работи не се учат (само) во училиште – вели Шошкоски. 



Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура