X
 02.10.2017 Колумни

КОЛУМНА: Што би му рекло детето кое некогаш бевте на човекот во кој се претворивте?



Колумна на Наталија Тасевска

Се родив многу стар. Имаше една песна во мојата читанка која страшно ме фасцинираше. Се викаше баш така: „Се родив многу стар“. Зборуваше за човек кој се родил многу стар, си ја орал сенката и го живеел животот наназад - од староста кон детството. Таа песна секогаш ме поттикнуваше на размислување и ме тераше да се запрашам дали навистина би било поубаво кога би го живееле животот наназад. Од мудроста на возрасен човек полека да чекориме кон детската чистота и невиност. Сè уште сум млада и верувам во чуда. Наивна сум и верувам дека на оние што се доволно смели да сонуваат соништата им се остваруваат, а оние што се доволно храбри успеваат да живеат со полни гради. Меѓутоа, понекогаш посакувам да го живеев животот наназад.

Се родив многу стар, вели Ренџов. Не, јас не се родив многу стара. Јас се родив многу млада и постепено растев учејќи да живеам „правилно“ и „морално“. Ама сепак посакувам да сум дете барем еден ден од неделата. Посакувам да се навратам назад кон своето и нашето постоење. Посакувам да сум истото она малечко дете кое бев, да си погледнам в очи барем еднаш неделно и да дадам отчет. Не на другите, не на светот. Отчет на самата себе. Да се прашам дали е сè во ред? Дали е ова тоа? Дали се ова моите соништа? Дали и пред некоиси седумнаесет години мечтаев за ова? Се прашувам што би ми рекло детето кое некогаш бев ако случајно го сретнам на улица. Би било ли гордо на моите постапки или разочарано? А вие? Се прашувате ли вие некогаш што би ви рекло вам детето кое некогаш бевте? Ќе ви ги прости ли грешките? Ќе ви ги прости ли гревовите и солзите? Ќе ви ги прости ли здробените черепи кои се резултат на ова што станавме? Ќе ви ги прости ли детето кое некогаш бевте убиствата, љубомората, молкот и нетолеранцијата? Ќе ви ги прости ли парите што ги заработивте или не ги заработивте? Му ги купивте ли сите играчки што тогаш му ги ветивте? Се сеќавате? Му ветивте дека нема да бидете како вашите родители? Дека никогаш своите деца нема да ги принудувате да јадат брокула. А јас пак навистина сакав брокула. Чудак бев, искрено. Му ветивте дека ќе работите помалку, а ќе играте повеќе. Ветивте дека нема никогаш да гледате вести на телевизија, секогаш ќе пуштате цртани филмови.

А погледнете се сега, сте се наоружале со политички пароли, ќе ја оправале државата... Еј, му ветивте дека нема да гледате собраниски канал никогаш, а еве ве вас во собрание исправате криви дрини. Ќе ви го прости ли тоа детето кое некогаш бевте? Имате ли голема маса и здодевни чинии со супа на неа? Или подобри сте од тоа? Заспивате ли мирно пред полноќ со надеж дека Дедо Мраз ќе дојде да ги наполни чизмичките со подароци или секоја вечер ја дочекувате Новата година над црно-бели, здодевни хартии? Ветивте дека ќе се смеете повеќе, ќе трчате, ќе пеете и ќе играте криенка до доцна во ноќта. Да не сте случајно вие таа мајка која од тераса го довикува синот зашто оние „уште пет минути“ поминале или полошо - му пишува порака? Ветивте дека секој втор ден ќе одите во луна-парк и дека ќе останете во вода цел ден. Да не сте случајно вие оној лик кој од плажа го довикува својот син да прекине со играта за да не изгори, за да не настине? Заборавивте ли на ветувањата?

И ден-денес понекогаш само, со неколку чекора се навраќам назад. Назад кон моите ветувања. На почетокот на патот каде што лудо мириса на спомени. Да, на почетокот на патот, во шолјите млеко кои ги пиевме секое утро, на тесната патека пред училиштето еднаш кога врнеше, во гумите на црвениот велосипед со кој поминав километри, во пенкалата кои ги гризевме на секој час по математика... А и на онаа маса, во втората текила што ја испивме, па меѓу редовите на матурските тестови, на старата слика од возачка, во парфемот на мојата прва љубов, денес му го памтам само името... На почетокот на оној пат без сообраќајни знаци. Онаму каде што започна сè. Во песокот со кој ги конструиравме нашите први замоци, во пластичниот шприц со кој ги удривме првите инјекции, па старите хартии на кои ги начкрабавме првите рими. Би сакала да го сретнам детето кое некогаш бев. Еднаш само, само еднаш. Да го прашам што понатаму? Да го прашам каде грешев? Да го прашам ќе ми прости ли? Да му ги избришам солзите и да му речам - еј па тоа сум истата јас. Да го соблечам црниот капут, да му ги изнесам аргументите и да се обидам да му објаснам дека секој си има свои причини. А вие? Што би ви рекло вам детето кое некогаш бевте? Би плачело или би се насмеало и би ви стегнало рака продолжувајќи да си гради замоци во песокот дури вашата вратоврска силно ве стега?

Автор: Наталија Тасевска

Наталија Тасевска е студент на Факултетот за eлектротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје. Таа е флексибилна, креативна личност и вели дека одлично го менаџира времето. Почнала да пишува во средно училиште, а се натпреварувала на повеќе литературни конкурси.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни