X
 29.09.2017 Економија

Пред 50 години беа најбогати на светот, а денес страдаат за леб!



Графит во Науру
(Фото: Flickr)


Годините по прогласувањето независност во 1968, островската држава Науру имаше втор по големина БДП по глава на жител, веднаш зад Саудиска Арабија.

На тие острови се наоѓаат кампови каде што Австралијците ги сместуваа оние што се обидуваа да стигнат до континентот-држава со бродови, а според нивните строги закони, немаа дозвола да бидат сместени во Австралија. Наместо да прима бегалци, во изминатите четири години Австралија им плаќала на Папуа Нова Гвинеја и на Науру околу 10 милијарди долари за да ги сместат барателите на азил во кампови на нивна територија.

Најбогатото место на светот

Иако е островска држава, Науру со големина од 21 квадратен километар стигна во фокусот на светската јавност во последните неколку години затоа што стана австралиски остров за сместување бегалци. Островот има многу комплексна историја, а населен е во последните 3.000 години. Најблиските „соседи“ на жителите од тој остров се на оддалеченост од 300 километри, на островот Кирибати.

Во многу текстови се истакнува дека Науру, во 19 век бил германска колонија, а до средината на 20 век австралиски протекторат, некогаш бил најбогатото место на светот. Бидејќи островот е „изграден“ во најголем дел од фосфати, во славните шеесетти години од 20 век речиси целосно бил соголен поради вредниот материјал кој бил извезуван на многубројни светски дестинации.

По прогласувањето на независноста во 1968 година, Науру имал втор по големина БДП, веднаш по Саудиска Арабија. Но како што се трошеле природните ресурси, така се намалувале и средствата, а корумпираните влади кои се ределе една по друга го „истопиле“ богатството на Науру. Потоа следувале години на неверојатна сиромаштија.

Невработеноста е 90 проценти, а жителите страдаат од сиромаштија

Државата буквално остана без средства, централната банка банкротира, нивниот имот во странство беше запленет, а државата стана „рај за перење пари“. Се претпоставува дека руската мафија преку оваа држава „испрала“ милијарди долари, а државните службеници биле сведени на „продавачи на пасоши“. Поради немилосрдното ископување руди, уништен е пејзажот на островот, а на голите камења жителите веќе немаа можност да се занимаваат со земјоделство и производство на храна, како и со други стопански активности. Кога веќе се потрошија фосфатите, невработеноста пораснала на неверојатни 90 проценти.

Деветте илјади жители на островот живеат во мизерни услови. Забележан е голем процент на дијабетес, кардиоваскуларни заболувања, но и загрижувачка дебелина. Науру во 21 век е зависен од меѓународна помош за да може економски да опстане. Затоа и Австралија беше во можност да ја „уцени“ оваа држава да ги прими барателите на азил.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија