X
 19.09.2017 Наука

Најдолгото психолошко истражување спроведено врз генијалните деца - еве ги резултатите

dete
Фото: Pixabay

Обемното истражување наречено „Study of Mathematically Precocious Youth“, или скратено „SMPY“, траело 45 години. Започнало уште во 1971 година, а истражувачите ги следеле најпаметните 5.000 деца во Америка, односно најдобрите 1, 0,1 и 0,01 отсто од сите студенти. Ова е најдолгото истражување во историјата во кое се вклучени надарени деца.

Еден од најважните заклучоци е дека дури и на најинтелигентните деца, со највисок коефициент на интелигенција, им се потребни учители и наставници (и родители) кои ќе им помогнат да го достигнат нивниот потенцијал.

Ова се најважните резултати од истражувањето.

Не изненадува: 1, 0,1 и 0,01 отсто од децата живеат исклучителни животи

Што значи тоа? Како што вели истражувањето, високо интелигентните деца завршуваат факултети и докторати, а повеќето од нив спаѓаат во оние 5 отсто што земаат огромна плата. „Без разлика дали ви се допаѓа или не, овие луѓе навистина го контролираат нашето општество“, вели Џонатан Вај, психолог во „Програма за откривање на талентот“ на Универзитетот „Дјук“.

Децата-гении не добиваат доволно внимание

Проблемот е што генијалните деца често добиваат малку внимание од нивните наставници, кои не ги земаат предвид бистрите ученици за кои мислат дека веќе го постигнале својот потенцијал.

Како што покажува истражувањето, на часовите главно им се помага на послабите ученици за тие да можат да напредуваат. Затоа истражувањето предлага индивидуална програма што би одговарала на секој ученик.

„Прескокнувањето“ одделение може да помогне


За да им се помогне на децата да го достигнат нивниот целосен потенцијал, наставниците и родителите треба да земат предвид дека надарените деца би можеле да одат во повисоко одделение, предлага истражувањето. Сигурно дека сте слушнале како некој завршил две одделенија за една година или две години од факултетот ги исчистил за помалку време отколку што е предвидено.

Истражувањето покажало дека оние деца што прескокнуваат одделенија подоцна имаат поголеми шанси да запишат докторат или да добијат друга диплома, и двојно поголеми шанси да добијат докторат од област поврзана со науката, технологијата, инженерство или математика.

Интелигенцијата е разновидна

Да се биде паметен не значи само да се има способност за добра меморија или за сметање. Во текот на повеќе анализи е уочено дека некои од најпаметните деца имаат висок капацитет за снаоѓање во просторот.

Овие деца имаат талент за визуализација, на пример, на човечкиот крвоток или аномалиите на автомобил. Токму ваквиот вид интелигенција подоцна доведува до одлични резултати во работата.

Негување на способностите


Психологот Керол Двек дошол до заклучок дека успешните луѓе негуваат ментален склоп кој тежнее кон напредување за разлика од „фиксираниот начин на размислување“. Тие себеси се гледаат како флуидни, односно како личности што се менуваат и приспособуваат. Накратко, не се статични.

Истражувањето покажува дека најраните знаци на когнитивна способност може да предвидат како подоцна ќе живее личноста.

Имајќи го на ум, им се советува на родителите и на наставниците да се обидат порано да ја препознаат способноста и да ја негуваат колку што можат.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука