X
 22.09.2017 Образование

Образованието НЕ Е БЕСПЛАТНО, родители опремуваат училници и купуваат средства за хигиена

Анкетата на Факултети мк. во која побаравме од родителите да ни напишат што им недостига на децата за нормална настава и што од страна на училиштата им е кажано да обезбедат во почетокот на оваа учебна година покажа поразителни резултати. Списоците ќе ги испратиме и до општините и до Министерството за образование и наука, институции под чија надлежност се основните училишта во Македонија.



Клима-уреди, шкафчиња, печатачи, тонери, фиокари, телевизори, компјутери, дивиди-плеери, радио, завеси, закачалки, теписони, до донации за спортски сали, пари за обезбедување на училиштето, за бојадисување и целосно реновирање на училници со менување на подот... Се чини дека родителите на учениците се тие што го финансираат образованието на децата, а не локалната и централната власт, бидејќи сето ова било побарано да се обезбеди од нивна страна во стотина училишта во цела Македонија.

Анкетата на Факултети мк. во која побаравме од родителите да ни напишат што им недостига на децата за нормална настава и што од страна на училиштата им е кажано да обезбедат во почетокот на оваа учебна година покажа поразителни резултати. Покрај уредувањето на самите училници, од бојадисување до купување инвентар, родителите редовно обезбедуваат и средства за хигиена, од сапуни до тоалетна хартија, како и материјал за печатење, кој им е потребен на наставниците за секојдневна работа со наставните ливчиња.

Родители од цела Македонија ни одговорија што точно недостига во нивното училиште, а ние списоците ќе ги испратиме и до општините и до Министерството за образование и наука, институции под чија надлежност се основните училишта во Македонија. Се надеваме дека локалните власти и централната власт конечно ќе се договорат кој треба да ги купува мебелот и електронските уреди што се потребни за настава, а кој тоалетната хартија и сапунот. Вака, образованието е сè само не бесплатно.

Добивме само неколку одговори во кои родители тврдат дека во нивното училиште сè обезбедува самата институција и дека тие ништо не купуваат. Ова докажува дека парите што МОН и општините заедно ги обезбедуваат за училиштата може да ги ослободат родителите од дополнителни трошоци и децата да добијат реално бесплатно образование.

На нашата анкета одговори добивме од родители чии деца учат во училишта во сите општини во град Скопје, потоа од училишта од Кочани, Велес, Битола, Штип, Гевгелија, Струмица. Речиси и да нема град или општина која го нема овој проблем, што покажува дека е потребно системско решение за истото.

Еве ги пораките од неколку родители:

„Сакам да појаснам дека нештата не се бараат веднаш на почетокот, туку постепено во текот на учебната година. Тоа се најразлични нешта еве, на пример, минатата година беше униформи (чиј модел не е стандарден, туку секоја година различен крој и боја), средства за хигиена, завеси, фонд за фотокопирање, обележување ден на морковот (што носи со себе подготовка на храна, соодветни садови и облека и маски за децата), панаѓури и продажни саеми и слично каде што по два пати ги плаќаме нештата. Еднаш купуваме за детото да „продава“ нешто и уште еднаш за да „купат“ во просек по триста до четиристотини денари за секое дете посебно. Средствата наводно за реновирање на училницата и купување видеобим, не се случи ни едно ни друго... Ако се пријави во Министерството, како што имаше случај, се бара од родителите писмена согласност во која се изјавува дека сето тоа е самоволно на барање на родителите“.

„Купуваме клима, шкафчиња, веќе втор печатач, тонери, целосно реновирање на училницата со менување на подот, бојадисување за по неколку години да ги преместат децата во друга училница и да кажат дека сè што е купено е сопственост на училиштето и ништо не смее да се изнесе од таа училница. Бадијала дававме пари и за правење шкафчиња за децата, не дозволија да им ги пренесеме во другата училница. Купуваме и топови хартија по минимум 2 од секое дете, тоалет хартија, бришачи, сапун“.

„Освен клупи, столчиња и закачалки, нема ништо друго во училницата. Нема ниту едно шкафче каде што би ги чувале книгите и другите потребни материјали“.

„Наставниците не побараа ништо од нас, но самите родители од желба да ги подобрат условите често знаат/знаеме да претераат/претераме, па на листата на потребни работи влегоа: клима-уред, чешма со лавабо и регулирање на довод и одвод за истата, шкафови за книгите за децата, нова табла и слично, што грубо би било по околу 4.000 денари од дете. Револтира тоа што редовно плаќаме даноци, а се соочуваме со дополнителни трошоци за средства кои не се наша должност да ги снабдиме“.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование