X
 20.09.2017 Здравје

Најсмртоносните незаразни болести во светот

monitor
Фото: iStock

Светската здравствена организација предупредува за незаразни болести кои се причина за најмногу смртни случаи во светот, и ги повикува земјите да ги засилат напорите за да ги постигнат целите поставени во 2015 година.

Во својата прва евалуација СЗО наведува дека светот не е на пат кон реализирање на целите поврзани со намалување на стапката на смртност од незаразни болести до 2030 година.

„Постигнат е напредок, но доста ограничен“, вели Даглас Бечер, директор на одделот за превенција на незаразни болести на СЗО.

Тој додава дека е неопходна итна акција.

Незаразните болести убиваат повеќе од 40 милиони луѓе секоја година, од кои 15 милиони се на возраст помеѓу 30 и 70 години. Повеќе од 80 отсто од овие смртни случаи спаѓаат во категоријата „предвремени“.

Најголемиот виновник за 17,7 милиони смртни случаи годишно се кардиоваскуларните болести. На второ место е ракот со 8,8 милиони смртни случаи, респираторните болести со 3,9 милиони и дијабетесот со 1,6 милион луѓе.

За да се измери ефикасноста на борбата против незаразните болести, СЗО поставила 19 цели, вклучувајќи го и покачувањето на цените на тутунот, усвојувањето на националните политики во однос на потрошувачката на сол и промоцијата на доењето.

Во извештајот се наведува дека најголем напредок е забележан во Костарика и Иран, со исполнети 15 од 19 цели. Потоа се Бразил, Бугарија, Турција, Велика Британија, Финска, Норвешка, Саудиска Арабија и Тајланд.

Ниту една цел не исполниле Ангола, Екваторска Гвинеја, Гвинеја Бисао, Јужен Судан, Сано Томе-и-Принсипе и Микронезија.

Според извештајот, Македонија има реализирано само 4 од вкупно 19 цели, и тоа: „Податоци за смртноста“, „Политика за намалување на цигарите“, „Јавно образование и кампања за подигнување на свеста за физичката активност“ и „Упатства за управување на случаи на рак, кардиоваскуларни болести, дијабетес и хронични болести на органите за дишење. Во нашата земја 95% од смртните случаи се предизвикани токму од незаразни болести.

Целосниот извештај можете да го погледнете ТУКА.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје