X
 29.09.2017 Колумни

КОЛУМНА: To be, or not to be?

Колумна на Викторија Митевска

Редици од млади, надежни луѓе. Долги колони од луѓе со желба да се образоваат, да станат академски граѓани. Сите имаат замисла за иднината, за она што ги очекува понатаму. Најголем дел од нив сè уште живеат во школката на нивните родители, зависни во секоја смисла. И затоа, настапуваат со страв од осамостојување и прашањето: Што ако не се снајдам, ако не успеам? Но не сите мислат вака. Има и отворени умови, ослободени од родителските стеги, дојдени да уживаат во младоста и лудилото кое го носи студентскиот живот.



Дали овие млади луѓе знаат што ги очекува? Имаат замисли, да, но дали вистински знаат што е реалноста?

Младост и лудост. Живеат во таканаречен ,,совршен“ свет сè додека некој не им го сруши. Млади се за да ја запознаат суровата страна на животот, но ќе ја запознаат полека, не одеднаш. Да се навратиме на оние што се дојдени по знаење. Тие најтешко ќе бидат погодени. И тие ќе ја запознаат суровата страна на животот. Лесно е кога сме под закрила на родителите, кога имаме кој да нè штити од лошото. Но доаѓа и оној момент кога треба да застанеме сами наспроти сите. Тогаш се вртиме и ја бараме потпората која нè штити, но ја нема. Сами сме. Оставени сме да одлучиме што сакаме и што ќе правиме понатаму. Не постои еден пат, ги има многу. Изборот е наш. Сега повторно двоумење и запрашување – Како да се избере правилно? И што ако згрешиме? Тоа е прашањето кое е околу нас постојано – To be, or not to be?

Секојдневно запознаваме нови луѓе, се дружиме и учиме. Се осознаваме и самите себе – до каде може да одиме. Полека ќе го засакаме тој начин на живот, ќе уживаме сè до првиот проблем што ќе ни се појави. Следува и тежок период – паѓање на испит, добивање помала оценка од заслужената, па дури и некој љубовен проблем со саканата личност. Потоа веќе се навикнуваш. Првиот пад е најтежок, иако сите ни создаваат болка. Но со тек на време и тоа ќе го пребродиме, ќе научиме да живееме со неправди или уште полошо – ќе се навикнеме на нив како на нешто нормално. Но дали е така? Па дали е во ред во модерно општество образованието да се заснова на некои нови и за нас туѓи вредности, да не се почитува и вреднува знаењето? Да мислиме дека неправдата е нормална појава?
И после пак се виновни младите. Тие се оние што го напуштаат домашното тло барајќи правдина.

Останува да се надеваме дека нешто ќе се смени, но и да работиме на тоа. Да, треба да работиме за нештата да одат на подобро, потребна е храброст и истрајност. Убаво е да се задржи таа замисла која ја имаме, но за тоа мора да се потрудиме. Ако некој не е спремен за тоа, нека се откаже. Зошто само бараме без да направиме нешто? Како тоа очекуваме и замислуваме нешто, а не работиме на тоа да го оствариме? Мора да се мрднеме од нашата удобна зона, од сигурноста. Да бидеме поинаков студент, поинаков работник кој ќе се бори за правдина, промени, за подобар квалитет, за успех и резултати. Но доста се зборови без аргументи и дела што не се наши. Да не го користиме она што други го направиле или кажале, да создадеме нешто наше. Дело кое сите ќе го почитуваат, прифатливо за сите. Зошто да не? Зарем не е најдобро да сме спремни за сè, за секој предизвик? Време е замислите да се остварат, вратите на светот да се отворат. Младино, што уште чекаш? Време е да ја афирмирате сопствената личност и сопствениот став, гордо да излезете и да се претставите на светот. Вие го можете тоа, вие сте иднината. Само без застанување, продолжете смело, чекорете сигурно.

Автор: Викторија Митевска

Викторија Митевска е магистер по правни науки од областа на граѓанското материјално право. Дипломирала и магистрирала на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Желбата за пишувањето ја има од најмала возраст. И денес слободното време го користи за пишување или читање добра книга. Најмногу сака да пишува поезија, кратки раскази и колумни. Нејзиното мото е дека само преку зборовите може да ги изразиме нашиот став и мислење, како и сето она што го чувствуваме во срцето.
Подготвил: Викторија Митевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни