X
 02.10.2017 Култура

Ексклузивни детали за новиот спот за песна на Тоше: 150 гимназијалци од „Јосип Броз“ попладнево ќе „бегаат“ од часови

Скопската гимназија „Јосип Броз Тито“ денеска ќе ги отвори вратите за снимање спот за песна на Тоше Проески, која ќе биде дел од новиот албум по повод 10-годишнината од неговата смрт. Околу 150 средношколци од оваа гимназија ќе бидат дел од новата видеоприказна за песната „Light the flame“, снимена во Лондон. Дарио Јанковиќ, режисерот на спотот, ни откри дека ова е една од најтемпераментните песни што ги напишал Тоше.



-Таа е на англиски јазик и е една од многуте композиции што Тоше ги остави. Во спотот ќе употребиме и кадри од Тоше додека ја пее песната, снимени во Англија. Има неколку снимки направени кога ја пеел во студио, кои добро се вклопија во сценариото. Се одлучивме во спотот да има многу млади бидејќи така најмногу ќе ја отсликаме приказната на песната – вели Јанковиќ.

Тој објаснува дека сценариото почнува кога учениците бегаат од час, а професорката ги наоѓа во дискотека каде што ја пеат песната на Тоше. Се појавува и дедо, на кој му пречат гласната музика и џагорот на децата.

- Да не откриваме сѐ, но целиот тим сакаше во спотот да има многу деца и да се прикаже нивната младешка енергија, која Тоше толку многу ја сакаше – вели Јанковиќ.

Сценариото за спотот е на Огнен Неделковски, долгогодишниот соработник на Проески, кој за него напиша едни од најубавите стихови.
- Интересно е што по толку создадени песни за Тоше првпат се јавувам како сценарист на еден негов спот. Славен Ристески и Фондацијата „Тоше Проески“ одлучија овој пат мене да ми ја дадат довербата и мислам дека создадов необично сценарио кое го доловува духот на песната „Light the flame“. Предизвикот беше навистина голем. Станува збор за одлична и темпераментна музичка нумера која Тоше ја создал заедно со светски познатиот автор Енди Рајт. Сценариото ја следи приказната која се раскажува во текстот на песната и мислам дека ќе биде одлично прифатена од сите генерации. Идејата на сценариото на најдобар можен начин ја отсликува целата кариера на Тоше. Како и во спотот за песната „Light the flame“, така и во неговата кариера, Тоше е обожаван од огромна маса луѓе, но сепак постојат и такви што се спремни да фрлат камен на омилениот славеј - вели драматургот и текстописец Неделковски.

Додава дека со режисерот Јанковиќ оствариле одлична соработка и се надева дека сите ќе бидат задоволни од крајниот производ, кој премиерно ќе биде емитуван на 5 октомври, на десеттото „Ѕвездено небо за Тоше“ на плоштадот во Скопје, со почеток во 20 часот.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура