X
 22.09.2017 Технологија

Програмирање за деца: апликации за учење, размислување и креативност


Девојче игра на таблет
(Фото: Pixabay)


Еднаш Стив Џобс рекол: „Сите би требало да научиме да програмираме бидејќи програмирањето нè учи како да размислуваме“.

Без разлика на тоа дали вашето дете покажува интерес за информатика или не, работата на компјутер и технолошките иновации нема да го одминат во текот на животот. За среќа, денешните деца без претходно знаење ја користат технологијата со голема леснотија: сосема им е природно да ги користат паметните телефони и таблети за забава, а технологијата со сигурност ќе биде и неизоставен дел од нивната работа, без разлика со што ќе се занимаваат.

Едноставните апликации и онлајн-програми за учење програмирање приспособени за деца од различна возраст ќе ја поттикнат нивната љубопитност и ќе ги научат на основите на компјутерската наука низ игра и истражување. Додека ја програмираат играта што самите ја осмислиле истражувајќи ја програмата и нејзините можности, ќе се забавуваат и ќе учат, ќе откриваат нови начини на решавање проблеми и ќе размислуваат надвор од кругот.

Ви споделуваме водич низ апликациите и онлајн-програмите наменети за различни возрасти, кои можете да ги пробате со своите деца.

Програмите за најмладите се насочени повеќе на графика и едноставни елементи отколку на самото кодирање. Се препорачуваат за деца постари од осум години, но соодветни се за сите деца што разбираат причинско-последична врска и покажуваат интерес за компјутери.

Daisy the Dinosaur

Оваа бесплатна апликација е наменета за корисниците на ајпед. Многу е едноставна и од децата бара да го водат диносаурусот Дејзи низ различни предизвици.

Code Combat

Бесплатна веб-програма наменета за деца од пет до 17 години. Низ игра децата ги учат програмските јазици Python или JavaScript, почнуваат од наједноставните нивоа на играта, а секоја наредна од нив бара покомплексна работа и кодови.

Kodable

Бесплатна основна програма наменета за деца од четири до 11 години, а низ лекциите адаптирани на возраста ги подучува на основите на компјутерската наука. Децата почнуваат со игри приспособени за претшколска возраст и напредуваат до пишување едноставни JavaScript програми. 

Програмите за деца постари од осум години се засноваат на drag-and-drop интерфејс со блокови за кодирање. Приближно како лего-коцки, само со кодови. Секој блок содржи наредба, а со нивно сложување како кај лего-коцките, децата ги придвижуваат ликовите во анимацијата или играта.

Hopscotch

Бесплатна програма за ајпед, претставува визуелен вовед во програмирање за деца од осум до 12 години. Апликацијата има ограничен број опции приспособени за почетници.

Scratch

Бесплатна веб-програма, проект на Универзитетот МИТ, наменета за деца од осум до 16 години, а ја користат и учители и родители низ светот. По принципот drag-and-drop, децата изработуваат анимации, интерактивни приказни и игри. Нуди многу повеќе опции од Hopscotch, а проектите на своите деца можете да ги сочувате или да ги споделите на страницата.

Stencyl

Бесплатна програма за „Виндоус“, „Мек“ и „Линукс“, слична на Scratch, но осмислена исклучиво за изработка на игри, а функционира на сите платформи (iOS, Android, Flash, HTML5, Windows, Mac). Ја нарекуваат една од наједноставните платформи за изработка на игри, а на децата им е привлечна и поради квалитетната графика.

Codecadamy и Khan Academy

Бесплатни, интерактивни, онлајн-програми за деца од осум и повеќе години. Меѓу подобрите се алатките за учење кодирање, бидејќи на поделен екран, детето ги гледа промените што се случуваат при неговите потези. Codecadamy подучува на основите на web, jQuery, JavaScript, Python, Ruby, PHP…

Робустните алатки за кодирање, наменети за повозрасните деца, се фокусираат на кодирање и на визуелен приказ на начинот на кој функционираат.

App Inventor

Оваа бесплатна веб-програма е поранешен проект на „Гугл“ кој го презеде Универзитетот МИТ. Се заснова на drag-and-drop блокови, но ги вклучува секоја метода, функција и други елементи на кодирањето кои се користат за креирање апликации за Андроид. Имено, со играње во App Inventor ќе направите апликација за Андроид. Програмата е понапредна, а интерфејсот не е соодветен за помали деца. Се препорачува за деца постари од 12 години.

Alice

Бесплатна програма за „Виндоус“, „Мек“ и „Линукс“, користи drag-and-drop блокови и 3Д-програмска околина. Понапредна и одлична за постарите деца бидејќи можат да го гледаат кодот зад своите проекти.  
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија