X
 30.09.2017 Живот

Како Мери Петрова го победи ракот на дојка: Плачот и насмевката на моето дете ми даваа сила

Нејзината борба со канцерот почнала пред 10 години, кога синчето имало само 10 месеци. Со бебе во рацете морала да се соочува со операции, хемотерапија и зрачења кои ѝ го уништувале телото и ѝ ја парале душата. Но, за среќа, имала сонце кое постојано ја греело. Благодарение на насмевката на сега 11-годишниот Никола, Мери Петрова (41) е жива и здрава и е морална поддршка на многу жени што се соочуваат со оваа болест.



- Плачот и насмевката на моето дете ми помогнаа да победам. Ме будеше од секое тонење од системските дози хемотерапија од кои губев свест. Тој е мојот свет, мојот борец, животот мој – вели Петрова.

На 30-годишна возраст ѝ ја дијагностицирале болеста. Веднаш ѝ ги отстраниле дојката и лимфните жлезди бидејќи имала висок стадиум на рак. - Бидејќи бев многу млада, веднаш ми препишаа хемотерапија, па зрачење. Толку бев млада, што не бев ни свесна низ што поминувам. Иако работев со жени, всушност сѐ уште работам во козметички салон, пред да ми се случи мене, не познавав никоја што се соочила со канцер на дојка. За мене тоа беше нов свет – вели Петрова.

Таа е координаторка за Кавадарци на здружението „Борка“. Тука е за да им помогне на сите што не знаат што е и каква е оваа болест, да им биде поткрепа во борбата до конечна победа. Потенцира дека е важно да се прават самопрегледи, да се открие навреме. Но, според неа, секоја жена треба да знае и каков е патот на лекувањето.

- Треба да се биде свесен за отстранувањето на дел од телото, каква е борбата со хемотерапијата, како треба да се остане психички стабилен и силен. Тоа е тежок предизвик, за секого. Мене, најтежок дел ми беше хемотерапијата. Не знаев што ме чека, не знаев дека толку е мачно, не бев психички подготвена за тоа, иако сум храбра личност по природа. Прифаќам болести, го прифатив тоа дека сум болна, дека ќе ми ја отстранат дојката, дека ќе ми падне косата. Но, моментот со хемотерапијата беше тежок и не знаев како да се борам. Буквално седум дена не станував од кревет после секоја доза – раскажува таа.

За тоа каков борец е Петрова, говори и фактот дека преживеала и тумор на глава, пет години после победата на ракот на дојката. На младите жени им порачува да одат на редовни прегледи, контроли, да немаат страв, бидејќи никој не знае што носи во себе. На оние што се борат со оваа болест им порачува дека не се сами.

- Ние од „Борка“ сме тука за сите нив, да им пружиме морална поддршка, но и помош во лекувањето. Најбитно за оваа болест се позитивната мисла и живот без стрес. Борбата е тешка, но ракот може да се исфрли од телото, а ние да го живееме животот. Секогаш да ја гледаме светлата страна. Поддршката од семејството е исто така многу важна и потребна – вели таа.

Петрова ја победи опасната болест, а истото им го посакува на сите жени што се борат со неа. Порачува да најдат сила во најблиските, како што таа нашла во нејзиниот син.

- Животот е еден, затоа радувајте се. Тежок е, ама е убав – завршува таа.

Петрова, во недела на 1 октомври заедно со илјадници жени, по деветти пат ќе чекори гордо во чест на сите што се борат со оваа страшна болест на маршот „Напред розово“. Со почеток во 11 часот, на Градскиот плоштад во Скопје ќе се одржи симболичниот марш против ракот на дојка.

- Време е за розовата прошетка. По девети пат, да чекориме заедно, гордо, во чест на сите жени што заболеле од рак на дојка, во чест на оние што сѐ уште се борат и во чест на оние што ги загубивме. Ќе победиме, Напред розово – порачуваат организаторите од „Борка“.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот