X
 15.09.2017 Интервјуа

Интервју со Иван Поповски: Станав режисер со втората претстава, што беше полоша од првата

Сѐ повеќе си мислам дека ќе дојде време кога театарот ќе биде тоа место каде што луѓето ќе можат да бидат самите со себе, тогаш можеби нема да има потреба од други димензии, може ќе треба да зборуваме за многу едноставни работи. И нема да се плашиме од моментот дали ѝ е досадно на публиката.



„Иван се враќа дома“ – симболичен и сугестивен наслов на првиот фестивал посветен на творештвото на Иван Поповски, режисерот од Македонија, меѓу најдобрите во Русија. Три претстави во шест дена во продукција на реномираниот московски театар „Мастерскаја Пјотр Фоменко“, каде што тој го остава својот печат речиси четвртина век. „Алиса зад огледалото“, „Отровната туника“ и „Сон на летната ноќ“ креираат колаж од претстави од обемниот опус на Поповски, кои од 16 до 23 септември ќе бидат изведени на сцената на Македонскиот народен театар. Фестивалот го организира матичниот театар на Поповски, во партнерство со МНТ, а е целосно поддржан од ВТБ, банка која со години е мецена на „Фоменко“.

Ни повеќе ни помалку, токму „Сон на летната ноќ“ што ќе ја видиме во Скопје во 2015 година ја доби највисоката театарска награда во Русија, „Златна маска“. „Алиса зад огледалото“, пак, беше наградена со „Златен витез“ за најдобра претстава за деца.

Поповски го очекува активна есен, работи на операта „Боеми“ од Пучини, чија премиера се очекува во ноември.

Факултети.мк: Избравте и симболичен наслов на фестивалот. Заминавте од Македонија, ама никогаш не „расчистивте“ со неа. Дали сте возбудени пред публиката во Скопје, која Вашите гостувања секогаш ги наградува со многу љубов?
-Како што не сум расчистил ниту со Русија, така ниту со Македонија. Моето е постојано враќање и заминување. Насловот на фестивалот за некои е алузија на „Леси се враќа дома“, „Чернодрински се враќа дома“, a за некои, дека Иван се враќа дома засекогаш... Ниедно од тие не е докраj точно. Ако се навратам, кога „Авантура (Казанова)“ во 1997 година учествуваше на Авињон, мислам дека имав помалку трема таму отколку во Скопје. Исто е и сега. Најверојатно е поврзано со тоа дека сум дома. Од една страна, е многу радосно, а од друга, обврзува. Мислам дека станав режисер со мојата втора претстава, која не беше нешто многу успешна. Првата имаше многу голем успех. Во еден момент имав 39 понуди за правење претстави и во Русија и надвор од неа, а имав 22-23 години и уште студирав. Многу е лесно човек да се изгуби, а јас почнав да се губам. Кога човек почнува да размислува за тоа дека првото што го направил било добро, се оптоварува следното да биде уште подобро и поголемо. Критиката не ја направи втората претстава лом, ама јас си знаев. Така, уште на самиот почеток имав две тотално различни ситуации. И мојот учител велеше дека многу е поопасен успехот од неуспехот, a неуспехот некогаш многу поважен од успехот. Така и со македонската публика. Се прашуваш дали ќе ги задоволиш нејзините очекувања, а полошо од изневерени очекувања - нема.

Факултети.мк: Сигурно не е едноставно да се избере што од својот опус да се претстави пред домашната публика. Како го направивте изборот на претставите? Дали внимававте да бидат поедноставни за да се донесат?
-Овие се можеби најкомплицираните претстави што ги имаме на репертоар. Сакав да донесеме уште една, ама беше невозможно, затоа што луѓето што играат во претставите се потребни и на сцената во Моска, каде што сезоната почна пред неколку дена. Директорот дури сакаше да донесеме само две претстави, се сомневаше за „Алиса зад огледалото“ зашто никогаш не излегла од театарот и е комплицирана за гостувања. Јас инсистирав да ја имаме, зашто во Македонија често гостуваат претстави за возрасни (МОТ, МНТ-фест, Охридско лето), а многу ретко и детски.



Ми беше дилема како ќе оди со превод. Во Москва се консултирав со Фестивалот за детски претстави „Гаврош“, кој е најдобриот начин за да се реши преводот и да комуницира добро со децата. После различни експерименти, тие ми рекоа дека синхронизираниот превод со слушалки е најдобар. „Отровната туника“ ќе се игра последен пат. Таа има толку железна форма и може да се игра уште 100 години, но работата е во тоа што во театарот понекогаш актерите jа надминуваат возраста на ликовите што ги толкуваат. Се договоривме дека заедно ја почнавме и заедно ќе ја завршиме, а може да се случи и да најдеме друго решение за претставата да опстане.

Факултети.мк: Што значи „Мастерскаја Пјотр Фоменко“ за Вас?
- Можеби ќе звучам патетично, ама „Фоменко“ мене ми е целосен пресврт во животот. Комплетна промена, од факултет до создавање на тој театар, па сè до денес. И како школа, како искуство, дом, растење, не само професионално, пред се со нашиот учител Пјотр Фоменко и со целата екипа со која студиравме.

Факултети.мк: Би им го пренеле ли Вашето искуство на студенти?
-Пред неколку години почнав да размислувам и тоа ми беше добар знак дека сум почнал да стареам. До пред извесно време мислев дека уште учам и дека немам што да споделувам. Од оваа година прифатив да водам своја класа на Руската академија за театарски уметности-ГИТИС, на која и јас завршив. Тоа се вонредни студенти за оперско пеење и оперски режисери. Од студентите што ги имам по оперска режија, за еден-двајца сум сигурен дека ќе работат и драмски текстови. Операта не може да им пречи да направат драмска претстава, таа само може да ги збогати.

Факултети.мк: Класиката најчесто е Ваш избор и ретко посегнувате по нова драматургија. Не им верувате на современите автори?
- Современите драмски текстови што дошле до мене најчесто се занимаваат со тоа што нè опкружува. Најчесто се многу црни или премногу социјални или поврзани со дневна политика, со проблеми што нè опкружуваат, нема поезија во нив. Мојот театар е, сепак, некој друг, паралелен свет, некоjа друга димензиjа. Дури и кога се зборува за некои работи што се многу обични, јазикот треба да биде поинаков од тој што го зборуваме на улица. Сигурно постои таков драматург, ама до мене не дошол.



Од друга страна, пак, сè повеќе си мислам дека ќе дојде време кога театарот ќе биде тоа место каде што луѓето ќе можат да бидат самите со себе, тогаш можеби нема да има потреба од други димензии, може ќе треба да зборуваме за многу едноставни работи. И нема да се плашиме од моментот дали ѝ е досадно на публиката. Кога го работев „Идиот“ во Загреб (2012), претставата требаше да ја направам за два и пол месеца. Ја почнав без идеjа за костими, без адаптација, главниот актер беше во болница. Имав напорен процес и во целиот тој хаос, една глумица ми рече: „Ти препорачувам да одиш во кино, филмот можеби ќе ти биде досаден во првите 15 минути, ама немој да излезеш“. Не знам зошто, ама ја послушав. Гледав филм два и пол часа, кој во некои сцени режисерот или камерманот како да ја заборавиле камерата и пет минути ништо не се случуваше. Додека го гледав филмот, сфатив колку одамна не сум си посветил олку време самиот себеси. Во такво време живееме што немаме кога да бидеме самите со себе и да размислиме за едноставни работи. Сѐ повеќе си мислам дека ќе дојде време кога театарот ќе биде тоа место каде што луѓето ќе можат да бидат самите со себе, тогаш можеби нема да има потреба од други димензии, може ќе треба да зборуваме за многу едноставни работи. И нема да се плашиме од моментот дали и е досадно на публиката.

Факултети.мк: Не работите премногу претстави за кус период. Сметате ли дека секој режисер самиот треба да решава колку ќе одмора помеѓу два проекта?
--Тоа е индивидуално. Јас најчесто правам една претстава годишно. Сум режирал и по две или три, ама ретко. По „Мајсторот и Маргарита“ во МНТ чувствував голема исцрпеност и година дена после тоа немав направено ништо. Се изморив. И самиот материјал е огромен и комплициран, сложена сценографија и огромна екипа. Сигурно дел од тие маки ќе ги немаше да ја работев во театарот каде што работам долго време и ги знам работите однатре. Во целина сум многу задоволен од тоа како претставата излезе на крајот и многу сум незадоволен од нејзиниот живот на репертоарот.

Факултети.мк: Дали системот во Русија ви дозволува да работите подолго на претстава?
-„Алиса зад огледалото“ ја работев година и нешто. „Сонот на летната ноќ“ јаработев седум-осум месеци. „Отровната туника“ ја работевме два и пол месеца, што за мене е релативно краток период. Не е во сите руски театри така, ама нашиот директор Андреј Варабjов изнаоѓа волшебни начини како да не не ограничува ниту во фантазирањето, ниту во времето...



Тука имаме се разбира огромна поддршка од нашите мецени и спонзори. „Фоменко“ е градски театар, една третина се финансира од градот, една третина од мецени и спонзори и една – од продажба на влезници. Апропо репертоарната политика на театрите во Македонија, каде што понекогаш имаш чувство дека е важно само да се штиклира дека некој проект е направен и дека одговорноста и задоволството од правењето на претставата завршува со премиерата. Од друга страна, во Русија навлегува некој систем на мерење на театарската дејност низ статистики и бројки. Факт е дека некои работи треба да се променат, ама бројките понекогаш може да не одведат кон комерцијализација, односно да оди во правец на шоу бизнисот. Тоа би било погубно за театарот како уметност.

Факултети.мк: Имаме ли во Македонија актери за големи проекти?
-Македонија има многу добри актери. Но, ако ги споредувам македонските театри со „Фоменко“, наоѓам една клучна разлика. Театарот е сепак тимска игра. Добрите фудбалери не ја гледаат топката, ами гледаат на кого да му подадат. Во „Мастерскаја...“ имаме направено 60-ина претстави, мислам дека во ниедна претстава глумците не се поклонуваат еден по еден.. Тоа зборува за многу работи. Тие излегуваат како екипа, ансамбл, не работат улога, ами претстава. Тоа е голема разлика. Во оваа смисла, „Фоменко“ е посебен, не само во споредба со македонските театри, ами и повеќето руски театри. Мислам дека успеавме да направиме тим во „Мајсторот и Маргарита“, ама не докрај.

Факултети..мк: Верувате ли дека од лош драмски текст може да се создаде добра претстава?
-Веројатно може, зависи колку е лош текстот. Порано велеа дека добар режисер и добра екипа би можеле и телефонски именик да изрежираат. Јас се откажав од проект во Германија со огромен буџет, поради, за мене, катастрофално лошиот текст. И од генијален текст може да не излезе претстава. Имав понуда да го работам „Мизантроп“ од Молиер во МХАТ. Иако ми е јасно дека текстот е генијален, не ми е мој. Затоа и многу тешко избирам текстови. Еве и во мојот театар ме чекаат речиси две години за да работам претстава. Во Театарот на Камбурова две години зборуваме за проект за Тонино Гуера, сценаристот на Фелини, на Антониони... Бев дури и кај Лора Гуера (неговата вдовица), таа ги изгледа сите мои претстави, разговаравме многу, ми даваше текстови што не се преведени на руски. Бевме на неговиот имот во прекрасно мало место во Италија, Пинабили, многу работи ме фасцинираа и на моменти не ми се веруваше дека мене ми се случува, дека на исто место седеле Мастројани, Фелини, Антониони... И две години не можам да ја смислам претставата, едноставно не ми легнува.

Факултети..мк: Имате ли претстава од која не сте биле задоволен?
-Постојано има нешто што може да биде подобро и обично велам дека во целина било добро. Нема таква претстава од која целосно не сум задоволен. Имало такви што немале шанса да се родат, пред да застанат на нозе. Таква ми е „Роберто Зуко“(ХНК-Сплит) и сакам пак да ја работам.

Факултети.мк: Сакате да режирате детски претстави. Зошто оваа публика не се сфаќа доволно сериозно?
-Многу сакам да работам детски претстави. Можеби во Русија ќе работам повторно претстава наменета и за големи и за мали. А има шанси и во Македонија да се случи детска претстава кон крајот на наредната година. Детските претстави треба да бидат државна мисија , а и мисиjа на режисерите. Треба сериозно да се работат детски претстави. Живееме во таква земја опкружени со убавината на природата, со езера, реки, залези, а уметноста е значаен дел од дополнувањето на ова градење на критериуми, репер за убавина, за градењето на личноста, особено кај децата..
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Интервјуа